Tuesday, September 22, 2009

Статии

Овде може да се прочитаат текстови на разни теми кои се изготвуваат од страна на авторите кои работат на страната, но исто така овој дел е организират така што ги очекува вашите текстови кои вие може да ги праќате преку електронска пошта на

amfiteatar.blogspot@gmail.com

Текстовите кои ќе ги праќате најпожелно е да бидат со научна содржина и со нив да се дебатира за одредени проблеми за кои вие ќе го објавите вашето мислење.
Исто така текстовите можат да бидат и со друга секојдневна содржина и на теми по ваша желба но кои го опфаќаат опсегот на општите науки, дневната политика, или секојдневните проблеми.
Редакцијата на amfiteatar апелира да не пишувате текстови со навредлива содржина, и соопштува дека ќе се објавуваат сите текстови кои ќе се испратат доколку одговараат на темите и не се со претерано навредлива содржина.

Вашите текстови кои ќе ги испраќате ќе се објават најдоцна една недела од денот на вашето испраќање.

10 comments:

  1. Државата или индивидуата

    Прашањето дали државата е сама по себе повеќе од нејзините составни делови - индивидуите е прашање кое ги спротиставува демократските и тоталитарните теории за државата.
    Се појавуваат две теории: според првата теорија државата е составена само од индивидуите и релациите помеѓу нив и таа не преставува ништо повеќе од тоа; според втората теорија државата е нешто повеќе од самите индивидуи кои ја сочинуваат и таа може да застапува цели кои не се во согласност со целите на индивидуите кои ја сочинуваат.

    Па така според првата теорија државата е творба која што е составена од индивидуи кои што ја сочинуваат и релациите кои ги поврзуваат тие индивидуи.
    Целите кои се постигнуваат со постоењето и функционирањето на државата се задоволувањето на потребите на составните делови на државата - индивидуите.
    Никоја цел која што ја има државата, според оваа теорија, не може да биде цел која не е во согласност со целите на составните единки на државата.

    Втората теорија тврди дека државата како општествена творба составена од индивидуи може да застапува цели кои се различни од целите на индивидуите, но кои произлегуваат од нивните релации внатре во државата.
    Имено државата како таква навистина не може да се сведе само на прост збир на индивидуи и ова го признаваат двете теории.
    Државата е повеќе од тоа.
    Таа се состои и од меѓусебните релации кои индивидуите ги имаат меѓусебе.
    Основата од која тргнува второто тврдење или втората теорија се всушност релациите меѓу луѓето.
    Таа, втората теорија, на релациите меѓу луѓето им дава поголемо значење отколку што тоа го прави првата теорија, па втората теорија - за предноста на државата врз индивидуата - смета дека индивидуите од кои се составени државите во своите меѓусебни односи формираат еден организам кој како таков преставува повисоки интереси од оние на неговите составни делови.
    Теоријата за предноста на државата над индивидуата како аргумент за поткрепување на своето тврдење го изложува ставот дека самите делови на државата - индивидуите, не би се формирале, на начинот на кој се формирале, доколку би живееле одделени од заедницата. Односно деловите од кои се состои државата сами по себе не го преставуваат истото што се преставува кога тие би живееле во заедница.
    Од ова застапниците на втората теорија го извлекуваат заклучокот дека штом државата не може да се подведе на индивидуите, заради тоа што во хипотетичка ситуација доколку една индивидуа се посматра одвоена од заедницата таа нема да се формира на ист начин и ќе се сведе на животинско однесување, тогаш таа мора да е нешто повеќе од самите индивидуи.

    Првата теорија се противи на заклучоците на втората со ставовите дека човекот како живо суштество неминовно е поврзан во заедница и заедницата е тоа што го формира човекот и дека ставот дека луѓето може да се посматраат во изолациска форма или дека може да се посматраат поединечно не може да биде основан.

    Инспирирано од - Судбината на западниот човек - Валтер Стејс.

    ReplyDelete
  2. Моќ на медиумите да ја изградат или да ја уништат нацијата?


    Медиумите се сигурно еден од факторите за забрзано создавање на нацијата.
    Нациите се создаваат и без нив но тие, медиумите, се јавуваат како катализатори на процесот.
    Оваа функција на медиумите им е примарна заради фактот што нивната конзумација е скоро неминовна (освен ако поединецот живее изолиран од другите - што е утопистички).
    Значи медиумите поседуваат одредено влијание над општествените процеси што всушност е моќ која произлегува од тоа што медиумите на повеќето луѓе им создаваат слика, рамка која пак од нив понатаму се користи за урамување на нивните мислења и ставови.
    Моќ на медиумите да урнат некоја држава?
    Секако дека постои.
    Постои и можеби е најнепознатата од сите моќи, но исто така и најприменуваната од сите моќи.
    „Тоа што очите ќе го видат, ушите ќе го слушнат, тоа умот го верува"- (извадок од „Swordfish" ).
    Медиумите имаат огромна моќ во оваа област, зошто тие се и единствениот начин на доаѓање до информации.
    Формирањето или уништувањето на нација е чисто мисловен и процесс на ставови на луѓето од останатите нации, доколку бираме една (за уништување или создавање нација) .

    Моќта на медиумите се согледува и со фактот дека младите личности се формираат под влијание на медиумите чије влијание е неизбежно. индивидуите кои ги прокламираат подоцна овие личности се всушност одреден дел на нацијата.

    Медијата влијае не само на создавање на нацијата туку и на одржување на националниот дух, преку прикажување на најразлични поттикнувачи на националниот дух чија сила се согледува во ефектите кои ги предизвикуваат, ефекти како што се: имитација, солидарност, бунт, насилие, заедништво и др.
    Како најсвеж и најреален пример може да се наведе војната во Република Македонија во која медијата играше голема улога пред, за време на, и по војната.
    Медијата играше голема улога поттикнувајќи ги причините за започнување на војната, а и во проценувањето на објективната вистина која после и за време на војната се подели по етничка основа, па имавме случки кога за една иста работа македонските медиуми ќе објавеа една, а албанските друга вистина.

    ReplyDelete
  3. Медиумската моќ исто така го потикна и движењето што се нарекува глобализација во светот кое е резултат на зближувањето на целиот свет преку развојот на технологијата, и брзиот проток на информации достапни преку медијата која прерасна во индустрија на извртени податоци заради нечии интереси (се однесува на глобалните медиуми).
    Глобализацијата понесена од виорот на моќта на медиите, се претвори во движење кое ги сплотува културите и обичаите, нормите итн. во еден одреден систем на вредности, кој што е неприроден за културата која се сплотува.
    Како резултат на ова се јавува бунт и кршење на нормите кои се сметаат за туѓи.
    Медиумите и тука вршат големо влијание кое се согледува во тоа што тие постепено ги пренесуваат вредностите нормите итн. од една на друга култура со што полесно се одвива процесот на глобализација.

    Оваа моќ на медиумите е моќта со која може да се уништи една нација самата внатрешно, што е многу потешко отколку другата моќ на медиумите: да се уништи една нација во очите на друга нација, што всушност може да се направи со двајца добри сценаристи и режисер кои се вработени како уредник и новинари во одредена медиумска куќа која емитува програма на поширок дел на некоја одредена територија.
    За да се уништи угледот на одреден нација денес со влијанието на медиумите треба само да се има желба и пари.
    Обичниот човек кој е вработен некаде и нема многу време, сигурно нема да праша за некој друг извор на информации или постоечките што ги добива нема да ги проверува на друга страна, зошто како прво е зафатен за таа работа и како второ не е ни многу заинтересиран.
    Сега еден човек кој добива погрешни информации не е проблем, но што ако тие погрешни информации за одредена нација стигнат до, на пример, 1000 луѓе, или пак 10 000 луѓе, кои заедно со мислењето кое го поседуваат и со нивните ставови преставуваат сила која што менува многу работи.

    Медиумите колку што влијаат добро толку може и да наштетат на општествените процеси.
    Сега ова звучи како медиумите да се некој вид на оружје, но навистина во погрешни раце, медиумите можат да се употребат за многу опасни цели и за подведување на народните маси, конзументи на медиумите, на однесувања кои немаат основа.

    ReplyDelete
  4. Сочувство или себичност

    Теоријата на сочувството заедно со теоријата за предноста на индивидуата над државата и теоријата за предноста на разумот врз волјата се основните теории врз кои се заснова западната цивилизација.

    Теоријата за сочувството се базира врз учењата на Христос и се состои од тоа дека луѓето во човековото општество во односите помеѓу себе треба да се раководат од принципот на сочувство едни за други за да може тоа општество да функционира.
    Оваа теорија не го исклучува постоењето на чувствата на луѓето какви што се себичноста, омразата исл.
    Таа теорија ги објаснува и други чувства како есенцијални чувства кои човекот мора да ги почитува.
    Оваа теорија го застапува тврдењето дека човекот се предводи од сочувството во своите акции, а не дека човекот не треба да има други чуства или дека доколку такви постојат тие се лоши.

    Втората теорија која дијаметрално се спротиставува на првата теорија на Христос, е теоријата на Ниче, која смета дека луѓето во своите акции се поттикнати од желбата за моќ и дека природата на човекот е деструктивна, а сочувството треба сосема да се искорени.
    Оваа теорија е создадена со преголемо потенцирање на теоријата за предноста на волјата пред разумот и тоа со потенцирање дека волјата или желбата за моќ е она што ги движи луѓето во своите акции.
    Валтер Стејс со право го побива овој став со аргументот дека моќ сама по себе не е никаква цел за акциите на луѓето, туку дека таа е посредно средство во акциите на луѓето, средство преку кое се достигнуваат други цели.

    Теоријата на Ниче е поттикната и од теоријата за еволуција на Дарвин.
    Но Ниче смета дека човекот во своето постоење секогаш е во борба за превласт.
    Таквата постојана борба според теоријата на Ниче е она што го прави човекот она што тој всушност е.
    Инструмент на таа борба е себичноста на човекот во однос на другите луѓе.
    Тој смета дека себичноста на луѓето и желбата за моќ се и легитимни нивни инструменти во борбата за моќ во општеството, и дека за сочуството како такво нема место во оваа борба помеѓу луѓето па според тоа сочуството не треба да постои.

    ReplyDelete
  5. Премисите на теориите на Ниче се засновани и врз нееднаквоста на луѓето во нивната природна форма.
    Па така во теориите на Ниче се гледа кога се формираат теориите на нацизмот и теориите според кои една раса е поважна од друга и во теориите дека една раса треба да биде владетел на другите.

    Сметам дека обете теории имаат одредена основа, но дека обете теории во одредена мера не се основани.
    Ова мое тврдење го базирам врз следното:

    Теоријата за постојаната природна борба на луѓето едни против други е основана во делот во кој се базира врз животинскиот инстинкт на луѓето за постојана борба едни против други.
    Оваа борба може да се сретне во животинскиот свет како таква и објаснувањето на Стејс дека и во животинскиот свет постојат суштества кои соработуваат не се одржува пред фактот дека соработувачките суштества се соединуваат само заради борба со други суштества и дека кога ќе дојде до ситуација да во рамките на таквите соработувачки суштества, на пример глутница волци, се јават спротивни интереси, тие се свртуваат едни против други - со што се покажува теоријата на Ниче како основана во голема мера.

    Теоријата дека човекот се води од сочувството, а не од себичноста е теорија која има малку основаност во реалноста.
    Имено луѓето во ситуации во кои преку превласт едни врз други можат да се издигнат и да станат владетели на останатите, тие тоа ќе го направат без разлика на сочувството, и тоа не може да ги спречи луѓето во преземањето на одредени акции.
    Моралните правила и сочуството како такво не ги предводат и не ги ограничуваат луѓето во нивните дејствувања.
    Од ова секако има исклучоци, но тие не се доволни за да се заклучи дека човекот се предводи од сочуството, а воопшто не се базира врз постојаната борба едни со други и себичноста.

    Цивилизациската твроба наречена држава е онаа која ги пропишува правилата на однесување помеѓу луѓето и е онаа која влијае врз луѓето за да тие се предводат од еден или пак од друг принцип.
    Стравот од санкциите кои би можеле да се претрпат за одредено однесување далеку го надмашува стравот од божјите казни исл.

    Сметам дека токму разумното размислување на човекот треба да го оддели од постојаната борба едни помеѓу други и да му помогне да со сочуство ги изедначи разликите помеѓу луѓето, кои како такви постојат и се природна работа.
    Човекот преку разумното размислување е единственото суштество на светот кое може да ја ограничи постојаната борба едни со други и дека тој е единственото суштество кое може да ги превиди разликите помеѓу луѓето со цел да се добие благосостојба на целата заедница - дали тоа ќе се направи или не, тоа е избор кој треба самите да го направиме.

    Инспирирано од - Судбината на западниот човек - Валтер Стејс.

    ReplyDelete
  6. СВЕСНОСТА ЗА ДЕМОКРАТИЈАТА


    Нашата земја во сегашната организациона поставеност постои шеснаесет години како Република Македонија. за овие години постоење едно нешто ни се провлекува низ општеството што според мене е виновно за сите недостатоци кои го прават нашето општество инвалидизирано и неспособно да произведе сила за прогрес доволна за да го понесе нашето општество напред и да придонесе за развојот. Тој недостаток е несвесноста за демократијата на Македонските граѓани.

    Имено моето тврдење го базирам врз однесувањето на граѓаните на нашата земја во процесите кои се одвиваат овие шеснаесет години. Нашите граѓани не можат да го сфатат начинот на функционирање на демократијата како систем. Тоа можеби е резултат што кај нас демократијата на некој начин им се наметнува на граѓаните и ги удира како гром од ведро небо во 91г. Македонецот не се изборува за демократијата, како што тоа го направил Американецот на пример, туку нас демократијата ни доаѓа како еден вид систем кој мора да се воспостави заради тоа што во дотогашниот некој однадвор не убедува дека има нешто труло, а ние го прифаќаме тоа не затоа што веруваме во новиот демократски систем и затоа што сме ги согледале недостатоците на предходниот, туку заради тоа што сме понесени од еуфоријата која владее со дневната политика во почетокот на деведесетите години. Оваа еуфорија наметнува ставови кои го потиснуваат дотогашниот систем и го карактеризираат како лош и непродуктивен, а Македонците го прифаќаат тоа во голема мера и заради тоа што сметаат дека доколку останат во дотогашниот систем тој ќе ги внесе во војните на поранешна Југославија. Не дека дотогашниот систем бил нешто сјајно и дека тој работел без проблеми и недостатоци, такви постоеле и биле сериозни, но Македонецот не ги согледува во својата целост и не ги разбира проблемите на тоа општество и на таа економија. Овие недостатоци на дотогашниот систем се примаат со чудење кај Македонците кога фирмите и претпријатијата за кои тие сметале дека работат нормално почнуваат да пропаѓаат, а целиот општествен систем кој гарантира големи социјални права е неодржлив во отсечената од светот Македонија. Ова е состојбата во која Македонците треба да ја градат својата свест за демократијата и за вредностите на демократијата во која одеднаш живеат.

    ReplyDelete
  7. Демократијата е систем кој не е совршен, но на прво место го става јавното мислење и власта го црпи својот авторитет од народот која ја избира, а функционира заради тоа што народот го обезбедува крвотокот на телото на власта, а тоа се даноците кои ги плаќаат граѓаните. Системот на демократијата ја следи идејата на концептот на договорната теорија на владеење или општествениот договор на Жан Жак Русо според која државата е збир на индивидуи кои ја предаваат својата сувереност над средствата за владење на државата која заради предавањето на тие парчиња власт, од страна на индивидуите кои живеат во државата, ја практицира власта и ги регулира односите во општеството. Па така државата според оваа теорија може да се смета како еден вид услужен центар на граѓаните кој услужен центар се грижи за нив и им пружа услуги, какви што се на пример воспоставувањето на полицијата која се грижи за одржување на редот и заштитата на граѓаните од оние поединци кои сакаат да им го повредат личниот интегритет и на пример да се обидат да ги убијат. Заштитата која ја пружа полицијата во примерот произлегува од граѓаните и во една хипотетичка ситуација во која не постои државата поединецот би ја вршел таа заштита сам со употреба на сила врз оној кој го напаѓа, за да не го прави тоа поединецот сам посебно ја „најмува” државата, со плаќање данок, за да таа го заштити. Значи поентата на примерот е дека државата врши одредени дејствија кои граѓаните ги оттуѓиле од себеси и ја најмиле неа за да ги спроведува таа. Овие дејствија кои граѓаните ги оттуѓуваат од нив самите и й ги предаваат на државата ги сочинуваат сите дејствија на државата, што значи дека државата не може да презема дејствија кои не й се предадени од страна на граѓаните за да ги спроведува. Овие дејствија на државата граѓаните й ги предаваат посредно преку парламентарците кои пак се избрани од мнозинството граѓани, а кои ги уредуваат надлежностите и дејностите кои може да ги врши државата преку донесување на закони. Ова е во кратки црти како функционира демократијата во својата основа. Тоа значи дека доколку во демократијата граѓанинот треба на пример да плати казна за погрешно паркирање, тој таа казна ја плаќа заради тоа што самиот одредил, преку горенаведените механизми, дека таа казна треба да се плати.

    Демократијата, кажано со зборови од облигационото право, е договор склучен помеѓу граѓаните со седиште во државата од една страна и од државата во која престојуваат граѓаните од друга заради спроведување на услуги поврзани со практицирањето на власта.

    Е сега сé е во ред со овој систем кога граѓаните го сфаќаат како договор помеѓу нив и државата и кога тој систем произлегол заради тоа што свеста на граѓаните го донела како заемно потребен и за нив и за државата како тело кое владее со нив и кое неможе да егзистира доколку граѓаните не се согласуваат со начинот на кој владее со нив. Но случајот е сосема поинаков кога граѓаните не се свесни за таа состојба и кога демократијата им дошла одеднаш како гром од ведро небо, а не по нивна волја и разбирање на овие процеси. Ова е случајот со нашата земја и демократијата која се трудиме да ја воспоставиме во неа. Имено никогаш Македонскиот народ не живеел во демократија или во систем кој ги негувал правата на граѓаните и ја почитувал волјата на граѓаните. Македонија низ историјата живее во системи кои тежнеат да ги потчинат граѓаните на власта и системи кои практицираат власт која е тотална и целосна и често, како што е тоа пример со Турското ропство, тиранска власт без скрупули која владее со сеење страв и трепет врз потчинетите под неа.

    ReplyDelete
  8. Најверојатно оваа свест во Македонија и не можела да се развие така лесно. Но денес кога веќе шеснаесет години имаме „демократско општество” ние сепак ги отфрламе како страно тело принципите под кои живее демократскиот свет. Па така во Македонија спроведувачите на државната власт се однесуваат со своите работодавачи, граѓаните, исто како да им се шефови, а граѓаните со своите работници, власта и државата, се однесуваат како спрема работодавачи. Некако улогите на демократското општество во нашата држава се испревртени. Македонецот незнае зошто плаќа даноци на државата, а државата незнае зошто ги зема тие даноци од граѓанинот.

    Демократските општества изгледаат поинаку и некако не се како нас иако ние на секој втор збор го искажуваме зборот демократија. Не за џабе еден Ал Капоне во САД беше затворен најпрвин заради неплаќање данок, а бил нарачател и извршител на многу убиства. Ние ова го сваќаме како нешто што е исклучително чудно и банално, па кај нас се слушаат коментари од типот „човекот извршувал убиства, а за што го фатиле - за неплаќање данок, е голема работа”. Е навистина во вистинските демократски општества неплаќањето данок е голема работа, и не е далеку од вистината наизглед баналната констатација дека „во САД имаш поголеми шанси да се извлечеш со убиство, отколку со неплаќање данок”. Демократските општества навистина ги почитуваат тие принципи и ги подмируваат своите давачки за да си обезбедат практицирање на власта кое ќе го изберат, а државата ги прибира тие давачки и им ја обезбедува власта која ја избрале граѓаните.

    Македонија и нејзините граѓани се сосем друг случај. Кај нас ги немаме овие принципи, и граѓаните не посегнуваат по оние кои прават погрешна алокација на нивните давачки. Граѓаните не посегнуваат по оние кои не ја практицираат власта на начинот на кој тие одредиле со законите. Граѓаните не се спротиставуваат на односот на полицајците, докторите, владините службеници итн. Нашите граѓани прават куп други работи кои се својствени на западните култури, но никогаш не се придржуваат во целост на демократските принципи и никогаш не ја сметаат државата како нивен работник, туку ја сметаат како на некој кој постои независно од нив самите и кој може, доколку самиот тој избере, да ги угнетува и да ги потчинува.

    ReplyDelete
  9. Можеби ова ви изгледа како пресурова констатација, но забележете како самите се однесувате пред полицијата иако ништо не сте згешиле и немате од што да се плашите. Забележете како се однесувате пред државните службеници кои прават „шест” паузи од по „еден час” иако дошле на работа половина час подоцна, а го напуштаат своето место половина час порано, и за да ви завршат работа ги подјмитувате со по 100гр. кафе. Забележете како се однесувате во болниците кога чекате во редови по два-три часа за да го остварите она за што плаќате а откога докторот ќе го заврши она за што вие го плаќате вие му давате „500ден. за да се почести кафе”. Забележете како се однесувате уште во многу други ситуации кога им се потчинувате на оние кои се тука заради вас, а вие не сте свесни за тоа. Може да имаме демократија само доколку сме свесни за неа.

    ReplyDelete
  10. ВОЛЈАТА ИЛИ РАЗУМОТ

    Дилемата дали разумот е она што е поважно во човековите дејствувања заради достигнување на задоволителен живот, или пак тоа е волјата, или желбите, е она што ги спротиставува Платон и Шопенхауер.

    Шопенхауер ги користи Платоновите заклучоци и доаѓа до теоријата дека волјата е она што го движи човекот, а разумот е тоа што й служи на волјата за постигнување на нејзините цели.

    Платон стои на заклучоците дека Разумот е владетелот на волјата.
    Валтер Стејс од ова тврдење го изведува тврдењето дека разумот не може да се смета како владетел на волјата, заради тоа што навистина постојат исклучоци од ова правило на кои пак се базира теоријата на Шопенхауер, но смета Стејс, разумот е многу повеќе од само слуга на волјата - тој е цивилизациска вредност и неможе да се сведе само на остварувач на желбите на човекот.
    Стејс смета дека разумот е и создавач на желбите на човекот, тој е она што ни дава можност да планираме и да создаваме нови работи.
    Од ова тој изведува дека доколку човекот би се предводел само од волјата тој не би бил многу различен од животните и би ги задоволувал само потребите кои му ги наложува волјата, но така не би можело да се дојде до развиток на човекот.

    Описите за разумот и волјата на Платон и на Шопенхауер се преопшти и се обидуваат да ги опишат овие феномени со поимно значење.
    Разумот и волјата се посматраат како целосна категорија во човековиот живот.
    Стејс, пак, се обидува да направи поконкретно толкување на давата поима, но и тој се наоѓа заробен во методите на предходно споменатите и и тој дава општа дефиниција на поимите.
    Конкретно разумот и војлата се испреплетуваат при дејствијата на луѓето.
    Тие преовладуваат едни врз други во зависност од конкретните дејствија кои ги презема човекот во конкретно време.
    Преовладувањето на желбите и волјата или на разумот е конкретна работа и може да се сретне во секое човечко дејствие – т.е. човекот при своите дејствија секогаш се соочува со дилемата дали да го избере разумот или да ја избере волјата.

    Така кога едно дете наместо да разумно размисли за своите дејствија и на пример да учи некоја наставна единица, тоа ја избира својата волја и истото излегува да игра некоја игра.
    Доколку се претпостави една хипотетичка ситуација во која едно дете го следи разумниот пат, а друго во слични услови го следи воплевиот пат, се поставува прашање дали првото е поправилно од другото или обратно.
    Екстремите на првата теорија не доведуваат до ставот дека човекот кој го следи разумниот пат во поголемиот дел на своите постапки во животот се стекнува со повеќе бенефити во животот и тоа следење на разумниот пат му носи подобар живот.
    А екстремата на следењето на волевиот пат не води низ ставот дека: следењето на разумниот пат, заради тоа што не е задоволување на желбите, е одложено задоволување и заради тоа е понеповолно за луѓето;
    па преку тоа до ставот дека следењето на волевиот пат е единственото нешто што може му донесе задоволства на човекот, а секое следење на разумниот пат за сметка на волевиот му носи на човекот незадоволство и дека следењето на овој пат не може да му донесе на човекот задоволства воопшто заради тоа што со следење на разумниоот пат за сметка на волевиот човекот го одложува моменталното задоволство и човекот се става во позиција на чекање на некакво задоволство за кое е дискутабилно дека ќе го добие, а и тогаш кога ќе го добие е дискутабилно дали е производ на следењето на разумниот пат или пак е производ на некоја волева акција.

    Инспирирано од - Судбината на западниот човек - Валтер Стејс.

    ReplyDelete

Note: Only a member of this blog may post a comment.