Tuesday, September 22, 2009

Литература

Во овој дел од страната се врши електронизација на познатите дела од литературата во светот на македонски јазик.

Поради тоа што немаме можност да напишеме поголем број страници од одредени дела, во овој дел од страната ќе се почне со делото Владетелот од Макијавели, од кое ќе се објавува најмалку една глава неделно, а кога ќе се заврши со ова дело ќе се продолжи со пишување на други дела.
Редакцијата на amfiteatar.blogspot.com апелира до сите кои имаат можност да ни испратат на македонски јазик познати литературни дела, или нивни делови, да го направат тоа преку електронска пошта на

amfiteatar.blogspot@gmail.com ,

однапред ви благодариме.

60 comments:

  1. ВЛАДЕТЕЛОТ - НИКОЛО МАКИЈАВЕЛИ

    ПИСМО на Николо Макијавели до Светлиот Лоренцо де Медичи.

    Тие што сакаат да ја придобијат милоста на некој владетел, многу често имаат обичај пред него да излегуваат со она што им е најмило или со тоа што забележале дека му претставува уживање. Затоа многупати е видено како им подаруваат коњи, оружје, чоја проткаена со злато, скапоцени камења и слични украси достојни за нивната големина. Бидејќи јас сакам да излезам пред Вашето Господство со некаков доказ за својата услужност, во својот имот не најдов ништо што ми е помило или што толку го ценам колку познавањето на делата на големите луѓе, стекнато со долго набљудување на современите настани и со читање на старите. Откако многу внимателно размислував за нив, ги проценував и сега ги собрав во оваа мала книга, Ви ги праќам.
    И, иако сметам дека ова дело не е достојно да Ви биде покажано, сепак се надевам дека Вие, со својата добрина, ќе го примите, имајќи предвид дека не можам да Ви дадам поголем подарок освен можноста да можете да го запознаете за многу кратко време сето она што јас го дознав за толку години и со толку свои напори и изложувања на опасности. Ова дело не го украсив и не го пренатрупав со звучни реченици или со надуени и сјајни зборови, или со каков било друг вештачки или надворешен украс, како што имаат обичај многумина; зашто сакав или ништо да не го разубавува моето дело или да го направат пријатно само новоста на граѓата и сериозноста на темата. Не сакам да се смета за суета ни тоа што еден човек со ниско и многу непознато потекло се осмелува да зборува и да расправа за тоа како треба да управуваат владетелите; зашто, како што оние што сликаат земјиште слегуваат во низините за да ја набљудуваат природата на бреговите и високите места и се качуваат на бреговите за да ги набљудуваат ниските предели, исто така треба да биде владетел за да се запознаат добро народите, и да се биде човек од народот за да се запознаат владетелите.

    Значи, Вашата Светлост нека го прими овој мал подарок со ревноста со која јас го праќам. Ако го разгледате и го читате внимателно, тој ќе ви ја покаже мојата силна желба да ја достигнете големината што Ви ја ветуваат среќата и другите ваши особини. А ако Вашата Светлост, од височината на која се наоѓа, некогаш го впери својот поглед во овие низини во кои се наоѓам јас, ќе увиди колку неправедно го поднесувам големото и постојано непријателство на судбината.

    ReplyDelete
  2. Глава I.
    ВИДОВИ ВЛАДЕТЕЛСТВА И КАКО СЕ ОСВОЈУВААТ

    Сите држави, сите владетелства што управувале и управуваат со луѓето, биле и се или републики или монархии. Монархиите или се наследни, ако во нив лозата на нивните господари владее долго време, или се нови. Новите или се сосем нови, како што беше Милано за Франческо Сфорца, или се додадени како делови на наследната држава на владетелот што ги добива, како што е Неаполското кралство за шпанскиот крал. Овие владетелства, вака добиени, или се навикнати да живеат под еден владетел или се навикнати да бидат слободни. Тоа се добива со помош на туѓо или на своето оружје, или со среќа или храброст.

    ReplyDelete
  3. Глава II.
    ЗА НАСЛЕДНИТЕ МОНАРХИИ

    Ќе ја оставам расправата за републиките, зашто еднаш зборував надолго за тоа. Ќе обрнам внимание само на монархијата и ќе расправам за тоа како може да се управува со овие монархии и како може да се одржуваат.

    Значи, велам дека во наследните држави и во оние што се навикнати на лозата на својот владател има многу помалку тешкотии да се зачуваат отколку во новите, зашто е доволно да не се погазат уредбите на предците и за тоа да се управува според настаните; така таквиот владетел, ако е со просечни способности, секогаш ќе се одржува во својата држава ако нема некаква необична или прекумерна сила која би му ја одзела. Па и ако некогаш биде лишен од државата, пак ќе може да ја поврати штом освојувачот ќе го снајде некоја несреќа.

    Ние во Италија го имаме, како пример, војводата од Ферара, кој можеше да се противстави на нападите на Венецијанците во 1484 година, како и на нападите на папата Јулиј X во 1510 година само затоа што неговиот род во таа област отсекогаш бил на власт. Зашто наследниот владетел има помалку причини и помала потреба да навредува, и според тоа, повеќе е сакан; и ако, поради необични пороци, не стане омразен, оправдано е да биде сакан од своите. Најпосле, долгото и вкоренето владеење ги брише спомените на старото и не дава причини за промени; зашто една промена секогаш остава причини за остварување на нова промена.

    ReplyDelete
  4. Глава III.
    ЗА МЕШОВИТИТЕ МОНАРХИИ

    Но тешкотиите лежат во новата монархија. И, пред се, ако владетелството не е сосем ново, туку е како дел од целоста (која речиси може да се нарече мешовита), се раѓаат промени, најнапред поради една природна тешкотија, што ја има во сите нови кнежевства: луѓето со задоволство го менуваат господарот надевајќи се дека ќе им биде подобро, и поради тоа верување се фаќаат за оружјето протв него; но се лажат за тоа, зашто потоа од искуството гледаат дека им е полошо. Ова доаѓа од друга природна и обична потреба која го наведува новиот владетел секогаш да мора да ги угнетува новите поданици како поради војската така и поради безброј други насилства кои новата власт ги повлекува со себе. На тој начин непријатели ти стануваат сите што си ги навредил освојувајќи го тоа кнежевство, а освен тоа, не можеш да ги задржиш како пријатели оние што те довеле тука затоа што не можеш да ги задоволиш до онаа мера до која тие си замислиле и не можеш да употребиш силни мерки против нив зашто си обврзан кон нив; зашто и на оној што има многу силна војска секогаш му е потребна наклоноста на населението за да влезе во некоја покраина. Од овие причини Луј XII, францускиот крал, бргу го зазеде Милано, и веднаш го загуби. За да го загуби првиот пат, беше доволна само силата на Лодовико; зашто тој народ, што му ја отвори вратата на францускиот крал, гледајќи дека се излажал во своето мислење и во идната среќа што си ја замислуваше, не можеше да го поднесе товарот на новиот владетел.

    Цела вистина е дека отпаднатите земји, кога ќе се повратат, потешко се губат, зашто владетелот, искористувајќи го бунтот, помалку се воздржува да се осигури казнувајќи ги виновниците, откривајќи ги сомнителните, зацврстувајќи се онаму каде што е најслаб. Така, додека првиот пат беше доволно Милано да се оттргне од Франција откако војводата Лодовико се појави на границата, за да се оттргне втор пат, требаше против Франција да се дигне целиот свет, па нејзината војска да се уништи или да се истера од Италија; тоа се случи од порано наведените причини. Сепак, и првиот и вториот пат го загуби Милано.

    Општите причини за првото губење беа разгледувани; сега останува да се зборува за причините за второто и да се види што требаше да прави францускиот крал и што би требало да преземе еден освојувач што би се нашол на негово место, за да може да се одржи во заземената земја подобро отколку што направи Франција.

    ReplyDelete
  5. Да кажам уште дека државите што се присоединуваат кон некоја стара држава на тој што ги освојува, или се од иста област и со ист јазик не се. Кога се од иста област, многу е лесно да се одржат, особено кога не се навикнати да живеат слободни; и за да ги држи човек во мир, доволно е да се искорени лозата на владетелот што владеел во нив, зашто, што се однесува до другите работи, бидејќи во нив се задржуваат старите услови и бидејќи нема разлики во обичаите, луѓето живеат мирно. Како што видовме, тоа се случи во Бургундија, Бретања, Гаскоња и Нормандија, кои толку време беа со Франција. И, иако таму постои извесна разлика во јазикот, сепак обичаите се исти, па така лесно можат да се поднесуваат едни со други. И, оној што ги добива, ако сака да ги задржи, треба да знае: прво, да ја изгасне лозата на нивниот стар владетел; второ, да не им ги менува ни законите ни даноците, за да станат за многу кратко време една целост со неговата стара држава.
    Меѓутоа, кога се заземаат области во земја што се разликува по јазикот, обичаите и уредувањето, тука лежат тешкотии, па треба човек да има голема среќа и да биде многу вешт за да се одржи. И една од најдобрите и најсигурните мерки е лицето кое освојува да отиде да се насели таму. Така тоа освојување би станало посигурно и потрајно. Така направил Турчинот со Грција. Тој да не отидел да се насели таму, не би можел да ја одржи, и покрај сите други мерки што ги презел. Зашто, кога ќе се насели, човек гледа како избувнуваат безредијата, и може бргу да им најде лек; кога е далеку, дознава за безредијата кога веќе зеле замав, и веќе им нема лек. Освен тоа, чиновниците не ти ја ограбуваат областа: поданиците се задоволни зашто можат брзо да му се пожалат на владетелот, па затоа имаат повеќе причини да го сакаат ако се покорни, а дали ќе бидат инакви ако се плашат од него. Ако некој од надворешните непријатели сака да ја нападне таа земја, ќе биде повоздржан, така што владетелот, ако живее во неа, многу тешко може да ја загуби.

    Вториот, подобар, начин е во едно или во две места да се основат населби кои би претставувале клучни точки на таа држава, зашто треба или да се направи тоа или во неа да се чуваат доволно војници и вооружени сили. Таквите колонии не чинат многу. Владетелот ги основа и ги одржува со никаков или со минимален торшок, па доаѓа во судир само со оние - што се многу мал дел од таа држава - на кои им ги одзема полињата и куќите за да им ги даде на доселениците; и оние што тој ги навредува, откако ќе останат растурени и сиромашни, не можат никогаш да му наштетат; а сите други остануваат незасегнати и поради тоа, од една страна мораат да мируваат, а од друга страна да внимаваат да не згрешат од страв дека и ним може да им се случи истото што им се случило на оние што се ограбени. Завршувам: тие населби малку чинат, верни се, не се штетни; а оние што се погодени, како што беше кажано, не можат да наштетат затоа што се осиромашени и растурени. Треба да се спомене дека луѓето мора или да се придобијат или да се уништат, зашто се одмаздуваат за малите навреди, додека за големите не можат да се одмаздат; па затоа насилството треба да се спроведува така што нема да мораш да се плашиш од одмазда. Меѓутоа, кога во населбите се држат војници, се троши многу повеќе зашто за нивното издржување одат сите приходи од освоената држава, така што освојувањето на таа земја му носи штета на владетелот и доведува до зголемено насилство, зашто со постојаното преместување на војската и се нанесува штета на целата држава. Секој го чувствува тој товар, и секој му станува непријател, а непријателите можат да му наштетат зашто се поразени на домашното огниште. Значи, тоа држење на војска е бескорисно од секоја страна, додека основањето на населби е корисно.

    ReplyDelete
  6. И уште нешто, тој што е во покраина различна од својата, треба да стане, како што реков, првак и бранител на соседните помали господари, да се труди да ги ослаби нејзините големци и да внимава, по некоја случајноист, во неа да не влезе некој странец што е силен колку него. И секогаш се случува таму да го донесат оние што се незадоволни во таа област, било од претерано честољубие било од страв; тоа е веќе видено кога Етолците ги довеле Римјаните во Грција; и во секоја друга област што ја освоиле, Римјаните влегле со помош на домородците. И така е секогаш: кога некој моќен туѓинец ќе влезе во некоја област, сите оние во неа што се послаби му приоѓаат нему; поттикнати од зависта, тие се против оној што им бил господар, така што, што се однесува до послабите големци, тој нема никакви тешкотии да ги придобие, зошто сите веднаш со задоволство се согласуваат да се вклопат во власта што тој ја воспоставил таму. Тој треба само да се погрижи тие да не се засилат премногу и да не се здобијат со премногу углед; и лесно може со својата сила и со нивната наклоност да ги ослаби оние што се силни, па во се да остане господар на таа област. А кој нема да се придржува кон ова, бргу ќе го загуби тоа што го зазел, како што и во текот на своето владеење ќе има безброј тешкотии и непријатности.

    Римјаните строго се придржувале кон ова во областите шти ги заземале: основале населби, ги поддржувале послабите големци, притоа не зголемувајќи им ја власта, а им се противставувале на првенците не допуштајќи им на силните странци да стекнат голем углед. Сакам, за пример, да се задоволам само со Грција. Тие ги поддржувале Ахајците и Етолците, го ослабнале македонското кралство, го истерале Антиох од него, но, сепак, заслугите на Ахајците или на Етолците не ги натерале да им дозволат да ја зголемат која и да било област, ниту пак уверувањата на Филип некогаш ги навеле да му бидат пријатели без да го понижат, ниту моќта на Антиох влијаела да му дозволат во таа област да владее со некоја држава. Во такви услови Римјаните го направиле тоа што треба да го прават сите мудри владетели; тие треба да водат сметка не само за сегашните безредија туку и за идните, па да ги избегнуваат со сите сили, зашто, ако ги предвидиш порано, лесно може да им се најде лек, но ако чекаш да ти се приближат, лекот не стигнува навреме зашто болеста станала неизлечлива.

    И овде се случува тоа што лекарите го кажуваат за офтиката, т.е. дека на почетокот е лесно да се лекува и тешко да се открие, но подоцна, бидејќи не била откриена ниту лекувана на почетокот, лесно е да се открие а тешко е да се лекува. Тоа се случува и со државните прашања, зашто, кога ќе се откријат навреме (што му е дадено само на мудриот човек), неволите што се раѓаат бргу се лекуваат; но кога, поради тоа што не се знаело за нив, ќе се допушти да земат замав, така што ќе му станат познати на секого, веќе им нема лек. И затоа Римјаните, согледувајќи ги незгодите навреме, секогаш ги лекувале така што никогаш не настојувале да ја избегнат војната, зашто знаеле дека војната не се отстранува, туку дека се одлага во корист на другите, па затоа војувале со Филип и Антиох во Грција за да не војуваат со нив во Италија; а тогаш можеле да ја избегнат и едната и другата војна, но тоа не го направиле. Исто така, ним никогаш не им се допаѓало она што постојано е во устата на мудрите луѓе од нашево време: надевај се на времето. Напротив, тие се потпирале на храброста и на својата претпазливост; зашто времето тера се пред себе, па може да донесе добро како и зло, зло како и добро.

    ReplyDelete
  7. Но да се вратиме на Франција и да испитаме дали направи нешто од тоа. Ќе зборувам за Луј, а не за Шарл, како за владетел чии резултати се гледаа подобро, затоа што подолго владееше во Италија; и ќе видите дека тој го направи спротивното од она што треба да се направи за да се одржи власта во држава што се разликува од неговата.

    Кралот Луј во Италија го доведе честољубието на Венецијанците, зашто сакаа со тоа доаѓање да добијат една половина од државата Ломбардија. Јас не сакам да го прекорувам кралот поради тоа, зашто, кога се реши да влезе во Италија, и кога немаше пријатели во таа област, и кога, дури, поради држењето на кралот Шарл, му беа затворени сите врати, беше принуден да се спријатели со кого можеше, и неговата намера би дала плод ако во другите постапки не направеше никакви грешки. Значи, откако кралот ја освои Ломбардија, Франција повторно го доби угледот што Шарл го загуби: Џенова се предаде, Фирентинците му станаа пријатели, маркизот од Мантова, војводата од Ферара, Бентиволјо, грофицата од Форли, господарите од Фаенца, Пезаро, Римини, Камерино, Пјомбино, Ликанците, Пизанците, Сиенежаните - сите му јурнаа во пресрет нудејќи му пријателство. Тогаш Венецијанците можеа да ја оценат лудоста на постапката што ја направија: за да заземат две парчиња земја во Ломбардија, го направија кралот господар на две третини од Италија.

    Сега нека се оцени колку лесно кралот можеше да го одржува својот углед во Италија ако водеше сметка за порано споменатите упатства и ако ги обезбедуваше и заштитуваше сите свои пријатели кои имаа потреба - затоа што беа многубројни а слаби и се плашеа кој од Црквата кој од Венецијанците - да бидат крај него; со помош на нив можеше лесно да се обезбеди од оние што останаа силни. Но тој, уште пред да се смести во Милано, го направи спротивното помагајќи му на папата Александар ВИ да ја заземе Ромања. И не сфати дека со таквата постапка се слабее самиот себеси одбивајќи ги од себе пријателите и оние што се ставија под неговата закрила, а ја засилува Црквата додавајќи и на нејзината духовна моќ, која и дава толкав углед, уште и световна моќ. Правејќи ја првата грешка, беше принуден да продолжи, така што мораше - за да ја совлада лакомоста на Александар и да спречи овој да стане господар на Тоскана - да дојде во Италија. Не му беше доволно тоа што ја направи Црквата голема и ги одби од себе своите пријатели туку, копнеејќи за Неаполското кралство, го подели ова со шпанскиот крал; и место да биде господар на Италија, како порано, создаде уште еден, така што оние што беа незадоволни од него во таа земја имаа на кого да му се обратат за помош; и место, ккао што можеше, да остави крал во тоа кралство што би зависел од него, тој го уништи Неаполското кралство за да го доведе оној што можеше и него да го истера.

    Желбата да се освои нешто е сосем природна и обична работа; и секогаш кога тоа го прават луѓе кои можат да успеат во тоа, ќе бидат фалени, или барем нема да бидат кудени; но кога не можат да го направат тоа, а копнеат да го направат по секоја цена, во тоа треба да се види грешка која бара прекор. Значи, ако Франција можеше да го нападне Неапол со својата сила, требаше и да го стори тоа; ако не можеше, не требаше да го дели. Па ако поделбата на Ломбардија со Венецијанците може да се оправда со тоа што Франција влезе во Италија, оваа втора поделба заслужува прекор зашто не може да се оправда со таква потреба. Значи, Луј ги направи овие пет грешки: ги уништи малите господари, во Италија ја зголеми моќта на еден господар, во неа доведе еден многу моќен странец, не се насели во неа, не основа населби во неа.

    ReplyDelete
  8. Па сепак, и овие грешки не би му наштетиле во текот на неговиот живот да не ја направеше шестата: почна да им ја разграбува државата на Венецијанците; зашто, ако не ја направеше Црквата голема, ако не ја доведеше Шпанија во Италија, ќе беше сосем м разумно и потребно да ги понижи; но, откако го направи сето ова, никако не смееше да допушти да пропаднат; зашто, додека тие се моќни, секогаш би им ја одземале волјата на другите да ја освојуваат Ломбардија, било затоа што Венецијанците не би се согласиле со тоа, а самите да не станат господари на Ломбардија, било затоа што другите не би сакале да ја одземат од Франција па да им ја дадат ним, а би немале храброст да се решат да ги нападнат обете. А ако некој забележи дека кралот Луј му ги отстапи Ромања на Александар, а Неаполското кралство на Шпанија за да ја избегне војната, одговарам со причините изнесени порано: никогаш не треба да се дозволи безредијата да земат замав за да се избегне војната, зашто војната не се избегнува туку се одлага за сопствена штета. А ако некој се повика на зборот што кралот му го дал на папата да го оствари тој потфат за негова сметка, а папата нему да му даде развод на бракот и кардиналска шапка на руанскиот надбискуп, ќе одговарам понатаму за дадениот збор на владетелот и како треба да се исполнува тој. Значи, кралот Луј ја загуби Ломбардија затоа што не се придржуваше кои ниедно од упатствата кон кои се придржуваат оние што освоиле области и сакале да ги зачуваат. Ова не е никакво чудо, туку многу обична и оправдана работа. За ова зборував во Нант со руанскиот надбискуп, во времето на владеењето на Валентино со Ромања, зашто така го викаа популарно Чезаре Борџија, синот на папата Александар, кога кардиналот од Руан ми рече дека Италијанците не се разбираат од војување, јас му одговорив дека Французите не се разбираат од политика; зашто, кога би се разбирале од политика, не би допуштиле Црквата да дојде до толкава моќ. Од искуство знаеме дека моќта на Црквата и на Шпанија во Италија ја создаде Франција, а дека тие ја упропастија неа. Од ова се изведува општото правило кое никогаш не лаже или ретко лаже: пропаѓа тој што е причина некој да стане моќен, зашто овој ја создал таа моќ или со вештина или со сила, а едното и другото му ја будат претпазливоста на тој што станал моќен.

    ReplyDelete
  9. Глава IV.
    ЗОШТО КРАЛСТВОТО НА ДАРИЈ, ШТО ГО ОСВОИЛ АЛЕКСАНДАР, ПО СМРТТА НА АЛЕКСАНДАР НЕ СЕ ДИГНАЛО ПРОТИВ НЕГОВИТЕ НАСЛЕДНИЦИ.

    Откако ги разгледавме тешкотиите што постојат за да се одржи новоосвоената држава, некој би можел да се зачуди како Александар Велики станал господар на Азија за кратко време и умрел веднаш откако ја освоил; поради тоа е сосем разбирливо целата држава да се разбунтува; а наследниците на Александар сепак ја задржале, и единствената тешкотија што ја имале за да останат во неа бил спорот меѓу самите нив, што се јавил поради нивната амбиција. Одговарам дека со државите за кои е зачуван споменот се управува на два различни начина: или еден господари а сите други се негови потчинети, кои, како министри, со неговата милост и добра волја, помагаат да се владее со тоа кралство, или управува владетелот со големците кои таа положба не ја заземаат поради милоста на господарот, туку поради староста на своето семејство. Тие големци имаат сопствени области и поданици кои ги признаваат за господари, па, природно, им се приврзани. Во државите во кои владеат владетел и министри, владетелот има поголем углед, зашто во целата држава нема никој друг што се смета за поголем од него; а ако му се покоруваат на некој друг, тоа го прават како спрема министер и службеник, па не покажуваат кон него особена наклоност.

    Примери за овие два вида владетелство, во нашево време, се Турчинот и францускиот крал. Со целата монархија на Турчинот управува еден господар, другите се негови слуги; и, делејќи ја својата држава на санџаци, тој праќа во нив управници, и ги менува и преместува по сопствена желба. Но францускиот крал се наоѓа среде безброј господари кои нивните поданици од дамнини ги признаваат во таа положба и ги ценат; таквите големци имаат свои високи положби кои кралот не може да им ги одземе без да се доведе себеси во опасност. Значи, кој ќе ја разгледа и едната и другата од овие држави, ќе увиди дека државата на Турчинот е многу тешко да се освои, но и дека е многу лесно да се зачува откако ќе се освои.

    Причината што го отежнува освојувањето на државата на Турчинот е тоа што нема големци во таа земја што освојувачот би можел да ги повика против владетелот, ниту пак некој може да се надева дека со бунт на оние што го опкружуваат ќе го олесни својот потфат, што произлегува од порано наведените причини. Зашто, бидејќи сите му се ропски верни на султанот и зависат од него, многу е тешко да се поткупат, а и кога ќе се поткупат, малку нешто може да се очекува, зашто овие, од споменатите причини, не можат да го поведат народот. Според тоа, тој што ја напаѓа државата на султанот, треба да знае дека ќе ја најде единствена, па треба повеќе да се надева на сопствената сила отколку на безредијата во неа. Но, откако султанот во борба ќе биде победен и разбиен, така што нема да може да ја преуреди војската, ќе треба да се заврши и со лозата на владетелот; а кога и таа ќе згасне, освојувачот веќе ќе нема од кој да се плаши, зашто другите не уживаат доверба кај народот, па, како што победникот пред победата не можел да се надева на нив, исто така не треба по победата да се плаши од нив.

    ReplyDelete
  10. Спротивното се случува во државите со кои се управува како во Франција, зашто во нив лесно можеш да влезеш придобивајќи за себе некој големец, зашто секогаш се наоѓаат незадоволни и такви што сакаат промени. Тие, од споменатите причини, можат да ти го отворат патот во таа држава и да ти ја олеснат победата; но таквата победа подоцна, кога ќе сакаш да се одржиш, повлекува безброј тешкотии и со оние што ти помогнале и со оние на кои си им се наметнал. И не е доволно тоа што си ја уништил лозата на владетелот, зашто остануваат оние големци што се сметаат за главни фактори на новите шромени. И бидејќи не можеш ни да ги задоволиш ни да ги уништиш, ќе ја загубиш таа држава секогаш кога ќе се јави можност за тоа.

    Сега, ако разгледате од каков вид била државата на Дариј, ќе увидите дека е слична на турската монархија. Затоа Александар прво требало целосно да го разбие Дариј и да го натера да се затвори во утврдените градови; по таа победа, откако Дариј умрел, на Александар му останала обезбедена таа држава од причините што ги споменавме порано. Да биле сложни, неговите наследници можеле безгрижно да уживаат во неа; и во таа држава се случиле само оние немири кои тие самите ги предизвикале. Но држава како Франција не може да се одржи толку лесно. Честите бунтови на Хиспанија, Галија и Грција против Римјаните избувнувале поради многубројните кнежества што ги имало во тие држави и, се додека траел споменот на нив, Римјаните никогаш не биле сигурни во сојата власт; но откако згаснал споменот на нив, со јакнењето на моќта и со долгото траење на империјата, Римјаните станале апсолутни господари. Па и тие можеле, потоа борејќи се меѓусебно, да освојат некој дел од тие области, во зависност од угледот што го стекнале во нив, но и овие, откако лоата на нивниот стар господар згаснала, ги признавале Римјаните. Значи, разгледувајќи го ова, никој нема да се чуди зошто на Александар му било лесно да ја одржи државата во Азија и зошто на другите, по него, како на Пир и на многу други, им било тешко да го зачуваат тоа што го зазеле. Тоа не е последица на големата или малата храброст на победникот, туку на различноста на освоените области.

    ReplyDelete
  11. Глава IX
    ЗА ГРАЃАНСКИТЕ ВЛАДЕТЕЛСТВА

    Ако го разгледаме другиот случај, кога обичниот граѓанин станал владетел не преку злосторство или некое друго неподносливо насилство, туку со помошта на своите сограѓани, тоа може да се нарече граѓанско владетелство. За да се дојде до него не е потребна голема способност ниту голема среќа, туку повеќе една среќна околност, односно тоа може да се постигне или со помош на народот или на големците. Оти, во секој град може да се најдат овие две различни категории на луѓе. Народот не сака да биде потчинет и командуван од страна на големците, додека тие, пак, сакаат да го потчинуваат и да му командуваат на народот. Од овие различни стремежи во градовите доаѓа до еден од следните три начина на управување: монархија, демократија или анархија.

    Монархијата се создава или од народот или од големците, зависно од тоа дали едните или другите имале поволна можност. Големците, гледајќи дека не се во состојба да му се спротивстават на народот, почнуваат да го зголемуваат угледот на едно лице, кое го поставуваат за владетел, за да можат потоа, под негова заштита, да ги задоволуваат сопствените апетити. А, народот, гледајќи дека не може да им се спротивстави на големците, почнува да го истакнува угледот на еден од нив, и го прогласува за владетел, сметајќи дека тој со својот авторитет ќе може да го заштитува.

    Оној што стигнал до престолот со помош на големците по тешко ќе се одржи на власта отколку оној што тоа го сторил со помош на народот. Во првиот случај тој што ќе стане владетел ќе биде опкружен со многумина речиси еднакви на него и затоа не ќе може ниту да ги искористува ниту да им командува како што сака. Но, оној што доаѓа на власт со помош на народот ќе биде единствен и околу него нема да има никого, или ќе има сосема мал број луѓе што нема да бидат спремни да му се покоруваат. Покрај тоа, не може чесно да се задоволат желбите на големците без да се повредат други луѓе, а со народот тоа може да се стори. Оти, стремежите на народот се многу почесни од оние на големците; тие сакаат да потчинуваат, а тој само не сака да биде потчинет. Исто така, владетелот не може никогаш да биде сигурен во народот кој е непријателски расположен кон него, бидејќи народот е многуброен, а големците се малку, и од нив лесно може да се заштити. Најлошото што може владетелот да го очекува од непријателски настроениот народ е тоа да биде напуштен од него, додека од непријателите - големци, не само што треба да се плаши дека ќе го напуштат, туку и дека може да се свртат против него.
    Оти, тие се поитри и попретпазливи - секогаш успеваат навреме да се спасат и настојуваат да се приклонат кон оној за кого претпоставуваат дека ќе победи. Покрај другото, владетелот е обврзан постојано да живее со истиот народ, но не и со истите големци. Без нив секако ќе може да опстане, бидејќи може секојдневно да ги менува, да им ја дава и да им ја одзема власта, се според својата желба.

    За да го разјасниме подобро ова прашање, би рекол дека големците може да се набљудуваат главно на два начина: со нив или владееш така што ги присилуваш сосема да се приврзат за твојата судбина, или не. Оние што се приврзуваат, а не се и самите алчни за власт, треба да ги почитуваш и да ги сакаш. Оние пак што не сакаат да се приврзат кон тебе, може исто така де се толкуваат на два начина. Тоа можеби го прават поради својата вродена малодушност, и нив треба да ги искористиш, особено ако можат да ти даваат добри совети. Оти, во среќни времиња ќе се гордееш со нив, а вo несреќните, немаш причина да се плашиш од нив. Но во случајот кога не се приврзуваат кон тебе поради нивната итрина или славољубивост, тоа е знак дека повеќе мислат на себеси отколку на тебе, и од нив треба да се чуваш и да се плашиш исто како да ти се отворени непријатели, оти во несреќните времиња тие сигурно ќе придонесат за твојата пропаст.

    ReplyDelete
  12. Затоа, оној што ќе стане владетел благодарение на помошта од народот треба и натаму да ја задржи неговата наклоност; а тоа лесно ќе може да го стори, бидејќи народот не бара ништо друго, освен да не биде угнетуван. Но, оној што станал владетел спротивно на волјата на народот, со помош на големците, ќе треба пред се да се потруди да го придобие народот.

    Тоа лесно ќе може да го оствари кога ќе ја преземе на себе неговата заштита. А луѓето, кога ќе дочекаат добрина од оној од кого очекувале само зло, се повеќе му стануваат приврзани на својот добротвор. На тој начин поданиците му стануваат уште понаклонети на својот владетел, отколку во случајот кога тој власта ја стекнал со помош на народот. Владетелот тоа може да го постигне на повеќе начини, но бидејќи тие се менуваат зависно од околностите, не би можеле за нив да дадеме некое строго правило. Јас само би заклучил дека на владетелот му е неопходно да има пријател во лицето на народот, инаку не ќе може да пронајде лек за своите неволји.

    Спартанскиот тиранин Набид, успеа да ја издржи опсадата на целата Грција и на победоносната римска војска, одбранувајќи ја својата татковина и својата држава од нив. Доволно му беше, штом настапи опасноста, да се обезбеди од мал број луѓе, во што немаше да успее ако народот му беше непријател. Не би сакал некој да му се спротивстави на ова мое мислење со познатата изрека: „оној што се темели на народот, се темели на калта", оти таа може да е вистинита кога се однесува на обичниот граѓанин. Тој ги поставува своите темели и се надева дека народот ќе го спаси кога ќе го нападнат непријателите или претставниците на власта. Тогаш се случува лесно да биде измамен, како што беа браќата Граси во Рим или, господарот Џорџо Скали во Фиренца. Но, ако владетелот, кој ги зацврстува своите темели, е храбар човек, кој умее да заповеда, нема страв од неволји, умее однапред за се да се подготви и со својот дух го воздигнува и духот на народот, тој нема никогаш да биде изневерен од народот и ќе увиди дека цврсто и правилно ги засновал своите темели.

    Опасноста за овие држави најчесто настапува тогаш кога тие преминуваат од граѓански во апсолутистички поредок, бидејќи нивните владетели управуваат или самите или со помош на магистрати. Во вториот случај нивната положба е понесигурна и поопасна, бидејќи сосема се зависни од волјата на оние граѓани кои ги извршуваат чиновничките задачи. Тие, особено во неповолните времиња, можат многу лесно да му ја преземат државата на владетелот, било отворено да му се спротивстават, било да престанат да му се покоруваат. А тој, во тоа опасно време, не е во состојба да ја заграби апсолутната власт, бидејќи граѓаните и неговите поданици, кои се навикнати да добиваат заповеди од магистратите, нема во тие тешки мигови нему да му се покоруваат. Во лошите времиња на владетелот секогаш ќе му недостигаат луѓе во кои ќе може да има доверба. Тој не би смеел да се потпира на она што го знае од мирните времиња, кога и на граѓаните им е неопходно да формираат држава. Тогаш секој брза да дава ветувања и е подготвен да загине за него, знаејќи деќа е смртта далеку; а во лошите времиња, кога граѓаните и се потребни на државата, тогаш можат да се најдат само неколкумина. Уште поопасно е ова искуство кога се знае дека тоа може да се случи само еднаш.

    Мудриот владетел треба да создаде таков поредок во кој на граѓаните секогаш и во било какво време ќе им биде потребна државата и тој самиот, па така, постојано ќе му бидат верни.

    ReplyDelete
  13. Глава V.
    КАКО ТРЕБА ДА СЕ УПРАВУВА СО ГРАДОВИТЕ ИЛИ ОБЛАСТИТЕ КОИ, ПРЕД ДА БИДАТ ОСВОЕНИ, ЖИВЕЕЛЕ СПОРЕД СВОИ ЗАКОНИ

    Кога државите што се заземаат се навикнати, како што беше речено, да живеат според свои закони и во слобода, има три начина да се одржат: прво, да ги уништиш, второ, да одиш и лично да се населиш таму, трето, да ги оставиш да живеат според своите закони извлекувајќи од нив извесен данок, воспоставувајќи во нив владетелство на неколкумина кои ќе ти ги одржат во пријателство. Зашто, бидејќи тие неколкумина се поставени од тој владетел, тие знаат дека не можат да опстанат без неговото пријателство и неговата моќ, па ќе ги употребат сите сили да го поддржат. Кога веќе не сака да се уништи, градот што е навикнат да живее слободно, полесно се држува со помош на неговите граѓани отколку на кој и да било друг начин.

    Како пример може да послужат Спартанците и Римјаните. Спартанците ги држеле Атина и Теба создавајќи во нив владетелство на неколкумина, па сепак ги загубиле. За да ги одржат Капуа, Картагина и Нуманција, Римјаните ги уништиле, но не ги загубиле. Сакале да владеат со Грција приближно како што владееле Спартанците, оставајќи и ја слободата и почитувајќи ги нејзините закони, но без успех; затоа биле принудени да уништат многу градови на таа држава само за да си ја зачуваат власта во неа.

    Зашто, навистина нема сигурен начин да се одржат освен да се разурнат. Кој ќе завладее со некој град што е навикнат да живее во слобода, нека знае дека, ако не го разурне, тој град ќе го уништи него; зашто, бунејќи се, секогаш на устата ги имаат името на слободата и своите стари уредби: нив никогаш нема да ги избришат ни долгото време ни направените добрини. И што и да се направи или какви и да било мерки да се преземат, ако жителите не се разединат и не се раселат, тие не ги забораваат тоа име и тие уредувања, и веднаш, при секој случај, прибегнуваат кон нив; така направи и Пиза по своето стогодишно робување на Фирентинците.

    Но кога градовите или областите се навикнати да живеат под еден господар и кога тоа семејство е задушено, тие не умеат да живеат слободно, зашто, од една страна, се навикнати да се покоруваат, а од друга страна, немаат свој владетел ниту можат меѓусебно да се сложат кого да го изберат за господар. Затоа се нерешителни кога треба да се прибегне кон оружјето, па туѓ владетел може полесно да ги покори и да им ја наметне својата власт. Но во републиките има повеќе живот, повеќе омраза, повеќе желба за одмазда; тие не го забораваат ниту можат да го заборават споменот на старата слобода, така што најсигурниот пат е да ги уништиш или да се населиш во нив.

    ReplyDelete
  14. Глава VI.
    ЗА НОВИТЕ ВЛАДЕТЕЛСТВА ШТО СЕ ОСВОЈУВААТ СО СОПСТВЕНО ОРУЖЈЕ И СОПСТВЕНА ХРАБРОСТ

    Никој нека не се чуди поради тоа што, зборувајќи за сосем новите владеења, за владетелот и за државата, ќе наведам примери за многу големи личности; зашто, бидејќи луѓето речиси секогаш одат по патишта што ги разгазиле други и во своите дејства постапуваат имитирајќи, и бидејќи е невозможно во целост да се придржуваш кон туѓите патишта ниту да се извиниш до квалитетите на тие што ги имитираш, разумниот човек треба секогаш да оди по патеките што ги пробиле големи луѓе и да ги имитира тие што биле најдобри, за да може, ако неговата добродетел не достига дотаму, барем да остави некаква трага, и да постапи како внимателните стрелци кои, бидејќи местото што сакаат да го погодат им се чини премногу далеку и бидејќи го знаат дострелот на својот лак, ја ставаат целта многу подалеку од одреденото место, не за да допрат со својата стрела до толку далечно место, туку за да можат, со помош на толку далечен нишан, да стигнат до својата цел.

    Во сосем новите владетелства, во кои има нов владетел, при нивното одржување се наидува на повеќе или помалку тешкотии, во зависност од тоа дали е повеќе или помалку вешт тој што ги освојува. Бидејќи тој настан, т.е. да се стане од приватно лице владетел, претпоставува или вештина или среќа, се чини дека едната или другата од овие две работи донекаде олеснува многу тешкотии; па сепак, повеќе се одржал тој што помалку се потпирал на среќата. Уште полесно е кога владетелот е принуден, затоа шпто нема други држави, да отиде лично да се насели таму.

    Преминувајќи на оние кои станале владетели со сопствената добродетел а не со среќа, мислам дека најдобри се Мојсеј, Кир, Ромул, Тезеј и слични. И, иако за Мојсеј не треба да се зборува, зашто тој бил само обичен извршител на тоа што му го наредил Бог, сепак треба да му се восхитуваме само поради милоста што го направила достоен да разговара со Бог. Но да ги погледнеме Кир и другите кои освоиле или основале кралства; ќе видите дека треба на сите да им се восхитуваме и, ако се прегледаат постапките и уредувањата што ги создале тие, ќе се покаже дека не се разликуваат од оние на Мојсеј, иако тој имал толку голем учител. Испитувајќи ги нивната работа и нивниот живот, гледаме дека тие од судбината добиле само среќна шанса која им дала можност да го воведат оној облик што им се сторил добар; без таа шанса нивната сила би била немоќна, како што, од друга страна, шансата без нивната сила би била залудна.

    Значи, било потребно Мојсеј во Египет да го најде израелскиот народ во ропство и угнетен од Египќаните, па овој, за да се ослободи од ропството, да биде подготвен да тргне по него. Било потребно во Алба да нема место за Ромул, по раѓањето да биде фрлен, па да стане основач на Рим и владетел на таа држава. Било потребно Кир да ги најде Персијците незадоволни од владеењето на Медите, а Медите меки и разгалени од долгиот мир. Тезеј не би можел да ја покаже својата храброст да не ги најдел Атињаните разбиени. Значи, таквите околности ги направиле тие луѓе среќни, а нивната способност придонела да се дознае за таа околност; со тоа нивната татковина се прославила и станала многу среќна.

    ReplyDelete
  15. Тие што, слично на овие, стануваат владетели сосвојата способност, тешко го освојуваат владетелството, но лесно го одржуваат. Тешкотиите што ги имаат освојувајќи го владетелството, делумно се раѓаат од новите уредувања и од начините што мораат да ги воведат за да основат своја држава и да ја обезбедат својата власт. Треба да се има на ум дека за ништо друдо не е потешко да се расправа, дека ништо не е посомнително во поглед на успехот ниту поопасно отколку што е воведувањето на нови закони. Зашто, на оној што воведува ново, непријатели му се сите оние на кои им било добро со старите уредувања, а млаки бранители му се сите оние на кои ќе им биде добро од новите. Таа млакост делумно се раѓа од стравот од противниците што ги имаат на своја страна законите, делумно од недовербата на луѓето кои никако не им веруваат на новините се додека не се уверат во нив со друго искуство. Оттука доаѓа тоа дека, кога и да им се укаже шанса на непријателите да нападнат, тие то го прават страсно, а другите се противставуваат млако; така човек се изложува на опасност заедно со нив.

    Затоа треба ова убаво да се разгледа, да се испита дали оние што воведуваат новини стојат сами или зависат од други, т.е. дали мораат, за да го изведат своето дело, да молат или можат сами да го изведат. Во првиот случај, секогаш ја извршуваат работата лошо и не успеваат; но кога зависат од самите себе и можат со сила да успеат, тогаш ретко се случува да пропаднат. Како резултат на тоа, сите вооружени пророци победувале, а невооружените пропаѓале. Зашто, освен споменатите работи, и природата на луѓето е непостојана: лесно е да се убедат за нешто, но тешко е да се одржат во тоа убедување. Затоа треба човек да биде подготвен така што, кога веќе нема да веруваат, ќе може со сила да ги натера да веруваат.

    Мојсеј. Кир, Тезеј и Ромул не би можеле да успеат луѓето долго да ги почитуваат нивните одредби да биле невооружени, како што во нашево време му се случи на фра Џироламо Савонарола, кој пропадна со својот поредок штом масата почна да не верува во него, а тој немаше начин ниту цврсо да ги одржи тие што веруваа ниту да ги натера другите да му веруваат. Затоа тие имаат големи тешкотии, сите опасности им лежат на патот, па мораат да ги совладаат со својата способност. Но, откако ѓе ги совладаат и кога ќе почнат да стекнуваат почит, уништувајќи ги тие што им завидувале, остануваат моќни, обезбедени, честени, среќни. Кон овие, толку големи, примери сакам да додадам ушпте дедн помал пример. Тие ќе имаат некои сличности, па ќе се задоволам со нив место со сите други слични. Станува збор за Хиеронимо Сиракужанецот. Тој од приватно лице станал господар на Сиракуза. И нему судбината му доделила само среќна околност, зашто, бидејќи Сиракужаните биле угнетени, го избрале за водач, што му послужило да им стане владтел. Тој бил толку разумен, уште како приватно лице, што еден писател за него вели: 'guod nixil или deerat ad regnandum praeter regnum”. Тој ја укинал старата војска и вовел нова; ги напуштил старите пријатели, стекнал нови; и бидејќи имал свои пријатели и војници, врз тој темел можел да подига секаква зграда; а така него го чинело многу труд да ја освои власта, а малку да ја одржи.

    ReplyDelete
  16. Глава VII.
    ЗА НОВИТЕ ВЛАДЕТЕСТВА ШТО СЕ СТЕКНУВААТ СО ТУЃО ОРУЖЈЕ И СО СРЕЌА

    Оние кои од обични луѓе стануваат владетели со помош на среќа, со малку напор успеваат тоа да го постигнат, но со многу тешкотии се одржуваат на власт. По патот не наидуваат на тешкотиии, бидејќи мошне брзо доаѓаат до власта, но штом ќе завладеат, тешкотиите почнуваат. Тоа се оние влатедели кои државата ја стекнале или со пари или со милоста на некој друг. Така се случи со многу владетели во Грција, во јонскјите и хелеспонтските градови, каде што беа назначени од Дариј, за да ја одржаат неговата слава и безбедност. Така се издигнаа и оние римски императори, кои благодарение на поткупливоста на војниците, од обични граѓани станаа владетели. Тие владетели остануваат на власта зависно од волјата и судбината на оној шти ги назначил, а тие нешта може да бидат мошне непостојани и превртливи. Таквите владетели не умеат и не можат да ја задржат својата позиција. Не умеат, затоа што, доколку не се работи за човек со исклучителна мудрост и способност, не може да се очекува од него да знае да заповеда, бидејќи сиот живот го поминал како обичен граѓанин. А не можат, затоа што немаат сили што ќе им бидат верни и пријателски наклонети. Покрај тоа, државите што набрзина се формирале, како и се друго во природата што брзо се раѓа и развива, не можат поодлабоко да се вкоренат и да се ускладат, така што првата неповолна прилика ќе ги уништи. Истото се случува и со оние кои, како што кажавме, набрзина станале владетели, а не се толку способни и не се подготвени да го сочуваат она што судбината им го подарила, па продолжуваат да управуваат врз темелите што други ги поставиле, уште пред тие да станат владетели.

    Би сакал и за едниот и за другиот начин за тоа како се станува владетел - со јунаштво или со среќа, - да наведам два примера кои датираат од нашево блиско минато. Тоа се Франческо Сфорца и Чезаре Борџија. Франческо, со помош на вистинските средства и со големо јунаштво, од обичен граѓанин стана војвода на Милано, а власта што со безбројни тешкотии ја стекна, многу лесно ја задржа. Од друга страна, Чезаре Борџија, од народот наречен војводата Валентино, ја освои власта во државата благодарејќи на среќата на татко му, но поради неа и ја загуби, иако самиот направи се што еден мудар и способен човек требаше да стори се за да ја зацврсти својата позиција во државата во која ја стекнал власта со туѓото оружје и со среќа. Веќе кажавме дека оној што претходно не си ги зацврстил темелите, а е многу помачно за градителот и поопасно за градбата. Значи, ако се разгледаат сите постапки на војводата, ќе се види дека тој убаво ги зацврстил темелите на својата идна моќ и сметам дека не е залудно да се проговори за тоа, оти не знам подобар совет што би му го дал на секој нов владетел од примерот на неговите дела. Па, иако неговото устројство не доживеа поголем успех, тоа не беше по негова вина, туку поради исклучително лошата судбина.

    ReplyDelete
  17. Папата Александар VI, во желбата да го направи славен својот син, војводата, наиде на бројни тешкотии, како во почетокот, така и подоцна. Најпрвин, не гледаше начин да го направи владетел освен на некоја држава шот потпаѓа под Црквата, а знаеше дека одлуката за преземање на било која од црковните држави нема да ја одобрат ни војводата од Милано, ни Венецијанците, под чија заштита тогаш се наоѓаа Фаенца и Римини. Покрај тоа, беше свесен дека војската во Италија, особено онаа што можеше да му послужи, беше во рацете на оние што на неа не можеше да се надева. Значи, беше неопходно да се наруши постојниот поредок, да се растурат италијанските држави, за да може да се обезбеди власта над некој дел од нив. Работата му ја олеснија Венецијанците, кои водени од некои други причини, размислува повторно да ги доведат Французите во Италија. Папата не само што не и се спротивстави на оваа замисла, туку помогна во нејзиното остварување, овозможувајќи го раздорот на првиот брак на кралот Луј. Така, кралот навлезе во Италија со помош на Венецијанците и со одобрението на Александар. Штом тој пристигна во Милано, папата му побара дел од неговата војска, потребна за освојувањето на Ромања, со која успеа да завладее токму благодарение на угледот на кралот. Откако војводата Валентино ја задзеде Ромања и го победи семсејството Колона, реши да ја задржи оваа позиција, и да напредува понатаму. Но, две нешта го спречува во таа замисла: најпрвин неговата војска, за која сметаше дека не му е доволно верна, а потоа - волјата на Франција. Всушност, се плашеше дека војската на семејството Орсини, која тој ја користеше, би можела да го напушти, со што ќе беше не само спречен во натамошните освојувања, туку ќе беше оспорена и власта во веќе замените области. Од истите причини стравуваше и од кралот Луј. Членовите на семејството Орсини му дадоа повод за ваквото мислење кога војводата, по заземањето на Фаенца, ја нападна и Болоња, а тие мошне колобливо учествуваа во нападот. Што се однесува до кралот, неговите намери го дозна кога го одврати од намерата да ја нападне Тоскана, по заземањето на војводството Урбино. Затоа војводата реши во иднина да не биде повеќе зависен од туѓата војска ниту од туѓата среќа. Најпрвин ги заслабна странките на семесјтвата Орсини и Колона во Рим. Сите нивни приврзаници, благодарниците, ги направи свои благодарници, доделделувајќи им високи приходи и назначувајќи ги, во зависност од нивните способности, за војсководци или господари. Така, за кусо време нивната приврзаност кон странките беше згасната и целосно пренесена на страната на војводата. Потоа, чекаше поволна прилика да го уништи семејството Орсини, откако претходно го растури она на Колона. Таквата прилика наскоро му се пружи и тој одлично ја искористи. Кога членовите на семејството Орсини, иако доцна, увидеа дека големината и моќта на војводата и на Црквата претставуваат нивна пропаст, го организираа собирот во Маџоне, кеј Перуџа. Тоа предизвика бунт во Урбино, нереди во Ромања и други многубројни неволји за војводата, но, тој сепак сите успеа да ги совлада со помош на Французите. Откако си го поврати угледот, не надевајќи се повеќе на Фрација, ниту на други сили од страна, за да не се изложува на нови ризици, тој пристапи кон измами. Умееше вешто да го прикрие својот вистински лик, така што семејството Орсини, преку својот преставник Паоло Орсини, склучи примирје со него. Војводата употреби разни средства за да го придобие Паоло, понудувајќи му пари, коњи и облека, така што, благодарение на нивната наивност ги намами сите во Синигајла, каде што беа наполно во негови раце. Откако ги уништи водачите и ги придоби кон себе нивните приврзаници, војводата си создаде солидни темели на својата моќ. Веќе владееше со целата област Ромања, заедно со војводството Урбино, а и населението на оваа област беше пријателски настроено кон него, откако почна да ги ужива благодетите на неговата власт.

    ReplyDelete
  18. Не би сакал бегло да поминам преку неговите постапки, бидејќи сметам дека заслужуваат да бидат прераскажани и можат да послужат како пример за други владетели. Кога го освои Ромања, војводата ја затекна управувана од неспособни господари, кои повеќе го ограбуваа народот отколку што управуваа со него, го наведуваа на разединување, а не на единство, така што оваа област беше преполна со кражби, разбојништво и разни други неволји. Затоа, војводата сметаше дека е неопходно во неа да доведе силна управа ако сака да ја направи мирна и покорна. За таа цел таму го назначи Рамиро де Орка, строг и бескрупулозен човек, кому му беше дадена неограничена власт. Тој за кусо време ја смири и ја обедини земјата, стекнувајќи притоа огромен успоед. Подоцна, војводата увиде дека не е неопходна толку строга власт, плашејќи се да не предизвика незадоволство, па воспостави во областа граѓански суд, на чие чело стоеше угледен претседател, кој во секој град имаше свој застапник. Бидејќи знаеше дека строгата управа морала да предизвика извесна омраза кај поданиците, за да ги смири нивните духови и сосема да ги придобие кон себе се потруди да докаже дека за злоделата на претходната власт не бил виновен тој, туку суровата природа на неговиот управник. Штом му се укаже прилика да го покаже тоа, едно утро Рамиро беше изложен на плоштадот во Чезена, располовен, со дрвен колец и крвав нож покрај него. Суровоста на ова глетка кај поданиците истовремено предизвика и задоволство и престрашеност.

    ReplyDelete
  19. Но, да се вратиме на почетокот. Војводата веќе стана доволно моќен и во голема мера обезбеден од опасностите што му се закануваат. Се вооружи со своја војска и уништи најголем дел од соседните војски кои можеа да го нападнат. Единствено лојалноста кои францускиот крал му стоеше на патот кон натамошните освојувања, оти знаеше дека од кралот, кој премногу доцна ги сфати своите грешки, не може да се очекува никаква поддршка. Започна да бара нови пријатели и да се колеба во поглед на Французите во мигот кога овие, во желбата да го нападнат Неаполското кралство, се судрија со Шпанците кои тогаш се наоѓаа во опсада на Гаета. Војводата имаше намера да се обезбеди од нив и сигурно ќе успееше во тоа, да поживееше подолго папата Александар.
    Тоа се неговите постапки поврзани со тогашните настани. А, што се однесува до иднината, војводата се плашеше дека новиот наследник нема да му биде пријател и ќе се спреми да му го одземе сето она што му беше дадено од страна на Александар. Затоа, се подготвуваше да дејствува во четири различни правци: прво, да го уништи родот на сите оние господари што самиот тој ги ограбил, за да не може новиот папа да ги искористи; второ, да ги придобие кон себе сите римски благодарници, како што веќе опишавме, за да може преку нив да управува со постапките на папата; трето, да го зголеми своето влијание над кардиналскиот Колегиум и четвртт, да освои што поголема власт пред да умре папата Александар, за да може потоа со сопствени сили да се одбрани од идните напади. Од четирите планирани работи во мигот на смртта на Александар беа исполнети три, а и четврта беше речиси приведена кон крајот. Војводата ги погуби сите претходно ограбени господари што можеше да ги пронајде и само мал број од нив се спасија. Успеа да ги придобие римските благодарници на своја страна, а во Колкегиумот се здоби со големо мнозинство. Што се однесува до освојувањата, имаше намера да стане господар на цела Тоскана, веќе владееше со Перуџа и Пјомбино, а и Пиза беше под неговата заштита. Со оглед на тоа што не мораше повеќе да се плаши од Французите (а не мораше затоа што нив Шпанците ги беа истерале од Неаполското кралство, така што сега и на едните и на другите им беше потребно неговото пријателство), тој се реши да ја нападне Пиза. По ова, Пиза и Сиена веднаш потклекнаа, делумно поради зависта на Фиренците, делумно од страв; но и за Фиренца веќе немаше спас. Доколку сето ова успееше (а тоа беше можно истата година кога умре Александар), војводата ќе се здобиеше со толкава моќ и таков углед, што ќе можеше самиот, со свои сили да се одржи на власта, и немаше повеќе да зависи од туѓи сили и туѓа среќа, туку само од сопствената спсобност и моќ. Но, Александар умре пет години откако син му го исука својот меч, и го напушти во времето кога едниствено Ромања беше цврсто под негова власт, а сите други држави висеа во воздухот; кога беше опкружен со две моќни непријателски војски, и самиот смртно болен.

    ReplyDelete
  20. Па сепак, војводата се одликуваше со голема спсообност и жестина, со умешност да ги придобива и да ги отстранува луѓето. За кусо време тој успеа да си постави мошне цврсти темели и, да ги немаше на врат оние две војски, и да беше здрав, сигурно ќе успееше да и се спротивстави на секоја неволја. Дека беа солидни неговите темели, тоа можеше веднаш да се види: Ромања чекаше на него повеќе од еден месец, во Рим, иако одвај жив, тој беше сосема безбеден. И порај тоа што Балиони, Вители и Орсини дојдоа во Рим, тие не се кренаа против него, а што се донесува до изборот на папата, ако тоа не можеше да остане оној кого војводата го посакуваше, тогаш сигурно дека не смееше да биде избран ниту човек кого тој не би го одобрил. Како и да е, се ќе беше лесно за него ако, во мигот на смртта на Александар, тој самиот беше здрав. Во времето кога Јулиј II дојде на власт, војводата ми се довери дека долго размислувал што може да се случи по смртта на татко му, и дека за се имал решение, освен што никогаш не помислил дека во мигот на неговата смрт и самиот ќе биде смртно болен.

    Резимирајќи ги сите постапки на војводата, сепак не би можел да го прекорувам; напротив, претпочитам, како што веќе тоа го сторив, да го дадам за пример на сите оние кои со помош на среќата и со туѓото оружје стигнале до власта. Бидејќи тој, со својата храброст и високите цели што си ги поставил пред себе, не можеше поинаку да постапува, и единствена болест го попречија во остварувањето на неговите замисли. Владетелот кој смета дека е неопходно во своето ново владетелство да се обезбеди од непријателите, да стекне нови пријатели, да победува со сила или со итрина, народот да го сака и да се плаши од него, војската да го следи и да го почитува, да ги уништува оние што можат или мораат да му наштетат, да го обнови стариот начин на управување, да биде строг и благ, великодушпен и попустлив, да ја укине неверната војска и кнезовите, така што тие ќе му чинат добрина проследена со милоста ќе го навредуваат со почит, - не ќе може во блиското минато да пронајде подобар пример од постапките на војводата. Единствено може да му се забележи одобрувањето Јулиј II да стане нов паса, што за него беше лош избор. Оти, како што веќе рековме, доколку не можеше да назначи за папа човек по своја волја, можеше барем да го спречи изборот на несаканиот. Не смееше да се согласи папата да биде избран од редот на оние кардинали што тој некогаш ги повредил, и што би имале причина, кога ќе бидат избрани, да се плашат од него. Луѓето се напаѓаат едни со други поради страв или поради омраза. Оние што беа повредени од него беа, меѓу другите: кардиналот од црквата Свети Петар во Окови, кардиналот Колона, кардиналот од Сан Џорџо и кардиналот Асканио. Сите кардинали, кога би биле избрани, би требало да се плашат од него, освен кардиналот од Руан и Шпанците; Шпанците, поради сојузот и обврските, а кардиналот од Руан поради тоа што зад него стоеше целото Француско кралство. Затоа војводата, пред се требаше за папа да назначи некој од Шпанците, а не можејќи да го стори тоа, требаше да го одобри изборот на кардиналот од Руан, а не оној од Свети Петар во Окови. Се лаже оној кој врева дека големите луѓе ќе ги заборават старите навреди поради новите добродетели. Војводата погреши во овој избор и тоа беше причина за неговата конечна пропаст.

    ReplyDelete
  21. Глава VIII.
    ЗА ОНИЕ КОИ СО ЗЛОСТОРСТВО ДОШЛЕ ДО ВЛАДЕТЕЛСТВО

    Но, бидејќи од приватно лице се станува владетел уште на два начина, што не може во целост да им се припишат на среќата или на храброста, ми се чини дека не треба да се остават настрана, иако за едниот би можело поопширно да се зборува кога би се работело за републики. Тоа се начините кога или по злосторнички и безоченен пат се доаѓа до владетелство или кога некој приватен граѓанин со наклоноста на другите свои сограѓани станува владетел на својата татковина. Зборувајќи за првиот начин, ќе изнесам два примера, еден стар, вториот од сегашноста, не влегувајќи подлабоко во одликите на овој напчин, зашто сметам дека тоа е доволно за оној што би требало да ги примени.

    Сицилиецот Агатокле, не само обичен граѓанин туку и од многу низок и презрен род, станал крал на Сиракуза. Син на грнчар, како дете и момче водел порочен живот; па сепак, покрај своите лоши дела, имал толку душевни и телесни споссобности што, рано влегувајќи во војска, успеал да стане претор на Сиракуза. Кога се утврдил на таа положба и кога решил да стане владетел и со насилство и без обврски кон другите да го добие тоа што му било дадено со договор, договарајќи се за својата намера со Хамилкар од Картагина, кој со својата војска војувал на Сицилија, ги свикал еден ден народот и сенатот на Сиракуза, како да треба да се решава за државни работи. На договорниот знак им наредил на своите војници да ги убијат сенаторите и најбогатите луѓе од народот. Кога ги снемало нив, тој завладеал со градот без никакво противење на граѓаните. И, иако Картагинците два пати го напаѓале и најпосле го опсадиле, успеал не само да го одбрани својот град туку и да остави еден дел од своите војници за одбрана од опсадата, а со другите да ја нападне Африка. За кратко време ја ослободил Сиракуза од опсадата и ги довел Картагинците во таква неволја што морале да се смират со него и да се задоволат со поседите во Африка, а нему му ја оставиле Сицилија.

    Значи, кој ќе ги оценува делата и способноста на Агатокле, нема да види ниту една или ќе види многу малку работи што може да и се припишат на среќата. Тој дошол до власта, како што беше кажано порано, не со туѓа наклоност туку со војнички положби, кои ги стекнал со многу непријатности и опасности, и подоцна ја зачувал благодарејќи на многубројните решителни и опасни мерки. Сепак, не може да се наречат добродетел убивањето на своите сограѓани, издавањето на пријателите, неодржувањето на дадениот збор, отсуството на сочувство и вера. Сето тоа може на човека да му донесе власт, но не и слава. Ако се разгледа со каква сила на духот влегувал во опасности и излегувал од нив, како и големината на неговиот дух во поднесувањето и совладувањето на неволите, не гледаме зошто него би морале да го сметаме понизок од кој било војсководец. Па сепак, неговата грозна свирепост и нечовечност, со безбројни злосторства, не допушта тој да се вброи меѓу одбраните луѓе. Значи, не може да и се припише на среќата или на добродетелта тоа што тој го постигнал и без едната и без другата.

    ReplyDelete
  22. Во нашево време, во времето на папата Александар VI, Оливерото во Фермо, кој во раното детство останал без татко и кого го зираснал вујкото со име Џовани Фолјани, во најраната младост бил даден да го учи војничкиот занает кај Паоло Вители, за да може, воспитуван во таа дисциплина, да стигне до каква било висока војничка положба. Кога подоцна Паоло умрел, се борел под Вителоцо, неговиот брат и, бидејќи бил остроумен и со подвижно тело и вешт дух, за многу кратко време станал прв човек во неговата војска. Меѓутоа, бидејќи му се чинело дека е бедно да му служи на друг, наумил да го заземе Фермо со помош на неколку граѓани од тој град (на кои им било помило ропството од слободата на нивната татковина) и со согласност на Вителоцо. Со писмо го известил Џовани Фолјани дека сака, по повеќе години поминати далеку од дома, да дојде да ги види него и градот и да ја разгледа својата татковина; и бидејќи тој се трудел да стекне само почести за да видат неговите сограѓани дека не го поминал времето залудно, има намера да дојде свечено и во придружба на сто коњаници, свои пријатели и слуги. Затоа го молел вујкото да се потруди жителите на Фермо убаво да го дочекаат, што не му носи чест само на Оливерото туку и нему зашто тој го израснал.

    И Џовани му го посветил целото внимание на сестричникот, издејствувал жителите на Фермо убаво да го пречекаат, а тој го дочекал на својата куќа. Таму тој, отакако поминале неколку денови и откако почекал да се подготви тоа што е потребно за идното злосторство, направил многу свечена гозба, на која ги поканил Џовани Фолјани и сите други угледни луѓе од Фермо. Кога завршиле ручекот и сите забави што се приредуваат при слични гозби, Оливерото намерно започнал некој сериозен разговор зборувајќи за големината на папата Александар и на Чезаре, неговиот син, како и за нивните потфати. Разговарајќи за тие прашања со Џовани и со другите, тој одеднаш станал, велејќи дека за тоа треба да се разговара на поскришно место, и се повлекол во една соба, а Џовани и сите други граѓани тргнале по него. И пред да седнат тие, излегле војниците од скришните агли во собата и ги убиле Џовани и сите други.

    По ова убиство, Оливерото го јавнал коњот, прошетал низ целиот град и ја опсадил палатата на управниот совет, така што советот, од страв, бил принуден да му се покори и да формира влада на чие чело ќе биде тој. Откако ги уби сите оние кои, како незадоволници, би можеле да го нападнат, тој се зацврсти со нови граѓански и војнички одредби, така што за една година, колку што владееше, не само што беше безбеден во градот Фермо туку стана и опасен за сите свои соседи. И би било тешко некој да го прогони, како и Агатокле, да не допуштеше да го измами Чезаре Борџија кога во Синигалија, како што рековме, ги испофаќа Орсиниеви и Вителиеви. Фатен таму, една година откако го уби својот посвоител, и Оливерото беше удавен заедно со Вителоцо кој му беше учител во големите дела и злосторства.

    ReplyDelete
  23. Некој би можел да се праша како можепе Агатокле и уште некои слични на него, по безбројните предавства и свирепости, долго да живеат безбедни во својата татковина и да се бранат од надворешните непријатели, а нивните поданици никогаш да не коват заговор против нив, додека многу други не можеле да ја зачуваат државата со свирепост ни во мирни времиња а камоли во матните воени времиња. Мислам дека тоа зависи од тоа дали свирепите дела биле употребени добро или лошо. Добро употребени може да се наречат (ако злото смее да се нарече добро) оние што се вршат одеднаш, од потребата владетелот да се осигури, а потоа не продолжуваат туку се преобразуваат во работи што е можно покорисни за поданиците. Лошо употребени се оние свирепости кои, иако на почетокот се малубројни, со текот на времето повеќе растат отколку што исчезнуваат. Оние што се управуваат според првиот начин, можат со помош на Бога и на луѓето да го осигурат своето владетелство, како што направил Агатокле. Што се однесува до другите, невозможно е да се одржат.

    Затоа треба да се забележи дека освојувачот мора, заземајќи некоја држава, да ги смисли сите насилства што треба да ги направи, па сите да ги изврши со еден замав, за да не мора да ги обновува секој ден и за да може, не обновувајќи ги, да ги обезбеди луѓето и да ги придобие правејќи им добро. Кој постапува инаку, било поради страв било поради лош совет, мора секогаш да држи нож в раце; тој никогаш не може да се потрпе на своите поданици, зашто тие не можат да веруваат во него поради неодамнешните и постојаните неправди. Навредите треба да се прават сите заедно зашто, поминувајќи побрзо, помалку навредуваат; добрите дела треба да се прават малку по малку за да се ужива повеќе во нив. Особено владетелот треба да живее со своите поданици така што никаков настан, било добар или лош, нема да го наведе на промена на ставот, зашто, ако во неповолни околности настапи потреба, немаш време да направиш зло, а доброто што го правиш не користи, зашто се смета дека е изнудено, па никој ни најмалку не ти е благодарен за тоа.

    ReplyDelete
  24. Глава X
    КАКО ТРЕБА ДА СЕ МЕРИ СИЛАТА НА ЕДНА ДРЖАВА

    Во разгледувањето на посебностите на овие владетелства постои уште нешто што треба да се земе предвид: дали владетелот има толку моќна држава што би можел, ако е потребно, самиот да се одржи на власт, или секогаш му е неопходна помош од надвор. Да го расветлиме подобро ова прашање: сметам дека оние кои се способни самите да се одржат на власт можат, имајќи доволно луѓе и пари, да формираат силна војска и да се судрат на бојното поле со секој што ќе ги нападне. Исто така сметам дека оние на кои им е постојано потребна помош од надвор не можат да му се спротивстават на непријателот на бојното поле, туку се принудени да се повлечат во укрепените градови и така да се заштитат. За првиот случај веќе расправавме а и натаму ќе говориме доколку има потреба за тоа. За вториот случај може да се каже само тоа дека треба да се охрабрат таквите владетели да ги укрепуваат и обезбедуваат своите градови, а не да водат грижа за околните полиња.

    Доколку некој сака да го нападне оној што добро го укрепил својот град, а во управувањето со своите поданици се однесува онака како што веќе кажав, а и понатаму ќе кажувам, ќе мора добро да размисли пред да го стори тоа, оти луѓето не ги сакаат освојувањата во кои се наидува на тешкотии, а не може да биде лесен нападот на оној владетел што има укрепени градови и не е омразен од народот.
    Германските градови се сосема слободни, имаат малку земјиште, а на царот му се покоруваат тогаш кога самите сакаат. Не се плашат ниту од другите моќници во соседството, бидејќи се толку добро укрепени што секој оној кој помислува на нивното освојување знае дека тоа ќе мора да биде тешко и напорно. Сите тие имаат соодветно укрепување и доволно артилерија, а во магацините постојано чуваат храна, пијалок и гориво потребно за една година. Покрај тоа, за да може народот да биде сит, а заедницата да не претрпи штета, треба секогаш да има работа за една година и тоа во оние дејности кои претставуваат средиште на животот во градот, како и во дејностите преку кои населението се прехранува.
    Исто така, мошне ги ценат и воените вежби, пропишувајќи бројни закони за нивното изведување. Значи, владетелот кој има добро укрепен град и не е омразен од народот нема да може да биде нападнат; па дури и некој да го нападне, ќе мора да се врати оттаму посрамен.

    Светот толку брзо се менува, што се чини невозможно освојувачот да може цела година да издржи со својата војска да седи и безделничи опсадувајќи некој град. Некој би можел да забележи дека народот, доколку има свој имот надвор од ѕидините, гледајќи го како гори нема да има трпение, па од жал, како и поради долгата опсада ќе заборави на владетелот. Но, јас одговарам дека моќниот и храбар владетел ќе умее секогаш да ги надмине сите овие тешкотии, или така што ќе ги теши поданиците дека несреќата нема долго да трае, или така што ќе ги заплашува од суровоста на непријателот, или пак со итрина ќе се заштити од оние што му изгледаат премногу дрски.
    Се разбира дека непријателот ќе ја пали и уништува земјата веднаш по своето доаѓање, но тогаш моралот на народот е висок и тој е подготвен за одбрана. Затоа, владетелот има уште помалку причини за страв, оти, по извесно време, кога моралот ќе се намали, штетите веќе ќе бидат нанесени, несреќата пристигната и веќе нема да постои друг излез. Во тие мигови поданиците уште повеќе ќе се сплотат со својот владетел, сметајќи дека и тој е обврзан кон нив, затоа што во корист на неговата одбрана нивните куќи се запалени, а имотите уништени.

    Во природата на луѓето е да се приврзуваат едни кон други, ќако оние што прават добрини, така и оние што ги примаат. Затоа, кога се ќе се земе предвид, на мудриот владетел нема да му биде тешко да го одржи моралот на своите поданици и пред и по опсадата, само ако има доволно храна за преживување и оружје за одбрана.

    ReplyDelete
  25. Глава XI
    ЗА ЦРКОВНИТЕ ДРЖАВИ

    Сега ни останува уште да проговориме и за црковните држави, во кои сите неволји доаѓаат пред да бидат освоени. Тие се освојуваат или со среќа или со способност, а се одржуваат и без едното и без другото, бидејќи се темелат на стариот поредок воспоставен од црквата, кој е толку моќен што може да го одржи својот господар на власт, независно од тоа како живее и како постапува.
    Тие владетели единствени имаат свои држави, а не ги бранат, имаат поданици, а не управуваат со нив.
    Државите, иако не се бранети, никој не им ги одзема, а поданиците, иако со нив никој не управува, не се грижат за тоа и не можат и не помислуваат да им завртат грб на своите господари.
    Затоа, само овие владетелства се навистина сигурни и среќни.

    Но, со оглед на тоа што со овие држави управуваат некои виши сили, до кои не допира човековиот ум, јас не би зборувал повеќе за нив.
    Бидејќи се создадени и одржувани од Бога, би било дрско и непромислено обичен човек за нив да расправа.
    Па сепак, некој би можел да запраша како успеала Црквата во денешно време да се издигне до таква големина и моќ, иако порано, пред папата Александар, италијанските господари, и не само тие, туку и најситните благородници и владетели, не ја ценеа премногу, а денес од неа трепери дури и францускиот крал, кого таа успеа да го протера од Италија, а исто така и да ги уништи Венецијанците.
    Иако е сето ова добро познато, сметам дека не е залудно повторно да се потсетиме.

    Пред да пристигне францускиот крал Карло во Италија, оваа област беше под власта на папата, на Венецијанците, на неаполскиот крал, на војводата од Милано и на Фирентинците.
    Овие господари имаа две основни грижи: прво, ниеден туѓинец со своја војска да не смее да влезе во Италија и второ, меѓу нив никој да не освои преголема власт.
    Оние што најмногу ги загрижуваа беа папата и Венецијанците.
    За да се задржат Венецијанците беше неопходно да се обединат сите други, како во случајот со одбраната на Ферара, а за да се спречи зајакнувањето на папата, мораше да се искористат големците од Рим.
    Тие беа поделени во две странки: оние на Орсини и Колона, меѓу кои секогаш имаше причини за судир, па наоѓајќи се постојано со оружје во рака, пред очите на папата, истовремено ја гарантираа и неговата немоќ.
    И доколку се случеше некогаш на власт да дојде некој посмел папа, како што беше Сикст IV, сепак ни неговата мудрост, ни среќата не можеа да го ослободат од споменатите неволји.

    ReplyDelete
  26. Глава XII
    ЗА РАЗНИТЕ ВИДОВИ ВОЈСКА И ЗА ПЛАТЕНИЦИТЕ

    Откако посебно расправавме за сите видови владетелства што уште на почетокот ги наведовме, и ги разгледавме причините за нивниот расцут и нивниот пад, покажувајќи на кои начини се освојува и се задржува власта, ни останува да проговориме за нападите и одбраните кои може да бидат потребни во секое од нив.
    Веќе претходно кажавме, дека на секој владетел му е неопходно да создаде цврсти темели на својата власт, инаку лесно може да пропадне.
    А основни темели на кои се засновани сите држави, и новите и старите и мешовитите, се добрите закони и добрата војска.

    Со оглед на тоа што добри закони не може да има без добра војска, а кога има добра војска треба да има и добри закони, ќе ги оставиме настрана законите и ќе расправаме за војската.

    Војската со која владетелот ја брани својата држава може да биде негова сопствена, или пак платеничка, помошна или мешовита.
    Платеничката и помошната војска се бескорисни и опасни.
    Владетелот кој својата држава ја темели на платеници не ќе биде никогаш силен ниту безбеден, оти тие се разединети, славољубиви, недисциплинирани и неверни.
    Храбри се пред пријателите, а страшливи пред непријателот; немаат страв од Бога ниту верба во луѓето, а штом бидат нападнати, веднаш се растураат.
    Тие во мир ќе те ограбат на ист начин како и непријателот во војна, а вината за сето ова е што не се борат за тебе од наклоност, ниту од некои други причини, туку за еден мал надомест кој не е доволен да ги натера да загинат за тебе.
    Тие сакаат да бидат твоја војска тогаш кога не водиш војна, но штом избувне војната, бегаат и те напуштаат.
    Не треба многу да зборувам за да го докажам тоа, бидејќи причината за сегашната пропаст на Италија не е ништо друго туку долгогодишното потпирање на платенички војски.
    Тие за некои владетели успеаја да постигнат извесен успех, излегувајќи храбри во меѓусебните борби, но штом беа нападнати однадвор веднаш ја покажаа својата вистинска природа.
    Затоа и беше можно францускиот крал Карло да ја освои Италија со еден потег на кредата, а оној што вели дека вината за тоа лежи во нашите гревови, ја кажува вистината, но тоа не се гревовите на кои тој мисли, туку овие за кои јас зборувам.
    Бидејќи, тоа беа гревови на владетелите, и тие подеднакво страдаа од нив.

    Би сакал подобро да ја прикажам несреќата што произлегува поради држењето на овој вид војска.
    Заповедниците на платеничката војска може да бидат, а може и да не бидат храбри.
    Ако се такви, тогаш, не можеш да имаш доверба во нив, бидејќи постојано ќе се стремат кон сопственото издигнување, а се против твојата волја.
    Ако не се храбри, тогаш сигурно ќе при донесат за твојата пропаст.
    Некој би можел да забележи дека секој што има оружје во раката, било да е платеник или не, ќе го стори истото.
    Но, јас одговарам државата.

    Владетелот мора лично да се прифати да ја извршува должноста на заповедник, а државата треба за таа цел да испрати некој од своите граѓани.
    Ако испратила некој што не е успешен и способен, треба да го смени, ако пак тој се покаже способен, треба да го задржи, пропишувајќи закони со кои ќе се обезбеди дека нема да ги пречекори своите овластувања.

    ReplyDelete
  27. Од искуството може да се види дека самите владетели и вооружените држави постигнуваат големи успеси, додека платеничката војска донесува само штета.
    Во државата која има сопствена војска многу потешко ќе може некој од граѓаните да ја преземе власта, отколку во државите што се вооружени со платеничка војска.

    Рим и Спарта долги векови беа вооружени и слободни.
    Швајцарците се исто така, многу вооружени, но и слободни.
    Пример за платеничка војска во антиката се Картагинците, кои, имајќи ги за водачи сопствените граѓани, по првата војна против Римјаните, за малку ќе беа потчинети од своите платеници.
    Филип Македонски, по смртта на Епаминонда, беше поставен од Тебанците за заповедник на нивната војска, но, по победата им ја одзеде слободата.
    Граѓаните на Милано, по смртта на војводата Филипо, го изнајмија Франческо Сфорца да се бори против Венецијанците.
    Но, тој, откако го победи непријателот во Каравацо, склучи сојуз со него за да ги потчини своите господари од Милано.
    Неговиот татко, Сфорца, додека служел во војската на кралицата Џована од Неапол, во еден миг ја оставил без никакво вооружување, така што таа, за да не го загуби кралството, била принудена да се стави под заштита на арагонскиот крал.
    На тврдењето дека Венецијанците и Фирентинците во минатото ги зголемија своите владетелства токму со помош на платенички војски, а нивните заповедници не претендираа да станат владетели, туку ја обезбедуваа нивната одбрана, би одговорил дека на Фирентинците во овој случај им беше наклонета судбината, бидејќи храбрите заповедници, од кои требаше да стравуваат, или не успеаја да победат, или имаа бројни противници, или пак својата амбиција ја пренасочија во друга насока.
    Меѓу оние што не победија беше Џон Хоквуд, чија верност поради тоа не може точно да се оцени, но несомнено е дека, во случај да победеше, Фирентинците сигурно ќе беа препуштени на неговата милост и немилост.
    Сфорца ги имаше своите противници во ликот на семејството Брачо и тие постојано се расправаа меѓу себе.
    Стремежите на Франческо Сфорца беа насочени кон Ломбардија, а оние на Брачо кон Црквата и Неаполското кралство.

    Но, да се задржиме на некои настани кои се случија неодамна.
    Фирентинците го назначија за свој војсководец Паоло Вители, мошне мудар човек, кој, иако беше од обично потекло, успеа да стекне голем углед.
    Но да успееше да ја освои Пиза, не би можел никој да порекне дека Фирентинците не ќе сакаа да останат и натаму со него.
    Да заминеше тој во војската на нивните непријатели, за нив ќе немаше веќе лек, а да го задржеа, ќе мораа да му се покоруваат.
    Ако, пак, ги разгледаме походите на Венецијанците, ќе видиме дека тие мошне сигурно и славно војуваа се додека имаа сопствена војска.
    Тоа беше пред да започнат со копнените освојувања.
    Со благородниците и со вооружениот народ мошне смело војуваа, но штом се префрлија на копното, ги напуштија тие свои доблести и дозволија да ги понесат вообичаените навики на Италијанците.

    ReplyDelete
  28. На почетокот од нивните копнени освојувања, поради тоа што немаа големо владетелство, а уживаа голем углед, не мораа да се плашат од своите војсководци.
    Но, штом почнаа да се прошируваат, под водство на грофот Кармињола, ја увидоа својата прва грешка.
    Познавајќи го Кармињола како многу способен, со оглед на тоа што со негова помош го победија војводата од Милано, но гледајќи, од друга страна, како млако се однесува во борбите, проценија дека со него не ќе можат веќе да победуваат.
    Затоа, не можејќи да го отпуштат, за да не го загубат она што со него го освоиле, неопходно беше да го убијат, за да се заштитат од него.
    Подоцна нивни војсководци беа Бартоломео од Бергамо, Руберто од Сан Северино, грофот од Питилјано, и други, слични на нив, со кои требаше да се плашат од поразот, а не од победата.
    Поразот им се случи подоцна кај Ваила, кога за еден ден го загубија сето она шго во текот на 800 години, со толкави напори го беа освоиле.
    Причината за тоа е што овој вид војска може да донесе само бавни, задоцнети мали победи, а брзи и страшни порази.
    Споменатите примери ме пренесоа во Италија, во која долго време господарат платеничките војски.
    Би сакал повеќе и поопширно да проговорам за нив, така што, кога ќе се сфатат причините за нивното потекло и нивниот развиток, состојбата ќе може полесно да се поправи.

    Треба да биде јасно дека штом почна, распаѓањето на Германското царство во Италија, папата воедно стекна поголем световен углед, а земјата се подели на неколку држави.
    Многу од поголемите италијански градови се кренаа во борба против своите благородници, кои претходно, помагани од императорот, ги држеа во целосна покорност.
    Црквата ги помагаше за да си обезбеди што поголем световен углед, а во многу од нив граѓаните станаа владетели.
    Така, речиси цела Италија беше во рацете на Црквата и на неколку републики, а бидејќи свештенството и граѓаните не беа навикнати на употреба на оружје, почнаа да изнајмуваат војници однадвор.
    Првиот кој и обезбеди углед на оваа војска беше Римјанинот Албериго ди Конио.
    Низ неговата обука поминаа, меѓу другите, Брачо и Сфорца, кои во своето време беа господари на Италија.
    По нив доаѓаат и сите други кои се до денес управуваат со овој вид војска.
    Како последица на нивното јунаштво Италија беше прегазена од Карло, ограбена од Луј, покорена од Фердинанд, а посрамена од страна на Швајцарците.
    Правилата што тие ги воспоставија се состоеја во одземањето на угледот на пешадијата, за да си го присвојат тие самите.
    Така постапуваа поради тоа што, немајќи своја држава, живееја само од својот занает; не можеа да се здобијат со поголем углед бидејќи имаа мал број пешадинци, а ако го зголемеа бројот, не ќе можеа сите да ги издржуваат.
    Затоа, се ограничија на коњаниците, и тоа во огранотен број, преку кој можеа да се издржуваат и да се здобијат со углед.
    На крајот, стигнаа до таму, во една војска од 20.000 војници да нема ни 2.000 пешадија.
    Покрај тоа, ги користеа сите свои средства да го отстранат заморот и стравот кај себе и кај своите војници, во меѓусебните судири не се убиваа, туку се испраќаа во затвор, и тоа без откупнина.
    Ноќе не ги напаѓаа имотите, а од имотите луѓето не ги напаѓаа нив.
    Околу логорот не градеа ограда ниту копаа јаз, а во зима воопшто не логоруваа.
    Сето ова беше дозволено според нивните војнички правила, кои самите ги измислија за да можат, како што веќе рековме, да го избегнат напорот и опасностите.
    Така придонесоа Италија да стане робинка и да биде посрамена.

    ReplyDelete
  29. Глава XIII
    ЗА ПОМОШНАТА, МЕШОВИТАТА И СОПСТВЕНАТА ВОЈСКА

    Помошните војски се уште еден вид бескорисни војски посебно кога повикуваш некој моќник да ти помогне и да те брани со помош на својата војска.
    Така неодамна постапи папата Јулиј, кој во освојувањето на Ферара имаше тажно искуство со својата платеничка војска, одлучи да се обиде со помош на војската.
    Со шпанскиот крал Фердинанд склучи договор тој да го помага со свои луѓе и со своја војска.
    Овој начин може да биде добар и полезен за самата војска, но на оној што ја повикува речиси секогаш му донесува само штета; оти, ако ја загуби војната, тој е уништен, а ако победи, станува нејзин поданик.
    Па, иако е античката историја полна со вакви и слични примери, јас сепак би тргнал од овој неодамнешен пример со папата Јулиј II.
    Во желбата да загосподари со Ферара тој донесе една мошне неразумна одлука, препуштајќи се сосема во рацете на туѓинецот.
    Но, среќната судбина на папата придонесе да се случи нешто сосема трето, така што тој не мораше да ги трпи последиците од својот погрешен избор.
    Кога неговите помошници беа победени кај Равена, дојдоа Швајцарците кои ги истераа победниците, спротивно на сите можни очекувања; а папата не падна во рацете на непријателот, бидејќи тој беше уништен, ниту пак во рацете на своите помошници, кои всушност победија со туѓи сили, а не со своите.

    Во намерата да ја освојат Пиза, Фирентинците, кои беа сосема невооружени, донесоа таму 10.000 Французи и со таа одлука се доведоа себеси во таква опасност, како никогаш пред тоа во нивната историја.
    За да им се спротивстави на своите соседи византискиот цар доведе 10.000 Турци во Грција, кои, по завршувањето на војната не сакаа да заминат оттаму; тоа беше почетокот на грчкото робување под Турците.
    Значи оној што не сака да победи во битката, нека се послужи со овој вид војска, која е многу поопасна од платеничката.
    Пропаста со неа ти е сигурна; таа е силна, единствена, целосно покорна на друг владетел.
    На платеничката војска, доколку сака да ти наштети по победата, потребно и е подолго време и поповолна прилика, бидејќи е разединета, а изнајмена е и плаќана од тебе.
    Некоја трета личност, што ти си ја поставил за заповедник, не ќе може веднаш да стекне толку голем углед за да одлучи да ти наштети.
    Накусо, кај платениците поопасна е мрзеливоста, а кај помошниците јунаштвото.

    ReplyDelete
  30. Поради тоа, мудриот владетел секогаш ќе ги одбегнува овие војски и ќе ја користи само својата сопствена војска, ќе претпочита да ја загуби битката со своја војска, отколку да победи со туѓа, знаејќи дека победата до која се доаѓа со туѓо оружје не е вистинска победа.
    Нема воопшто да се двоумам на ова место да гоаведам примерот на Чезаре Борџија и на неговите постапки.
    Војводата навлезе во Ромања со помош на војска, имајќи со себе само француски војници со чија помош успеа да ги освои Имола и Форли.
    Но потоа, оваа војска не му изгледаше повеќе сигурна, па премина на платеници, сметајќи дека се тие помалку опасни.
    За таа цел ги ангажираше Орсини и Вители, меѓутоа со текот на времето откри дека се и тие сомнителни, недоверливи и опасни, па ги растера и се сврте кон сопствената војска.
    Лесно може да се воочи разликата помеѓу едниот и другиот вид војска ако се спореди угледот на војводата кога ги имаше само Французите, потоа семејствата Орсини и Вители и на крајот кога остана самиот со својата војска.
    Неговиот углед постојано се зголемуваше и никогаш војводата не беше толку ценет како во мигот кога сите дознаа дека е самиот тој апсолутен господар на својата војска.

    Не би сакал да се оддалечувам од неодамнешните италијански примери, но сепак не би го испуштил ни оној на Хиерон од Сиракуза, за кого веќе претходно доволно говорев.
    Него, како што кажавме, Сиракузаните го поставија за заповедник на нивната војска, а тој веднаш знаеше дека таа војска, кога беше платеничка, не може да му биде од голема полза, бидејќи нејзините заповедници беа слични на нашите во Италија.
    Гледајќи дека не може ниту да ги задржи ниту да се ослободи од нив, тој нареди да ги погубат, и да ги исечат на парчиња, а потоа борбите ги водеше со сопствена војска, а не со туѓа.

    Би сакал да се потсетиме и на едно место од Стариот Завет, кое убаво се вклопува во нашата расправа.
    Откако Давид му предложи на Саул да тргнат во борба против Голијат, Саул, филистејскиот предизвикувач, за да го охрабри, му го понудил своето оружје.
    Но, штом го стави на себе, Давид го одби, велејки дека со него не ќе може добро да ја искористи својата сила и затоа претпочита да тргне на непријателот со својот стап и својот нож.
    Во секој случај, туѓото оружје или ќе ти тежи, или ќе те притиска или ќе ти испадне од раката.

    Карло VII, таткото на кралот Луј XI, кој со својата среќа и јунаштво успеа да ја ослободи Франција од Англичаните ја почувствува потребата да биде вооружен со сопствено оружје, така што нареди во неговото кралство да се формира редовна војска, коњица и пешадија.
    Но, неговиот син, кралот Луј, подоцна ја распушти пешадијата и започна да ги изнајмува швајцарските војници.
    Таа грешка, следена со уште некои други, беше, како што сега може да се види, причина за раѓањето на неволјите во ова кралство.
    Оти, уважувајќи ги повеќе Швајцарците, кралот придонесе да заслабне неговата сопствена војска, растурајќи ја пешадијата и принудувајќи ги своите војници да пристапат кон туѓо оружје.

    ReplyDelete
  31. Навикнати да војуваат заедно со Швајцарците, тие сметаа дека без нив не ќе можат никогаш да победуваат.
    Поради тоа Французите не беа во состојба да се борат против Швајцарците, а без нив не се осмелуваа да се борат против другите.
    Француската војска беше мешовита; делумно платеничка, делумно сопствена.
    Ваквата војска сета заедно е многу подобра отколку само помошната или само платеничката, но многу полоша од сопствената војска.
    Доволна потврда за тоа е споменатиот пример, бидејќи француското кралство можеше да стане непобедливо, доколку ги почитуваше и ги развиваше одредбите воспоставени од кралот Карло.
    Но, луѓето од непромисленост започнуваат нешто што тогаш им се чини добро, а не се свесни за отровот што таму е скриен, слично како состојбата со туберкулозата, за која веќе говорев.

    Затоа владетелот кој не умее да ги препознае неволјите во текот на нивното раѓање не е воопшто мудар човек; а ретки се оние што тоа го умеат.
    Ако ги разгледаме причините за првото распаѓање на Римското царство ќе видиме дека тие настапија со изнајмување на Готите.
    Оттогаш датира и губењето на силата на Римската империја, чија моќ постепено почна да се пренесува на страната на Готите.
    Би заклучил, затоа, дека без сопствена војска ниедна држава не е сигурна, туку е наполно препуштена на судбината, немајќи сили што ќе можат да ја одбранат од неволја.
    Мудрите луѓе отсекогаш велеле: „ништо не е толку несигурно и нестабилно како славата на моќта која не е заснована на сопствени сили."
    Сопствена војска е онаа која е составена од твоите поданици, граѓани или други твои луѓе; сите останати се или платенички или помошни војски.
    Начинот како треба да се уреди сопствената војска лесно може да се пронајде ако се разгледаат постапките на четиритемина владетели за кои досега говорев.
    Исто така, заслужува да се види како биле вооружени и уредувани државата на Филип, таткото на Александар Велики и некои други републики и владетелства.
    Во начинот на нивното уредување имам целосна доверба.

    ReplyDelete
  32. Глава XIV
    ДОЛЖНОСТИТЕ НА ВЛАДЕТЕЛОТ КОН ВОЈСКАТА

    Владетелот не смее да има друга цел, ни друга мисла, ни друго занимање освен водењето војна, војничкото уредување и дисциплината.
    Тоа е единствената вештина која се очекува од војсководецот.
    Оваа вештина е толку голема што не само што ги одржува на власт оние што се родиле како владетели, туку често пати им овозможува и на обичните луѓе да се издигнат до таа висока положба.
    Од друга страна, гледаме дека владетелите кои повеќе мислеле на уживањата отколку на војската брзо ги загубиле своите држави.
    Причина за да го загубиш владетелството е да ја запоставиш оваа вештина, а услов за да го освоиш е одлично да ја познаваш.

    Благодарение на тоа што беше добро вооружен Франческо Сфорца успеа од обичен граѓанин да стане војвода од Милано, а неговите синови, избегнувајќи ги неволјите поврзани со војската, од војводи станаа обични луѓе.
    Меѓу другите неволји што со себе ги носи несреќата да се биде невооружен е и таа што луѓето не те почитуваат.
    Тоа е срамота од која владетелот мора секогаш да се пази за што ќе говориме понатаму.
    Вооружениот и невооружениот човек не може да се споредуваат и бесмислено е вооружениот доброволно да му се покорува на оној што нема оружје, или пак невооружениот владетел да биде сигурен среде вооружени поданици.
    Кај едниот ќе се роди презир, а кај другиот сомнеж, така што не ќе биде можно заеднички да дејствуваат.
    Владетелот кој не се разбира од војничките работи покрај другите неволји, што веќе ѓи споменавме, не ќе може да биде почитуван од своите војници, ниту пак тој ќе има доверба во нив.

    Затоа, не смее никогаш да престане да ја практикува воената вештина, уште повеќе во мир отколку во време на војна.
    Тоа може да го постигне на два начина: со мисли и со дела.
    Што се однесува до делата, својата војска мора постојано да ја одржува во ред и добро под готвена, а самиот тој постојано да оди на лов, со што ќе го навикне своето тело на напори.
    Истовремено, треба да ја проучи природата на земјиштето, да види како се креваат планините, како се спуштаат низините, до каде се простираат рамнините; да го дознае текот на реките и особините на мочуриштата, и на сето тоа да му посвети најголемо внимание.
    Овие знаења се корисни од две причини.
    Најпрвин, се запознава сопствената земја, што овозможува подобро да се организира нејзината одбрана, а покрај тоа, познавајќи го ова земјиште владетелот лесно ќе може да претпостави какво е она што му престои да го запознае.
    Бидејќи, ридовите, низините, рамнините, реките и мочуриштата кои се наоѓаат, на пример, во Тоскана, имаат одредени сличности со оние во другите области; така, преку познавањето на земјиштето од една област лесно може да се запознаат и другите.

    ReplyDelete
  33. На владетелот кој не ја познава оваа вештина му недостига првиот услов што мора да го има секој војсководец.
    Таа вештина те учи како да го пронајдеш непријателот, како да го поставиш логорот, како да ја водиш војската, да ги планираш битките, да ги опсадуваш крепостите, а сето тоа да биде во твоја полза.

    Филопојмен, владетелот на Ахајците меѓу другите пофалби што му беа изречени од неговите животописци, ја добил и таа дека дури и во мирновременски услови не размислувал за ништо друго освен за војувањето.
    Наоѓајќи се со пријателите во природата, често пати имал обичај да застане и да ги запраша: „Кога непријателот би се наоѓал на оној рид, а ние со нашата војска тука, кој од нас би имал поголема предност?"
    Шетајќи, им ги наведувал сите околности во кои може да се најде една војска, ги прашувал за нивното мислење и го изнесувал своето, поткрепувајќи го со докази.
    Благодарение на таа постојана грижа, додека тој ја водеше војската не можеше да се роди никаква тешкотија на која не би и го пронашол лекот.

    Што се однесува до мисловните подготовки, владетелот треба да ја чита историјата и да ги проучи делата на големите луѓе, да се запознае со нивното однесување во време на војна, да ги проучи причините за нивните победи и порази, за да може едните да ги примени, а другите да ги одбегне.
    Пред се, треба да постапува онака како што пред него постапувале некои големи луѓе кои се угледувале на други, порано фалени и славени личности, чии постапки и дела ги имале постојано пред себе.
    Така, се вели дека Александар Велики се угледувал на Ахил, Цезар на Александар, а Скипион на Кир.
    Ако некој ја прочита Кировата биографија напишана од Ксенофонт ќе може да види колку голема слава во животот на Скипион му донесе токму тоа угледување, и колку во својата чесност, љубезност, хуманост и слободоумност тој се управувал според она што Ксенофонт го имаше напишано за Кир.

    На ваквите и слични примери треба да се угледува мудриот владетел и никогаш да не безделничи во време на мир, туку вешто од тоа да создаде капитал што ќе може да го искористи во неволја; така што кога среќата ќе му го заврти грбот, да биде подготвен да и се спротивстави.

    ReplyDelete
  34. Глава XIX
    КАКО ДА СЕ ИЗБЕГНЕ ПРЕЗИРОТ КИ ОМРАЗАТА

    Со оглед на тоа дека од претходно споменатите особини јас веќе говорев за оние кои се најважни, преку другите би сакал да преминам брзо и воопштено да проговорам за тоа дека владетелот треба да настојува, како што напомнав и во насловот, да го одбегнува сето она што ќе му донесе омраза и презир.
    Секогаш кога ќе успее во тоа, ќе ги изврши своите должности и не ќе има пречки во остварувањето на другите свои дела, дури и да се нечесни.
    Омразен станува, пред се, како што веќе реков, поради ограбувањето и грабањето на имотот и жените на своите поданици, така што мора да се воздржува од тоа.
    Штом на луѓето не им се одзема ниту имотот ниту честа тие ќе бидат задоволни, а владетелот тогаш ќе треба да се бори само со малиот број славољубиви, кои на разни начини и лесно ќе може да ги скроти.
    Презрен ќе стане ако го сметаат за превртлив, лековерен, мек, малодушен и нерешителен, од што треба да се пази како од голема опасност, и да се потруди во неговите постапки да се огледа способност, јунаштво, сериозност и сила.

    Што се однесува до приватните работи на поданиците, треба да настојува неговата пресуда да биде неотповиклива, а за себе да создаде такво мислење што никој нема да смее да го прелаже или да го измами.
    Владетелот кој ќе успее за себе да создаде вакво мислење ќе биде мошне ценет и почитуван, а против оној кого го ценат луѓето потешко ќе организираат заговор и тешко некој ќе го нападне штом знае дека е исклучително способен и почитуван од своите поданици.
    Бидејќи, има две причини од кои владетелот треба да се плаши: едната одвнатре, од поданиците, а другата е однадвор, од моќните туѓинци.
    Од втората ќе се одбрани со добрата војска и добрите пријатели, а ако има добра војска секогаш ќе има и добри пријатели.
    И секогаш ќе владее мир внатре во државата кога ќе биде мирно и надвор од неа, освен во случај мирот да биде нарушен од некаков заговор.
    Дури и тогаш кога би се нарушил надворешниот мир, доколку владетелот живее и управува како што реков и не се предаде, ќе може да се спротивстави на секаков напад, како што постапи Спартанецот Набид, за што веќе говорев.
    Што се однесува до поданиците, ако однадвор нема нарушување на мирот, треба да се плаши да не се организираат тие во некој таен заговор.
    Од ова владетелот во голема мера ќе се обезбеди ако ги одбегне презирот и омразата и ако се погрижи народот да биде задоволен од него, а тоа е мошне важно да се постигне, во согласност со она што претходно опширно го објаснивме.

    Едно од најдобрите средства што може владетелот да ги употреби против заговорите е да не биде омразен од страна на народот.
    Организаторот на заговорот секогаш смета дека со смртта на владетелот ќе го задоволи народот, но штом ќе реши да тргне во напад, ќе види дека нема сила да ја изврши таа одлука, бидејќи безбројни тешкотии застануваат на патот на заговорниците.
    Од искуството може да се види дека постоеле многу заговори, но мал број од нив завршиле успешно.
    Оној што го организира заговорот не може да успее сам, а да се здружи може само со оние за кои верува дека се незадоволни.
    Штом му ја откриеш својата намера на некој незадоволник, тој веќе има повод да биде задоволен, бидејќи, поткажувајќи те тебе, може да очекува за себе голема полза.
    Гледајќи дека на овој начин добивката му е сигурна, а на оној сомнителна и полна со опасности, треба или да ти биде ретко добар пријател или пак жесток непријател на владетелот за да ти остане верен.

    ReplyDelete
  35. Накратко речено, сметам дека кај заговорниците постои само страв, завист и уплав од казната што им се заканува.
    На страната на владетелот е висината на тронот, законите, заштитата од страната на пријателите и на државата.
    Кога кон тоа ќе се додаде и наклонетоста на народот никој нема да има толкава смелост да организира заговор.
    Вообичаено е заговорникот да се плаши пред изведувањето на заговорот, но во овој случај треба да се плаши и потоа, кога и народот ќе му стане непријател по извршениот престап и не ќе може да се надева на никакво засолниште.
    Во врска со ова би можеле да се наведат безбројни примери, но јас би се задоволил само со еден, од времето на нашите татковци.

    Господинот Анибале Бентиволјо, дедо на сегашниот господин Анибале, кој владееше со Болоња, беше убиен од членовите на семејството Канески, кои организираа заговор против него.
    Од неговите не остана жив никој освен господинот Џовани, кој тогаш беше уште во пелени.
    Но, веднаш по ова убиство се крена народот и ги погуби сите Канески, што се случи благодарение на големата наклоност од народот што семејството Бентиволјо ја уживаше во тоа време.
    Таа беше толкава што, кога по смртта на Анибале жителите на Болоња увидоа дека не останал никој што би можел да застане на власт, а дознавајќи дека во Фиренца живее наследник на нивниот род (за кого дотогаш се сметало дека е син на ковач), заминале по него во Фиренца и му го довериле управувањето на градот, се додека не порасна господинот Џовани.
    Затоа, заклучувам дека владетелот не треба многу да се грижи за заговорите ако ја има наклоноста од народот, но кога народот му е непријател и го мрази, тогаш треба од се и од секого да се пази.

    Во добро уредените држави мудрите владетели со сета своја разборитост секогаш настојувале да не ги разочараат големците и да го задоволат народот, бидејќи тоа е една од најважните задачи на секој владетел.
    Во наше време, меѓу добро уредените и управуваните кралства се вбројува Франција, во која може да се најдат безброј одлични закони кои ја заштитуваат слободата и сигурноста на кралот, а најзначаен меѓу нив е парламентот и неговата власт.
    Оној што го уредувал тоа кралство, познавајќи ја славољубивоста на големците и нивната безобѕирност, проценил дека е неопходно да се ограничи нивната моќ.
    Од друга страна, знаејќи за омразата на народот кон големците, омраза заснована на стравот, посакал да го заштити, но на тој начин што ова нема да биде исклучива грижа на кралот.
    Така, го ослободил кралот од неволјите што би ги имал со големците ако го заштитува народот, како и со народот ако ги заштитува големците.
    Затоа формирал трето тело кое треба, без да го оптоварува кралот, да се бори со големците и да ги заштитува ниските слоеви.
    Не можеше да се пронајде подобра и помудра уредба од оваа, ниту пак подобар начин да се зачува безбедноста на кралот и на кралството.
    Врз основа на ова може да се извлече уште една поука: владетелите треба да им го препуштат на други раководењето со непријатните работи, а на себе да ги преземат оние пријатните.
    Одново заклучувам дека владетелот треба да ги почитува големците, но притоа да не предизвика омраза кај народот.

    Многумина би можеле да помислат, имајќи ги предвид животот и смртта на некои римски императори, дека се тие примери спротивни на моето тврдење, знаејќи дека некои владетели живееле секогаш достојно за почит и покажувале огромни доблести на духот, па сепак го загубиле царството или загинале од раката на своите блиски, кои организирале заговор против нив.

    ReplyDelete
  36. Одговарајќи на овие забелешки би сакал да проговорам за особините на некои од овие императори, укажувајќи на причините за нивната пропаст кои не се разликуваат од оние што веќе ги изнесов.
    Покрај тоа, ќе изложам и повеќе факти значајни за оној што ги проучува настаните од тоа време.
    Доволно е да ги наведам сите императори што владееле помеѓу Марк философот и Максимин.
    Тоа е Марк, неговиот син Комод, потоа Пертинакс, Јулијан, Север, неговиот син Антонин Каракала, Макрин, Хелиогабал, Александар и Максимин.
    Уште на почетокот треба да се забележи дека за разлика од другите владетели кои се принудени да се борат со славољубивоста на големците и дрскоста на народот, римските императори имаат и трета тешкотија, а тоа е суровоста и лакомоста на војниците.
    Тоа беше мошне тешко да се совлада, така што претставуваше причина за пропаста на многу владетели.

    Тешко е да се задоволат и војниците и народот, бидејќи народот сака мир и затоа ги претпочита умерените владетели, а војниците ги претпочитаат владетелите со војнички дух, бестрашни, сурови и грабежливи.
    Тие сакаат овие особини владетелот да ги применува и кон народот, за тие да можат да добијат двојно поголема плата и да ја задоволат својата лакомост и суровост.
    Поради тоа секогаш пропаѓаа ониеpar императори кои со својата природа и своите способности не уживаа голем углед, кој би им помогнал да ги скротат и едните и другите.
    Најголем број од нив, а особено оние кои од обични граѓани станале владетели, прзнавајќи ги тешкотиите што ги предизвикуваат и двете страни, настојуваа најнапред да ги задоволат војншдите, не водејќи многу грижа за неправдите што му се нанесуваат на народот.
    Таа нивна одлука беше нужна, бидејќи не може владетелите да не бидат омразени од никого.
    Кога веќе е така, најнапред треба да се погрнжат да не ги замрази сето население, а ако не можат тоа да го постигнат, тогаш со сите сили треба да настојуваат да ја избегнат омразата од најмоќните слоеви на населението.

    Затоа императорите кои неодамна дошле на престолот, имајќи потреба од поголеми услуги, почесто се свртуваа кон војниците отколку кон народот.
    Тоа некогаш им се враќаше со поголема, а некогаш со помала корист, зависно од тоа каков углед успеал владетелот да создаде кај војската.
    Од наведените причини произлезе Марк, Пертинакс и Александар, кои живееја скромно, беа љубители на правдата, непријатели на суровоста, човечни и добродушни, сите, освен Марк, да имаат несреќен крај.
    Единствено Марк живееше и умре со големи почести, бидејќи дојде на власт преку наследното право и немаше потреба за тоа да им благодари ниту на војниците ниту на народот.
    Покрај тоа, поседуваше и многу доблести поради кои беше мошне почитуван и сиот свој живот успеваше да ја одржи рамнотежата помеѓу едните и другите, така што не беше никогаш омразен ниту презрен.
    За разлика од него, Пертинакс стана владетел наспроти волјата на војниците кои, навикнати на распустен живот за времето на Комод, не можеа да го поднесат чесниот живот кон кој Пертинакс сакаше да ги упати.
    Така, самиот предизвика да стане омразен, а кога кон омразата ќе се додаде и презирот, поради неговата старост, Пертинакс всушност пропадна уште на самиот почеток од своето владеење.

    ReplyDelete
  37. Тука треба да се забележи дека омразата може да се предизвика како со добрите така и со лошите дела и затоа, како што веќе реков, владетелот кој сака да ја задржи својата држава честопати е принуден на тоа да не биде добар.
    Оти, ако луѓето кои сметаш дека ти се потребни се расипани, било да е тоа народот, војската или големците, тогаш е подобро да го следш нивниот пример, за да можеш да ги задоволиш.
    Добрите дела во тој случај ќе ти донесат само штета.

    Да преминеме на Александар, кој беше толку добар, што меѓу другите пофалби кои го красеа беше и таа дека во текот на 14-те години од неговото владеење ниеден осуденик не бил казнет со смрт.
    Па сепак, бидејќи го сметале за премногу мек човек, кој допуштил со него да раководи мајка му, предизвикал да биде презрен, а војската се организирала против него и го убила.
    Наспроти нив, ако сега ги разгледате особините на Комод, Север, Антонин Каракала и Максимин, ќе видите дека биле исклучително сурови и грабежливи.
    За да ги задоволат војниците, тие не се воздржуваа на народот да му нанесуваат секаков вид неправди и сите, освен Север, имаа несреќен крај.
    Север имаше мошне големи способности и успеваше постојано да го задржи пријателството со војската, така што, иако го угнетуваше народот, можеше секогаш среќно да владее.
    Неговото јунаштво му обезбедуваше восхит од страна на војниците и народот, па народот беше зачуден и воодушевен, а војниците задоволни и долни со почит.
    Со оглед на тоа што неговите дела беа мошне големи за владетел кој неодамна дошол на престолот, би сакал накусо да покажам колку добро умееше тој да ги користи особините на лисицата и лавот, за кои веќе порано говорев дека е неопходно да ги поседува секој владетел.
    Кога Север ја увиде немарноста на императорот Јулијан, ја наговори војската, со која заповедаше во Илирија, дека треба да замине во Рим да се одмазди за смртта на Пертинакс кого го убија преторијанците.
    Под тој изговор, без да ги покаже своите аспирации кон престолот, ја поведе војската во Рим, и уште пред да се дознае неговата намера тој веќе се наоѓаше во Италија.

    Штом пристигна во Рим Јулијан беше убиен, а Сенатот, застрашен, веднаш го назначи Север за нов император.
    По ваквиот почеток, му преостанаа на Север уште две тешкотии, доколку сакаше да загосподари со целата држава: едната беше во Азија, каде што Нигер, заповедникот на азиската војска се беше прогласил за цар, а другата на запад, каде што се наоѓаше Албин, кој и самиот тежнееше кон престолот.
    Бидејќи сметаше дека е опасно ако на двајцата им го објави своето непријателство, тој реши да го нападне Нигер, а да го измами Албин.
    На Албин му напиша писмо дека би сакал со него да ја подели честа што Сенатот го избрал да биде нов император.
    Му ги испрати царските белези и според одлуката на Сенатот го покани да владеат заедно, во што Албин навистина поверува.
    Но, откако го победи и го уби Нигер смирувајќи ја состојбата во источните краеви, штом се врати во Рим се пожали во Сенатот дека наместо да му биде благодарен за сторените добрини Албин подмолно се обидува да го убие, па затоа е неопходно да се казни за неговата неблагодарност.

    Потоа замина во Франција да го пронајде и таму му ја одзеде и власта и животот.
    Ако поподробно ги разгледаме неговите постапки ќе видиме дека тој бил мошне крволочен лав и мошне итра лисица.
    Исто така, ќе видиме дека сите се плашеле од него и го почитувале, а војската не го мразела.
    Не треба да се чудиме што Север, иако беше нов владетел, успеа да одржи едно толку големо царство; неговиот огромен углед ја оневозможуваше омразата што можеше да се роди кај народот поради бројните грабежи.
    Но, и неговиот син Антонин беше човек со извонредни особини, поради кои војската го сакаше, а народот му се восхитуваше.

    ReplyDelete
  38. Тој беше вистински војник, подготвен да поднесе секаков напор, ги презираше убавите јадења и сите други нежности, што придонесе да биде многу сакан од сите војници.
    Па сепак, неговата крволочност и суровост беа мошне големи, речиси невидени.
    Откако изврши безбројни поединечни убиства тој ги погуби голем дел од жителите на Рим и сите жители на Александрија, поради што стана омразен насекаде.
    Од него почнаа да се плашат и неговите најблиски соработници, така што Антонин беше убиен од еден центурион, среде сопствената војска.

    Треба да се забележи дека ваквата и слична смрт, која е последица на нечија огромна упорност, владетелите тешко можат да ја избегнат, бидејќи секој оној кој не се плаши од сопствената смрт може да се реши нив да ги нападне.
    Но сепак, таквите се ретки и владетелот не мора премногу да се грижи за нив.
    Треба да внимава да не им нанесува големи неправди на оние од кои очекува да му помогнат и кои се наоѓаат околу него, во служба на државата.
    Така погреши Антонин, кој срамно го погуби братот на споменатиот центурион, а и нему секојдневно му се закануваше, макар што го задржа во својата телесна гарда.
    Тоа беше непромислено и можеше да го уништи, како што впрочем и се случи.
    Но, да преминеме на Комод, кому му беше лесно да го задржи царството, бидејќи го здоби преку наследното право, како син на Марк.
    Доволно беше да ги следи татковите стапки и да ги задоволи и војниците и народот. Меѓутоа, имајќи суров и ѕверски дух, за да може да го ограбува народот се сврте кон војската и й овозможи огромни овластувања и слободи.
    Од друга страна, не водејќи сметка за своето достоинство, честопати се симнуваше во арените да се бори со гладијаторите, а правеше и други ниски работи, недостојни за неговото царско височество, така што стана презрен и во очите на војниците.
    Омразен од народот и презрен од војската, против него беше организиран заговор во кој беше убиен.

    Ни преостанува да проговориме и за особините на Максимин.
    Тој беше крајно воинствен човек кого го избраа за император по смртта на Александар, откако на војската и досади неговата нерешителност, за која веќе говорев.
    Максимин не се задржа долго време на власт бидејќи поради две причини стана омразен и презрен.
    Едната причина беше неговото ниско потекло, бидејќи тој порано бил овчар во Тракија, а тоа беше податок што сите го знаеја и што го унижуваше во нивните очи.
    Другата причина лежи во тоа што на самиот почеток од своето владеење тој го одложи доаѓањето во Рим и преземањето на царскиот престол, а за себе создаде мислење како за мошне суров човек, извршувајќи преку своите префекти бројни злосторства, како во Рим, така и во други места низ целата империја.
    Сиот народ го презре поради неговото ниско потекло и го замрази поради стравот од неговата бескрајна крволочност; така што најпрвин се побунија африканските земји, потоа Сенатот, заедно со целото население на Рим, а набргу и целата Италија беше во заговор против него.
    Кон ова се приклучи и неговата сопствена војска, која наоѓајќи се во една неуспешна опсада на Аквилеја, заморена од неговите ѕверства, штом виде дека тој веќе има бројни непријатели, не се плашеше повеќе од него и го погуби.

    ReplyDelete
  39. Не би сакал да говорам за Хелиогабал, ниту за Макрин, ниту за Јулијан, бидејќи тие беа презрени од сите и брзо пропаднаа.
    Би сакал сепак да ја приведам кон крај оваа расправа, нагласувајќи дека владетелите од нашево време немаат многу тешкотии во задоволувањето на потребите на нивната војска.
    Иако за војската треба несомнено да се води сметка, сепак тоа може брзо да се реши, бидејќи ниеден од овие владетели нема таква војска која би била приврзана кон власта и управата на провинциите, како што беше војската на Римското царство.
    Ако тогаш било неопходно повеќе да се задоволуваат војниците отколку народот, причината лежи во тоа што војниците биле и помоќни од народот.
    Денес, на сите владетели, освен на турскиот и египетскиот султан, им е попотребно да водат грижа за желбите на народот, а не за оние на војниците, бидејќи народот станал посилен од нив.

    Од ова го исклучувам турскиот султан, кој крај себе постојано има 12 000 пешадија и 15 000 коњица, од кои зависи безбедноста и моќта на неговото царство, па затоа му е неопходно да го задржи нивното пријателство, запоставувајќи ги притоа сите други обѕири.
    Слично е и со египетскиот султан, чие царство е наполно во рацете на војската, па и нему му одговара, без да води сметка за народот, да го задржи пријателството на војниците.
    Забележувате дека државата на египетскиот султан се разликува од сите други владетелства, бидејќи е слична на Понтификатот во христијанството, кој не би можел да се нарече ниту наследно, ниту ново владетелство, бидејќи негови наследници и нови господари не се синовите на претходниот владетел, туку оние што на тоа место ќе бидат избрани од страна на овластените луѓе.
    Со оглед на тоа што е ова одамна воспоставен принцип, не би можело владетелството да се нарече ново, оти во него и не постојат оние тешкотии што ги среќаваме во новите владетелства.
    Иако е нов владетелот, поредокот на таа држава е стар и уреден така да го прими исто како да е тој наследен владетел.

    Но, да се вратиме на нашето прашање.
    Ако некој ја разгледа досегашната расправа ќе види дека или омразата или презирот биле причина за пропаста на споменатите императори и ќе дознае, макар што дел од нив постапуваа на еден начин, а дел од нив на друг, зошто и во обата случаја само еден од нив имаше среќен крај, а останатите завршуваа мошне несреќно.
    На Пертинакс и Александар, кои беа нови владетели, не им беше корисно, туку напротив - штетно да се угледуваат на Марк, кој беше владетел според наследното право.
    Слично и за Каракала, Комод и Максимин беше погубно да се угледуваат на Север, бидејќи немаа такви способности за да можат да ги следат неговите стапки.
    Затоа, новиот владетел во новото владетелство не може да постапува онака како Марк, ниту пак треба да го следи патот на Север, туку од Север треба да го преземе она што му е неопходно за формирањето на својата нова држава, а од Марк она што ќе му одговара и ќе му донесе слава во зачувувањето на веќе оформената и цврста држава.

    ReplyDelete
  40. Глава XV
    ЗА ШТО ЛУЃЕТО, ОСОБЕНО ВЛАДЕТЕЛИТЕ, ГИ ФАЛАТ А ЗА ШТО ГИ КУДАТ

    Ни преостанува да видиме како треба владетелот да управува со поданиците и со пријателите.
    Знаејќи дека многумина веќе зборувале за ова, се плашам дека моето пишување може да изгледа нескромно, особено поради тоа што во расправата за оваа тема моето мислење се разликува од другите.
    Но, намерата ми е да напишам нешто што ќе биде корисно за оној што ќе го разбере и сметам дека е подобро ако се задржам на стварната вистина за нештата, отколку на онаа замислената.
    Многумина си замислувале републики и владетелства кои воопшто не ги виделе ниту пак знаеле дека навистина постојат.
    Начинот на кој живееме е толку различен од начинот на кој би требало да живееме, што оној кој ќе ја напушти реалноста во замена за замислениот живот, ќе биде подготвен за својата пропаст, а не за опстанокот.
    Човекот кој сака во се да биде најдобар ќе мора да пропадне, наоѓајќи се меѓу луѓето кои воопшто не се добри.
    Затоа е неопходно владетелот кој сака да се одржи на власт да се научи да не биде добар, па да постапува така, или не, во согласност со потребите.

    Оставајќи ги настрана замислените работи за владетелот и расправајќи само за вистинитите, тврдам дека сите луѓе, а особено владетелите, кои се на највисока положба, кога се говори за нив, се одликуваат со некои од овие особини кои им донесуваат или пофалби или покуди.
    Така, некого го нарекуваат дарежлив, некого скржав; да се послужам со тосканскиот термин тiѕеrо, бидејќи скржав и алчен во нашиот говор го означува човекот кој би ограбил за да стекне имот, а скржав велиме за оној кој се стега во трошењето на својот имот; некого го нарекуваат дарител, некого ограбувач, некој е суров, друг е милостив, некој е неверен, друг е верен, еден е мек и страшлив, друг е непоколеблив и храбар, еден е човечен, друг е надмен, едниот блуден, другиот чеден, едниот искрен, другиот лукав, едниот цврст, другиот попустлив, едниот сериозен, другиот лекомислен, едниот побожен, другиот безверник и сл.
    Јас знам, а и секој ќе рече, дека е најдобро кај еден владетел да се спојат сите добри особини од овие што сега ги наведовме, но тие не може да се најдат во една личност, ниту таа може според сите нив да се однесува, бидејќи тоа не го дозволува човечката природа.
    Затоа е неопходно владетелот да биде мошне мудар, и да го одбегне лошиот глас за оние особини кои може да придонесат да ја загуби државата, а доколку може, да го задржи гласот за оние особини со чија помош ќе ја задржи власта.
    Но и ако не може така да постапи, не треба премногу да се грижи за тоа.
    Исто така, не треба да се грижи ни за лошиот глас здобиен поради оние особини без кои тешко би можел да ја задржи власта.
    Оти, кога добро ќе размислиме за се, ќе видиме дека некогаш следењето на она што ни изгледа како доблест не води кон сопствената пропаст, додека следењето на она што наликува на порок успева да ја обезбеди нашата сигурност и благосостојба.

    ReplyDelete
  41. Глава XVI
    ЗА ДАРЕЖЛИВОСТА И ЗА СКРЖАВОСТА

    Почнувајќи по ред од првите особини што погоре ги набројавме, сметам дека би било убаво владетелот да го сметаат за дарежлив човек.
    Па сепак, ако дарежливоста ја користи во толкава мера што сите ќе дознаат за неа, таа може и да му наштети.
    Ако умешно ја користи, толку колку што треба, таа нема да се прочуе и за него ќе се прошири сосема поинаков глас.

    Но, ако владетелот сака да го зачува гласот за дарежлив човек, не смее да го запостави раскошот и сјајот.
    Таквиот владетел на нив ќе го потроши сиот свој имот, па на крајот, доколку сака да го задржи мислењето за себе дека е дарежлив, ќе биде принуден безмерно да го товари народот со даноци и со се друго што може да му донесе приход.
    Тоа ќе придонесе да стане омразен кај народот и никој нема да го почитува, бидејќи ќе стане сиромав.
    Од неговата дарежливост многумина ќе бидат повредени, а малкумина наградени, а тој тешко ќе може да ја поднесе веќе првата неволја што ќе го снајде и ќе упадне во првата опасност.
    Доколку го почувствува тоа и посака да ја избегне таквата судбина, за него веднаш ќе се пронесе глас дека е скржавец.

    Значи, владетелот не ќе може да ја користи својата доблест - дарежливоста пред очите на сите, а тоа да не биде на негова сопствена штета.
    Ако е доволно мудар не треба да се грижи што ќе го нарекуваат скржавец оти со текот на времето истите тие луѓе ќе веруваат дека станува се подарежлив, гледајќи дека тој со својата скржавост успеал да си обезбеди доволно го леми приходи, способен е да се одбрани ако некој го нападне, а приходите си ги обезбедува без да го оптоварува народот.
    Всушност, тој е дарежлив кон сите оние на кои не им одзема ништо, а тие се многубројни.
    Скржав е само кон оние што не ги дарува, а тие се малку.
    Во нашево време гледаме дека големи дела направиле само оние што ги сметале за скржави; другите сите пропаднале.
    Папата Јулиј II, кој го искористи гласот за себе како за дарежлив човек за да дојде до папскиот престол, потоа воопшто не помислуваше да го задржи тој глас, само за да може непречено да учествува во војните.
    Сегашниот француски крал водеше многу војни без да им ги зголеми давачките на своите поданици, покривајќи ги огромните трошоци благодарение на својата долгогодишна скржавост.
    Да го сметаа за дарежлив, ни сегашниот шпански крал не ќе можеше да ги започне, ниту пак успешно да ги заврши бројните освојувања.

    Затоа, владетелот не треба многу да се грижи ако го бие глас на скржавец, зашто така не ќе мора да ги ограбува своите поданици, ќе може самиот да се одбрани, нема да биде сиромав и презрен, ниту пак ќе биде принуден да стане грабежлив.
    Некој може да забележи: Цезар дојде на власт токму благодарение на својата дарежливост, а и многу други, кои беа и ги сметаа за дарежливи успеаја да се издигнат на високи позиции.

    ReplyDelete
  42. Но, јас одговарам: или си се родил како владетел или се наоѓаш на патот тоа да станеш; во првиот случај дарежливоста само ќе ти наштети, а во вториот е добро, дури и неопходно да те сметаат за дарежлив.
    Цезар беше меѓу оние кои се стремеа да дојдат до власта во Рим, но, да поживееше подолго, потоа, откако ја освои власта, а да не се воздржуваше од прекумерното трошење, за кусо време ќе го упропастеше царството.

    Ако некој повторно забележи: многу владетели кои со своите војски постигнале големи дела од луѓето биле сметани за дарежливи, јас одговарам дека владетелот го троши или својот имот или имотот на своите поданици.
    Во првиот случај треба да биде штедлив, а во вториот не треба да се воздржува од дарежливоста.
    На владетелот кој заповеда со војската и живее од пленот, грабежот и даноците, користејќи ги туѓите средства, неопходно му е да биде дарежлив, инаку војниците ќе престанат да го следат.
    Особено дарежлив можеш да бидеш со она што не е твое, ниту на твоите поданици, како што беа Кир, Цезар и Александар, оти трошењето на туѓите добра нема да ти го наруши угледот, туку само ќе ти го зголеми.
    Единствено трошењето на сопствениот имот може да ти наштети.
    А ништо на светот само од себе не се троши така како дарежливоста; се додека се расфрлаш полека ја губиш можноста и натаму да бидеш дарежлив.
    На крајот ќе станеш или сиромав и презрен или, за да ја одбегнеш сиромаштијата, грабежлив и омразен.
    Она од што најмногу треба да се пази владетелот тоа е да не стане презрен и омразен, а дарежливоста ќе те доведе и кон едното и кон другото.

    Затоа, многу поразумно е да го задржиш гласот на скржавец, кој може да ти предизвика само срам, без омраза, отколку, во желбата да се здобиеш со глас за дарежлив човек, да бидеш принуден да станеш и грабежлив, што предизвикува и срам и омраза.

    ReplyDelete
  43. Глава XVII
    ЗА СУРОВОСТА И БЛАГОСТА И ДАЛИ Е ПОДОБРО ВЛАДАТЕЛОТ ДА БИДЕ САКАН ИЛИ ДА СЕ ПЛАШАТ ОД НЕГО

    Преминувајќи на останатите, од претходно наведените особини, би рекол дека секој владетел треба да се стреми да го сметаат за благ, а не за суров.
    Сепак, треба да се внимава како ќе ја користи својата благост.
    Чезаре Борџија го сметаа за суров човек, но и покрај тоа успеа да ја возобнови Ромања, да ја обедини и да и ги врати мирот и довербата.
    Ако подобро размислиме, ќе видиме дека тој бил многу поблаг од Фирентинците, кои за да не бидат наречени сурови дозволија да биде уништена Пистоја.
    Затоа, владетелот не треба да се грижи ако го сметаат за суров човек, бидејќи така ќе може да го одржи единството и довербата кај своите поданици.
    Оти, со малку такви постапки ќе биде всушност поблаг од оние кои, поради преголемата благост дозволиле да дојде до нереди кои потоа преминуваат во грабежи и убиства.
    Тоа ќе ја погоди целата земја, додека казните што ги изрекува владетелот погодуваат само одредени поединци.
    Новиот владетел, за разлика од сите други владетели, не може никако да го избегне гласот на суров човек, бидејќи новите држави се придружени со најмногу опасности.
    И Вергилиј, преку устата на Дидона го вели следното: res dura, et regini novitas me talia cogunt Moliri, et late fines custode tueri (Јешката мака и новината на кралската власт ме тераат да мислам на тоа; со стража ширум да ги пазам пределите мои).

    Покрај тоа, не треба да биде лековерен и треба претпазливо да постапува.
    Нека не се плаши од самиот себеси, нека настапува одмерено, мудро и човечно и нека не дозволи преголемата доверба да го направи невнимателен, а преголемата недоверливост неподнослив.
    Оттука произлегува прашањето: дали му е на владетелот подобро да биде сакан или да се плашат од него?
    Би одговорил дека е потребно и едното и другото, но со оглед на тоа што му е тешко да ги обедини двете заедно, посигурно му е да се плашат од него, отколку да го сакаат, штом мора да го одбере едното од двете.
    Воопшто, за сите луѓе важи следното: било какви да се, неблаѓодарни, непостојани, превртливи, да бегаат од опасностите или да се желни за добивка, ќе бидат со тебе се додека им чиниш добрина, ќе ти го нудатсвојот имот, крвта, животот и децата, но, како што веќе реков, само тогаш кога нема потреба од тоа; штом наближат вистинските неволји и тие ќе ти го завртат грбот.
    Владетелот кој целосно се потпирал на нивните зборови, ќе пропадне, бидејќи не се подготвил на друг начин.
    Пријателствата кои се стекнуваат со пари, а не со големината и благородноста на духот, всушност се купуваат, а не се поседуваат вистински, па кога е потребно не можат ни да се искористат.
    Луѓето немаат многу обѕири кога треба да му наштетат на владетелот кој настојува да биде сакан, но мошне се претпазливи кон оној од кого народот се плаши.
    Оти, љубовта се одржува преку односот на задолженост, кого луѓето, бидејќи се по природа зли, лесно го раскинуваат штом за тоа ќе им се укаже поволна прилика; а стравот го поткрепува мислата за казната што им се заканува, а таа мисла луѓето никогаш не ги напушта.

    ReplyDelete
  44. Сепак, владетелот треба да постигне поданиците да се плашат од него на таков начин што, кога веќе не ја стекнал нивната љубов, да внимава да ја одбегне и омразата; оти тие можат навистина да се плашат од него, но не мораат затоа и да го мразат.
    Тоа ќе го постигне ако се воздржи од користењето на имотот на своите граѓани и поданици, како и од нивните жени.
    Ако пак некогаш му е неопходно да му го одземе животот на некој од нив, тоа треба да го направи само ако има соодветно оправдување и очигледна причина.
    Но, најважно од се е да се воздржува од туѓиот имот, затоа што луѓето полесно ја забораваат татковата смрт отколку губењето на наследството.
    Освен тоа, секогаш постојат добри причини за одземање на имотот, па оној што започнал да живее од грабежите секогаш ќе најде оправдување да го присвои имотот на другите луѓе.
    Наспроти тоа, никогаш нема доволно причини за да се одземе нечиј живот, а и тие тешко можат да се прифатат.
    Но, кога владетелот ја предводи својата војска и заповеда со голем број на војници, тогаш никако не смее да се грижи ако го бие гласот за суров човек, оти без тој глас никогаш не ќе може војската да ја одржи единствена ниту подготвена за било каква акција.

    Меѓу извонредните дела на Ханибал се вбројува и тоа што, иако имал огромна војска составена од разни народи, која ја повел да војува во туѓи земји, не дозволид да се појави несогласување, како меѓу самите војници, така и меѓу нив и владетелот; ниту во добрите ниту во лошите времиња.
    Тоа можеше да го постигне само со својата исклучителна суровост, која заедно со бројните доблести ги тераше неговите војници кон него да чувствуваат почит и огромен страв, за што не би биле доволни само неговите доблести.
    Непретпазливите писатели, од една страна, им се восхитуваат на овие негови дела, а од друга страна ги осудуваат главните причини што довеле до нив.

    Дека навистина сите негови доблести не би биле доволни да го постигнат тоа, докажува примерот на Скипион, кој е редок не само во неговото време, туку и во целокупната историја, бидејќи неговата војска, додека војуваше во Шпанија, се побуни против него.
    Причината за тоа не беше ништо друго туку неговата претерана благост со која на војниците им беше дадена поголема слобода отколку што дозволува војничката дисциплина.
    За ова на Скипион му забележа во Сенатот Фабиј Максим нарекувајќи го растурач на римската војска.
    Кога еден легат на Скипион го разурнал Локри, тој не се потрудил да ги одмазди жителите на ова место, ниту пак го укорил својот легат за насилството, а се поради својата блага природа.
    Така некој, сакајќи да го одбрани Скипион во Сенатот, рекол дека тој е од оние луѓе кои знаат дека е подобро воопшто да не грешат, отколку потоа да ги исправаат грешките.
    Ваквата негова природа со текот на времето можеше да го уништи добриот глас и славата на Скипион доколку тој продолжеше да постапува на овој начин.
    Но, со оглед на тоа што владееше под управа на Сенатот, оваа негова штетна особина не само што беше скриена, туку придонесе и за зголемување на неговата слава.
    Враќајќи се на прашањето за тоа дали е подобро да се биде за луѓето кога сакаат, поаѓаат секогаш од себе, а кога се плашат - од владетелот.
    Затоа, мудриот владетел треба секогаш да се грижи само за она што се однесува на него, анеи на другите и да настојува само да ја одбегне омразата, за што веќе говоревме.

    ReplyDelete
  45. Глава XVIII
    КАКО ТРЕБА ВЛАДЕТЕЛИТЕ ДА ГО ОДРЖУВААТ ДАДЕНИОТ ЗБОР

    Познато е колку е пофално за владетелот да го одржува дадениот збор и да живее чесно и без измами.
    Па сепак, искуството од нашето време ни кажува дека големи дела постигнале и владетелите кои не воделе многу сметка за дадениот збор и кои со својата итрина успевале да влијаат на јавното мислење, па.на крајот дури и ги надминале оние кои се засновале исклучиво на својата искреност.
    Треба да се знае дека постојат два начина на борба: со закон и со сила.
    Првиот му е својствен на човекот, вториот на животните.
    Но, знаејќи дека првиот честопати не е доволен, неопходно е да се послужиме и со вториот.
    За тоа е потребно владетелот да умее да ги искористи како човечките така и животинските особини.
    Владетелите на ова беа посредно подучувани од старите автори, кои пишуваа дека Ахил и многу други антички господари му биле доверени на кентаурот Хирон за да ги воспитува според законите на својата дисциплина.
    Тоа што за учител бил одбран получовек, а полуживотно, не значи ништо друго туку дека владетелот треба да умее да ја искористи едната и другата природа, а едната без другата не може долго да трае.

    Штом му е неопходно на владетелот да ги користи животинските особини, треба меѓу нив да ги одбере оние на лисицата и на лавот, бидејќи лавот не умее да се одбрани од стапицата, а лисицата од волкот.
    Затоа, треба да се биде лисица за да се препознае стапицата, а лав - да се уплашат волците.
    Оние кои имаат само лавовски особини не се доволно вешти.
    Според тоа, мудриот господар не може и не треба да го почитува дадениот збор тогаш кога тоа почитување се пресвртува на негова штета и кога се надминати причините поради кои е дадено ветувањето.
    Kога сите луѓе би биле добри овој совет не би бил праведен, но бидејќи луѓето се главно зли и не го почитуваат зборот што ти го дале, ни ти не мораш да го почитуваш оној што ним си им го дал.
    Владетелот секогаш може да најде соодветно оправдување за прекршениот збор.
    Бројни примери од современиот живот можат да се наведат во оваа смисла и да се покаже колку примирја и колку ветувања останале безвредни и биле поништени поради недоследноста на владетелите.
    Секогаш подобро поминувал оној што умеел да ги користи особините на лисицата.

    Неопходно е само овие особини добро да ги прикриеш, да се преправаш и да бидеш дволичен.
    А луѓето се толку наивни и во толкава мера се поведуваат кон моментните потреби, така што измамникот секогаш ќе има кого да го измами.
    Не би сакал да премолчам еден од неодамнешните примери.
    Александар VI никогаш ништо друго не правеше и на ништо друго не мислеше, освен на тоа како да ги измамува луѓето.
    Секогаш наоѓаше некого што успеваше да го измами.
    Никој не зборуваше поуверливо од него и никој не се колнеше како него додека тврдеше нешто, а подоцна тоа воопшто не го исполнуваше.
    Па сепак, во измамата секогаш успеваше затоа што добро ги познаваше овие особини на луѓето.
    Владетелот не мора да ги поседува сите споменати особини, но мора да се однесува така, другите да мислат дека ги поседува.

    ReplyDelete
  46. Ќе се осмелам дури и да кажам дека ако ги поседува и ако постапува секогаш според нив тоа може да биде штетно по него, но ако другите мислат дека ги поседува, тоа да биде корисно.
    Исто како во случајот кога мислат дека си милосрден, верен, човечен, искрен и побожен, и ти си навистина таков, но мора да имаш цврста волја, кога ќе затреба, мора да можеш да се промениш во спротивното.

    Треба да биде јасно дека владетелот, особено новиот владетел, не може да ги негува сите оние особини кои луѓето ги сметаат за добри.
    Многупати, за да ја зачува државата, неопходно е да постапува спротивно од верноста, од милосрдието, од човечноста и спротивно од верата.
    Затоа, неговиот дух треба да биде подготвен да се приспособува според дувањето на ветерот и менувањето на судбината и како што веќе реков, ако може, да не бега од доброто, но да умее, секогаш кога има потреба, и со злото да се послужи.
    Владетелот, затоа, треба многу да внимава од неговата уста да не излезе ништо што не зборува за петте споменати особини, така што кога ќе го гледаат и ќе го слушаат да изгледа како отелотворение на милосрдието, верноста, искреноста и побожноста.
    Особено е потребно да изгледа дека ја поседува последнава особина.
    Луѓето, главно, судат преку очите, а не преку рацете; секој може да гледа, но малкумина се оние што чувствуваат.
    Секој те гледа онаков каков што се преправаш дека си, а малкумина чувствуваат каков си навистина.
    Тие малубројните не се осмелуваат да се спротивстават на мнозинското мислење кое, впрочем, е заштитено со авторитетот на државата.

    Делата на сите луѓе, а особено на владетелите, кои не смее да се осудуваат, треба да се набљудуваат во однос на целите што се поставени пред нив.
    Ако целта на владетелот е да победува и да ја сочува државата, тогаш сите негови средства ќе бидат оценети како чесни и ќе бидат фалени.
    Народот може да се придобие како преку изгледот така и преку успешно завршениот потфат.
    На светот постои само народ, а малубројните можат да дојдат до израз само ако мнозинството има на кого да се потпре.
    Еден од сегашните владетели, чиешто име не би го спомнувал, постојано проповеда мир и верност, а постапува спротивно и на едното и на другото.
    Но, кога би ги почитувал и едното и другото, тие повеќе пати би можеле да му го срушат угледот и да му ја уништат државата.

    ReplyDelete
  47. Глава XX
    ДАЛИ СЕ КОРИСНИ ИЛИ ШТЕТНИ КРЕПОСТИТЕ И СЕТО ОНА ШТО ВЛАДЕТЕЛИТЕ СЕКОЈДНЕВНО ГО ПОДИГААТ

    За да ја обезбедат подобро својата држава некои владетели ги разоружале своите поданици, други ги расцепкале покорените земји, трети предизвикувале бројни непријатели против себе, четврти настојувале да ги придобијат оние што биле сомничави на почетокот од нивната власт, петти граделе крепости, а шести ги уривале и уништувале.
    Па иако за сето ова не може да се има прецизен став ако не се разгледаат поподробно државите во кои се оствариле некои од овие планови, сепак јас ќе зборувам воопштено, колку што тоа го дозволува самата материја.
    Не се случило никогаш новиот владетел да ги разоружа своите поданици, туку напротив; и кога ги затекнал невооружени секогаш ги вооружувал.
    Оти, вооружувајќи ги, тие стануваат твоја војска; оние што биле сомничави ти стануваат верни, оние што ти биле верни остануваат такви, така што поданиците стануваат целосно твои следбеници.
    Бидејќи не можеш да ги вооружиш сите поданици, штом веќе си им сторил добрина на оние кои добиле оружје, можеш да бидеш безбеден и од другите.
    Различното постапување кон нив придонесува првите да ти бидат благодарни, а вторите да ти простуваат, сметајќи дека е нормално оние што се изложени на опасности и што имаат повеќе должности да имаат и поголеми заслуги.
    Во случај да сакаш да ги разоружаш, почнуваш да ги повредуваш, покажуваш дека немаш доверба во нив оти сметаш дека се страшливи и недоверливи, а било кој од овие два суда ќе предизвика кај нив омраза кон тебе.

    Со оглед на тоа што не можеш да опстанеш без оружје, ќе мораш да се определиш за платеничка војска, за која веќе доволно кажавме какви особини има.
    И кога би била добра, платеничката војска не може да биде толку добра за да те одбрани од моќните непријатели и недоверливите поданици.
    Затоа, како што веќе реков, новите владетели во новите владетелства секогаш формирале сопствена војска и историјата е полна со такви примери.
    Но, кога владетелот освојува нова држава која ја припојува кон својата матична држава, тогаш е неопходно новата да биде разоружана, со исклучок на оние поданици кои му помогнале во освојувањето.
    Дури и нив со текот на времето и според приликите, треба да настојува да ги заслабне и да ги скроти, така што ќе може целата војска во државата да ја состави од своите сопствени војници, кои и во старата држава биле крај него.
    Нашите стари и оние кои ги сметале за мудри имале обичај да кажат дека Пистоја треба да се одржува со помош на странките, а Пиза со помош на крепостите.
    Затоа, ги поттикнувале разединувањата во покорените земји, за да можат полесно да завладеат со нив.

    Во времето кога во Италија постоеше одредена рамнотежа тоа секако беше добро, но не верувам дека денес би можело да послужи како пример бидејќи мислам дека поделбите не можат никому да му донесат добро.
    Напротив, штом се наближил непријателот, неизбежно е пропаѓањето на поделените градови, бидејќи послабата страна обично се приклонува кон надворешните сили, а другата не може сама да опстане.
    Венецијанците, кои, според мене, беа водени токму од наведените причини, ги поддржуваа странките и на Гвелфите и на Гибелините во градовите што беа под нивна власт.
    Па, иако не допуштаа да дојде до крв, сепак ги поддржуваа нивните несогласувања, така што, зафатени со своите расправии, не можеа овие граѓани никогаш да се обединат против нив.

    ReplyDelete
  48. Но, како што се покажа, тоа на Венецијанците не им донесе голема полза, бидејќи веднаш по поразот во Ваила, еден дел од овие градови се осили и успеа да им ја одземе сета власт.
    Затоа, овие и сличните начини укажуваат на слабоста на владетелот, бидејќи во една силна држава никогаш не би требало да бидат дозволени ваквите поделби.
    Тие може да бидат корисни само во време на мир, за да може преку нив полесно да се управува со поданиците, но штом ќе дојде до војна ваквата постапка се покажува како погрешна.

    Нема сомнение дека владетелите стануваат славни откако ќе ги надминат тешкотиите и ќе го совладаат отпрот што се родил против нив.
    Затоа судбината, особено кога сака да прослави некој од новите владетели, кои имаат многу поголема потреба да стекнат углед отколку наследните, му испраќа непријатели и го исправува пред бројни неволји, така што тој ќе мора да ги совладува и искачувајќи се по тие степеници да се издигне до повисоката позиција.
    Затоа многумина сметаат дека мудриот владетел треба секогаш кога има можност за тоа, смислено да предизвикува одредени непријателства, така што, кога победи, неговата моќ станува уште поголема.
    Владетелите, особено оние новите, наидувале на поголема верност и поголема корист од луѓето кои на почетокот од нивната власт им изгледале сомничави, отколку од оние што веднаш им биле приврзани.
    Господарот на Сиена, Пандолфо Петручи, во управувањето со својата држава најмногу се потпираше на оние што беа сомничави.
    Но, не би можело за ова да се говори воопштено, бидејќи постојат разлики како во државите така и во околностите.
    Би кажал само дека луѓето кои на почетокот од создавањето на владетелството биле непријателски настроени по природа се такви што, за да опстанат секогаш имаат потреба на некого да се ослонат.
    Затоа владетелот без многу тешкотии подоцна ќе успее да ги придобие.
    Тие ќе мораат најверно да му служат, бидејќи знаат дека со таквото однесување треба да го поправат лошото мислење што веќе е создадено за нив.

    Исто така, ќе бидат многу покорисни за владетелот од оние кои, служејќи го премногу сигурно, почнуваат да ги запоставуваат неговите работи.
    Бидејќи самата материја тоа го бара, не би сакал да пропуштам да ги потсетам владетелите кои ја зазеле власта во новата држава со помош на нејзините граѓани, добро да размислат кои се причините што ги поттикнале граѓаните да им помогнат.

    ReplyDelete
  49. Ако причината не е искрената наклоност кон владетелот, туку незадоволството од поранешната држава, тогаш тешко и со големи напори ќе го задржат нивното пријателство, бидејќи не ќе можат и самите да ги задоволат нивните желби.
    Ако новиот владетел добро размисли за причините кои довеле до ваквата положба, имајќи ги предвид сите примери од антиката и од совремиот свет, ќе види дека е многу полесно да го придобие пријателството на луѓето кои биле задоволни од претходната држава, па само затоа порано биле негови непријатели, отколку на оние кои, незадоволни од старата држава му биле пријатели и му помогнале да дојде на власт.
    Вообичаено е за да можат побезбедно да управуваат со своите држави владетелите да изградуваат крепости, кои треба да претставуваат брана и пречка за сите оние кои ќе се намерат да ги освојат, како и сигурно засолниште од ненадејните напади.
    Го поздравувам овој обичај бидејќи така се постапува уште од античките времиња.
    Па сепак, во наше време го имаме примерот на господарот Николо Вители, кој разруши две крепости во градот Чита ди Кастело за да може да ја зачува својата држава.

    Војводата од Урбино, Гвидо Убалдо, откако го поврати Урбино во своја власт, од каде што беше протеран од страна на Чезаре Борџија, до темел ги сруши сите крепости во оваа област, бидејќи сметаше дека без нив многу потешко ќе може повторно да ја загуби власта.
    И членовите на семејството Бентиволјо постапија мошне слично откако се вратија во Болоња.
    Значи, крепостите може да бидат корисни, а и не мора, во зависност од околностите и времињата; ако ти користат од една страна, од друга ќе ти наштетат.
    Би можеле вака да заклучиме: владетелот кој повеќе се плаши од својот народ отколку од туѓинците треба да подига крепости, а оној кој повеќе се плаши од туѓинците отколку од народот треба да се откаже од оваа намера.
    Замокот што во Милано ѓо изгради Франческо Сфорца, на родот Сфорца му зададе поголеми неволји од сите други нереди во државата.
    Затоа, најдобрата крепост што постои, тоа е да не се биде омразен од народот, бидејќи и да имаш крепости, ако народот те мрази, тие нема да те спасат.
    Ако народот го земе оружјето в рака, секогаш ќе се најдат и туѓинци да го потпомогнат.

    Во наше време не гледам дека крепостите можеле да му помогнат на некој владетел, освен во случајот на грофицата од Форли, по смртта на нејзиниот сопруг, грофот Џироламо.
    Благодарение на крепоста таа успеа да се спаси од бунтот на народот, да ја дочека помошта од Милано и повторно да ја воспостави власта во државата.
    Тогаш беа такви времињата, туѓинците не можеа да му придојдат во помош на народот.
    Подоцна, крепоста и нејзе не можеше многу да и помогне, кога беше нападната од Чезаре Борција и кога нејзините непријатели во народот се здружија со туѓинците.
    Затоа велам дека и тогаш, како и порано, за неа ќе било побезбедно да не биде омразена од народот, отколку да ги поседува крепостите.
    Имајќи го предвид сето ова што досега го изнесов, сметам дека е за пофалба и оној владетел што гради крепости и оној што не ги гради.
    Заслужува прекор секој оној кој, потпирајќи се на крепостите, не води сметка за омразата од страна на народот.

    ReplyDelete
  50. Глава XXI
    ШТО ТРЕБА ДА СТОРИ ВЛАДЕТЕЛОТ ЗА ДА БИДЕ ПОВЕЌЕ ЦЕНЕТ

    Ништо не го прави владетелот толку ценет како големите потфати и доказите за мошне смелите дела.
    Го имаме во наше време примерот на Фердинанд од Арагон, сегашниот шпански крал, кој може да се нарече речиси нов владетел, бидејќи од мал крал, со славата и добриот глас стана најголем крал во христијанскиот свет.
    Ако ги разгледате неговите постапки ќе видите дека се тие сите големи, а некои дури и исклучителни.
    Во почетокот на своето владеење тој ја освои Гранада и тој потфат беше темел за неговата идна држава.
    Отпрвин војната ја започна безгрижно, без страв дека некој ќе може да го спречи.
    Успеа да ја наметне војната во мислите на кастилјанските благородници, кои преокупирани со војната, не помислуваа на бунтување или на промени во државата.
    Кралот на тој начин стекнуваше поголем углед кај нив и завладеа со нив без да бидат свесни што се случило.
    Со средствата собрани од Црквата и од народот ја издржуваше војската и со помош на долготрајното војување добро ја зацврсти својата војска, која потоа навистина го прослави.
    Покрај тоа, за да може да тргне во поголеми освојувања, а служејќи се постојано со верата како оправдување, презеде и еден низок и суров чекор, истерувајќи ги и раселувајќи ги Маврите од своето кралство, што претставува еден од најбедните и воедно најретките примери што ги познавам.
    Под изговорот на верата ја нападна Африка, Италија, а неодамна и Франција.
    Така, постојано правејќи и планирајќи големи дела предизвикуваше кај своите поданици големо внимание, восхит и загриженост за среќниот исход.
    Нижејќи ги своите потфати веднаш еден по друг, не им оставаше никогаш можност на луѓето да се организираат против него.

    Добро е ако владетелот може да даде доказ за успешното управување внатре во државата, како што се говори за господинот Бернабо од Милано.
    Кога ќе се случи некој граѓанин да постапи невообичаено, владетелот треба да одбере таков начин да го награди или да го казни, во зависност од тоа дали постапил добро или лошо, но така што за ова потоа многу ќе се зборува.
    Над се друго, владетелот треба со секоја своја постапка да оддава впечаток за себе дека е голем и исклучителен човек.
    Владетелот, исто така, ќе биде ценет тогаш кога е вистински пријател или вистински непријател, т.е. кога без никакви обѕири отворено се става на страната на еден човек, а против друг.
    Ваквите одлуки се секогаш покорисни отколку да се биде неопределен.
    Кога ќе се судрат двајца од твоите моќни соседи, тие или имаат такви особини што по победата ќе треба да стравуваш од победникот, или пак немаат.
    Во обата случаја ќе ти биде покорисно ако отворено се изјасниш за војна.
    Бидејќи, во првиот случај, ако не се изјасниш отворено, секогаш ќе бидеш жртва на победникот, на најголема радост и задоволство на победениот.
    Нема да има причина никој од нив да те одбрани или да те земе во заштита, бидејќи победникот не ги сака колебливите пријатели кои не му помогнале во неволја, а победениот не те прима кај себе затоа што не си сакал да го земеш оружјето во рака и да ја споделиш неговата судбина.

    ReplyDelete
  51. Етолците во Грција го испратиле Антиох за да ги истера Римјаните од оваа земја.
    Неговите претставници заминаа кај Ахајците, кои беа пријатели на Римјаните, за да ги убеди да останат настрана во судирот.
    Од друга страна, Римјаните ги наговараа Ахајците да го земат оружјето, но во нивна корист.
    За овој проблем се расправаше и на собранието на Ахајците, каде што претставникот на Антиох ги наговараше да останат неутрални, на што римскиот пратеник одговори: „Quod autem isti dicunt non interponendi vos bello, nihi magis alienum rebus vestris est; sine dignitate, praemium victors eritis"
    („Што се однесува до оние што велат да не се вмешувате во нашата војна, ништо не е попротивречно за вашите интереси. Без никаква милост и без достоинство ќе станете плен на победникот.")

    Секогаш се случува оној што не ти е пријател да те моли да останеш неопределен, а пријателот ќе бара да се изјасниш земајќи го оружјето в рака.
    Нерешителните владетели, за да ги одбегнат постојните опасности, најчесто го одбираат патот на неутралноста, и така пропаѓаат.
    Но, доколку како владетел отворено се изјасниш за една од завојуваните страни и ако оној кон кого си се приклонил победи, колку и да е моќен и да си препуштен на неговата милост и немилост, тој кон тебе ќе чувствува благодарност, дури и љубов.
    Освен тоа, победата не е никогаш толку сигурна за да може победникот да ги заборави сите обѕири, особено во поглед на правдата.
    Ако пак, изгуби оној кон кого си се приклонил, тој ќе те прими кај себе, ќе ти помага колку што ќе може и ти ќе станеш соучесник во неговата судбина, која секогаш може да биде изменета.
    Што се однесува до вториот случај, кога оние кои меѓусебно војуваат се такви што не треба да стравуваш од победникот, тогаш е уште помудро да се приклониш кон едниот од нив.
    Бидејќи, така, настојуваш да го уништиш едниот од нив со помош на оној кој, да е мудар, би требало да го спасува.
    Кога ќе победи, победникот е препуштен на твојата милост, а не е возможно, имајќи ја твојата помош, да не победи.
    Треба да напоменеме дека владетелот мора да внимава да не се здружува никогаш со помоќните од себе кога сака некого да нападне, освен кога нуждата на тоа ќе го натера, во согласност со сето она за кое веќе говоревме.
    Оти, дури и ако победиш, сепак ќе им бидеш потчинет на моќните, а, владетелите треба секогаш кога можат, да одбегнуваат да потпаднат под милоста и немилоста на другите.

    ReplyDelete
  52. Венецијанците така се здружија со Французите против војводата од Милано, а можеа лесно да го одбегнат овој сојуз, кој потоа придонесе за нивната пропаст.
    Но, тогаш кога не може да се одбегне сојузот, како што им се случи на Фирентинците кога папата и Шпанците со своите војски ја нападнаа Ломбардија, тогаш владетелот, поради претходно наведените причини, мора да се приклони кон едната страна.
    Нека не мисли ниеден владетел дека ќе може да донесува сигурни одлуки, туку напротив, треба да знае дека сите ќе бидат неизвесни.
    Природата на нештата е таква, секогаш кога човекот се труди да одбегне некоја неволја, веднаш да упадне во друга.
    Но, мудроста се состои токму во умеењето да се препознае карактерот на неволјите и да се одбере онаа најмалку страшната.
    Владетелот, исто така, треба да се прикаже и како љубител на доблесните особини и да умее да ги награди луѓето што се истакнуваат во одредени вештини.
    Потоа, треба да ги поттикнува своите граѓани мирно да ја работат својата работа, трговија или земјоделие, или било кое друго занимање, но така што селанецот ќе може да го обработува својот имот без да стравува дека тој ќе му биде одземен, а трговецот да отвори дуќан без страв од даноците.
    Треба да определи награди за сите што сакаат ова да го работат, како и за секој оној што има намера на некаков начин да го збогати неговиот град или државата.
    Покрај тоа, во одредени периоди од годината, треба на народот да му приреди извесни празнувања и свечености.
    Бидејќи секој град е поделен на еснафи и сталешки квартови, владетелот треба да води сметка и за овие граѓани, од време - на време да се среќава со нив, да се прикажува човечен и дарежлив, одржувајќи ја сепак недопрена големината на своето достоинство, оти тоа не смее никогаш и во ништо да му недостасува.

    ReplyDelete
  53. Глава XXII
    ЗА МИНИСТРИТЕ НА ВЛАДЕТЕЛОТ

    Нема мало значење за владетелите изборот на нивните министри, кои ќе бидат добри или лоши во зависност од мудроста на владетелот.
    Првиот суд за разумот на некој владетел се донесува кога ќе види со какви луѓе тој е опкружен.
    Ако се тие способни и ако му се верни, тогаш ќе просудиш дека и владетелот е мудар, бидејќи умеел да ја препознае нивната способност и да ја задржи нивната верност.
    Ако не се такви, тогаш и за него ќе владее лошо мислење, оти првата грешка што ја направил, ја направил со тој избор.
    Сите што го познавале господинот Антонио де Венафро, министер на сиенскиот владетел Пандолфо Петручи, имаа за Пандолфо само најдобро мислење, штом поставил таков човек за министер.

    Постојат три вида умови: едни, кои самите се разбираат, други кои го разбираат само она на што некој друг ќе им укаже и трети, кои не разбираат ниту самите, ниту со помош на други.
    Првите се извонредни, вторите се добри, а третите бескорисни.
    Според тоа, неопходно е Пандолфо, ако не и припаѓал на првата група, да и припаѓа барем на втората.
    Секогаш кога владетелот умее да го разликува доброто од злото во зборовите и во делата на луѓето, иако самиот нема големи способности, ќе ги увиди добрите и лошите постапки на својот министер, па едните ќе ги пофали, а другите ќе ги исправи.
    Не можејќи да се надева на никаков начин да го измами, министерот ќе мора да му остане верен и приврзан.
    Но, како ќе може владетелот најдобро да го запознае својот министер?
    Постои и за тоа начин кој никогаш нема да те изневери.
    Кога ќе видиш дека министерот мисли повеќе на себеси отколку на тебе, и во се што прави ја гледа сопствената корист, таквиот човек никогаш нема да ти биде добар министер, ниту ќе можеш во него да имаш доверба.

    Оној што во своите раце има нечија држава, не треба да мисли ниту на себеси, ниту на нештата што не му припаѓаат.
    Од друга страна, владетелот, за да ја задржи неговата верност, треба постојано да се грижи за министерот, да му нуди слава и богатство, да го приврзе кон себе доделувајќи му бројни почести и должности, така што, имајќи доволно почести, министерот да не посака нови, имајќи доволно богатство, да не тежнее кон уште поголемо, а имајќи доволно должности да не посака никогаш промена на власта.
    Кога министрите и владетелите постапуваат на овој начин, можат да имаат доверба еден во друг.
    Ако постапуваат поинаку, ќе завршат неповолно, и за едниот и за другиот.

    ReplyDelete
  54. Глава XXIII
    КАКО ТРЕБА ДА СЕ ОДБЕГНУВААТ ЛАСКАВИЦИТЕ?

    Не би сакал да пропуштам да кажам нешто и за едно важно прашање и една грешка од која владетелите тешко ќе може да се одбранат, освен ако не се исклучително мудри и ако не умеат добро да ги одберат луѓето околу себе.
    Се работи за ласкавците, кои денес ги има во огромен број на дворовите, бидејќи владетелите толку многу уживаат во своите сопствени дела и се занесуваат во нив, така што тешко можат да се одбранат од оваа чума.
    А кога ќе посакаат да се одбранат, се јавува опасноста да станат презрени.
    Не постои друг начин да се избегнат ласкањата, освен луѓето да сфатат дека нема да те навредат ако ти ја кажуваат вистината.
    Но, од друга страна, ако секој може да ти ја кажува вистината, угледот неминовно ќе ти биде намален.
    Затоа, мудриот владетел треба да постапува на трет начин, така што во својата држава ќе одбере разумни луѓе и ним ќе им биде дозволено да му ја кажуваат вистината, и тоа само за оние работи за кои тој ќе ги прашува, а не и за другите.
    Но, ним треба да им поставува најразновидни прашања и да го слуша нивното мислење, а потоа да одлучува самиот на свој начин.

    Со овие свои советници треба да се однесува така што ќе го увери секој од нив дека колку послободно ќе зборуваат, толку помили ќе му станат.
    Освен нив, да не слуша никого, да постапува онака како што наумил самиот и да биде истраен во своите намери.
    Оној што ќе постапи поинаку, или ќе пропадне поради ласкавците, или постојано ќе го менува својот став поради различните мислења што ги слуша, со што ќе го наруши својот углед.
    Би сакал во оваа прилика да наведам еден пример од нашата современост.
    Отецот Лука, пратеник на сегашниот цар Максимилијан, зборувајќи за Неговото Височество, рече во една прилика дека тој со никого не се советува, а сепак ништо не презема на своја рака, од што произлегува дека постапува спротивно на она што го кажавме.
    Царот е молчалив човек, никому не ги кажува своите планови и не бара за нив туѓи совети.
    Но, кога преминува на нивното остварување, ги открива и луѓето околу него почнуваат да му противречат, поради што тој, нерешителен, се откажува од нив.

    Така, она што денес ќе го создаде, утре ќе го уништи, па никогаш не се знае што сака и што има намера да направи, така што човек не може да им верува на неговите одлуки.
    Затоа, владетелот треба секогаш да се советува со другите, но според неговата, а не според нивната волја.
    Треба и да го одврати од давање совети секој оној од кого тоа не се бара.
    Тој самиот, пак, треба многу да прашува и трпеливо да ги сослушува искрените одговори на неговите прашања, а да се загрижи ако некој, од обѕири, не сака да му ја каже вистината.
    Многумина мислат дека владетелот што оддава впечаток на мудар човек не е таков, а го сметаат за таков не поради неговите способности, туку поради добрите совети што ги прима од страна.
    Но, тие многу се лажат во својата проценка, бидејќи постои едно општо правило кое никогаш не греши: владетелот кој и самиот не е мудар не може да биде ни добро советуван, освен ако судбината не поставила до него некој исклучително мудар човек, тој потполно ќе управува со неговите постапки.
    Во овој случај власта може да функционира, но кратко ќе трае, бидејќи советникот за кусо време ќе му ја преземе државата на владетелот.

    Од друга страна, кога се советува со поголем број луѓе, владетелот кој не е мудар нема да добива никогаш усогласени совети, ниту ќе умее самиот да ги обедини.
    Секој од советниците ќе мисли само на својот интерес, а тој не ќе може тоа да го препознае, ниту да го измени.
    Поинакви советници и не може да се најдат, бидејќи луѓето се главно зли, освен ако некоја нужда не ги направила да бидат добри.
    Затоа, заклучувам дека добрите совети, било кој да ги дава, треба да бидат резултат на мудроста на владетелот, а не неговата мудрост да биде резултат на добрите совети.

    ReplyDelete
  55. Глава ХХIV
    ЗОШТО ИТАЛИЈАНСКИТЕ ВЛАДЕТЕЛИ ГИ ЗАГУБИЈА СВОИТЕ ДРЖАВИ

    Ако мудро ги почитува изнесените правила, новиот владетел ќе може да се однесува како да е стар и со нивна помош веднаш ќе може посигурно и поцврсто да управува со државата, исто како од дамнина да владеел со неа.
    На постапките на новиот владетел се гледа многу повеќе отколку на оние на наследниот, па кога ќе се види дека се успешни, тој многу побрзо ќе го придобие народот и ќе биде многу пообврзан отколку да потекнува од стариот род.
    Бидејќи, луѓето многу повеќе се интересираат за сегашните, отколку за минатите настани, па кога им е добро во сегашноста, уживаат во неа и не бараат ништо друго.
    Тие се спремни секогаш да застанат во одбрана на владетелот, само ако тој на друг начин не се огрешил против себе самиот.
    Така, тој ќе се здобие со двојно поголема слава, бидејќи засновал едно ново владетелство, што го збогатил и го зацврстил со добри закони, војска, пријатели и секакви други добри примери.
    Наспроти тоа, двојно поголем ќе биде срамот на наследниот владетел, ако поради својата неразумност ја загубил државата.

    Ако го разгледаме примерот на оние владетели од нашево време кои ги загубиле своите држави во Италија, како што се неаполскиот крал, војводата од Милано и други, најпрвин ќе видиме дека нивната заедничка грешка била војската, од причините за кои веќе говоревме.
    Потоа, ќе видиме дека некои од нив или го имале народот за непријател, или пак, доколку народот им бил пријател, не умееле да се обезбедат од големците.
    Без да се направат овие грешки не би можеле да се загубат државите, кои имаат толкава сила да можат секогаш да ја поведат војската на бојното поле.
    Филип Македонски, но не таткото на Александар, туку оној што беше поразен од Тит Квинктиј, немаше голема држава, во споредба со онаа на Римјаните и на Грците, кои го нападнаа.
    Па сепак, бидејќи беше војсководец, знаеше како да го придобие народот и да се обезбеди од големците, така што долги години издржа да војува против нив.
    Иако на крајот ја загуби власта над некои градови, кралството сепак остана во негови раце.
    Затоа, нашите владетели, кои долго време управуваа со своите држави, а потоа ги загубија, не треба за ова да ја обвинуваат судбината, туку својата неспособност.
    Во време на мир никогаш не помислуваа дека ваквата ситуација може да се промени, а тоа е грешка што ја прават сите луѓе, не размислувајќи за бурата се додека е мирно морето.
    Потоа, кога насталија лоши времиња, овие владетели не размислуваа за тоа како да се одбранат, туку како да побегнат, надевајќи се дека народот повторно ќе ги повика, штом ќе му здодее горделивоста на победникот.
    Оваа одлука може да биде добра само кога нема подобра, но не е добро ако се напуштат сите други решенија во нејзина полза.
    Оти, не треба да дозволиш да паднеш, надевајќи се дека секогаш ќе има некој што ќе те подигне.
    Тоа или нема да се случи, или пак, ако се случи, повторно нема да бидеш безбеден, бидејќи е слаба таквата одбрана, штом не зависела од тебе, туку од другите.
    Може да бидат добри, сигурни и трајни само оние одбрани кои зависат од тебе и од твоето јунаштво.

    ReplyDelete
  56. Глава XXV
    КОЛКУ ВЛИЈАЕ СУДБИНАТА НА ЖИВОТОТ НА ЧОВЕКОТ И КАКО МОЖЕМЕ ДА СЕ СПРОТИСТАВИМЕ

    Познато е дека многумина сметале и се уште сметаат дека нашиот свет е на одреден начин управуван од судбината и од Бога, и дека луѓето со сета своја мудрост не можат тоа никако да го изменат, односно дека од тоа нема никаков спас.
    Според тоа, може да се изведе заклучокот дека не вреди многу да се трудиме во животот, туку треба да и се препуштиме на судбината.
    Ова мислење е особено раширено во нашево време поради големите промени што се случија и секојдневно се случуваат, а кои го надминуваат она што обичниот човек може да го замисли.
    Размислувајќи за тоа, и јас понекогаш, во извесна смисла се приклонувам кон општото мислење.
    Па сепак, со оглед на тоа што се уште не е згасната човековата слободна мисла, сметам дека можеби е вистина дека судбината владее со половина од нашите дела, но исто така, и дека владеењето со другата половина, или приближно толку, им преостанува на луѓето.
    Би ја споредил судбината со некоја од нашите надојдени реки, кои, кога ќе се разбеснат ги поплавуваат низините, ги урнуваат дрвјата и градбите, го разнесуваат земјиштето од еден крај за да го нанесат на друг.
    Пред нив сите бегаат, сите му се предаваат на нивниот налет, не можејќи со ништо да ги спречат.
    Па иако се реките такви, нема причина луѓето, кога е времето мирно, да не изградат брани и насипи, така што потоа, кога ќе надојдат, да истекуваат во каналите, или пак нивниот налет да не биде толку силен и толку погубен.

    Слично е и со судбината, таа својата моќ им ја покажува на оние кои не поседуваат способности да и се спротивстават, па своите налети ги насочува онаму каде што знае дека нема брани и насипи да ја задржат.
    Ако сега ја разгледате положбата во Италија, која е седиште на споменатите промени, и од која тие всушност потекнаа, ќе видите дека е таа поле без насипи и без никаква брана.
    Да беше, како Германија, Шпанија и Франција, бранета со соодветно јунаштво, тој налет немаше да предизвика толку големи промени, или воопшто немаше да дојде до него.
    Сметам дека ова што го кажав е доволно што се однесува до спротивставувањето на судбината воопшто.
    Меѓутоа, разгледувајќи го поподробно ова прашање, гледаме како се случува денес некој владетел да е успешен, а утре да пропадне, без да се измени притоа неговиот карактер, или барем некои негови особини.
    Верувам дека тоа произлегува од причините за кои веќе претходно опширно расправавме, односно, владетелот кој во целост се ослонува на судбината пропаѓа штом среќата ќе му го заврти грбот.
    Исто така, смета дека е среќен оној владетел кој своите постапки ги усогласува со одликите на времето, а несреќен е оној чии постапки се спротивни на тие одлики.
    Гледаме дека луѓето на различни начини стигнуваат до целта која секој ја има пред себе, а тоа е славата и богатството: едни претпазливо, други нагло, едни со насилство, други со способности, едни трпеливо, други сосема спротивно на нив; но, сите тие различни патишта водат кон истата цел.

    Може да се случи, од двајца луѓе кои имаат пред себе иста цел, едниот да стигне до неа, а другиот да не стигне, исто како што може да се случи и двајцата да ја постигнат истата цел на два различни начини, едниот претпазливо, а другиот смело.
    Тоа не зависи од ништо друго, туку од одликите на времето, односно од тоа дали нивното однесување е во согласност со времето или не.
    Оттука произлегува она што веќе го кажав; двајца кои постапуваат сосема различно да дојдат до истиот резултат, а од двајцата што постапуваат исто само едниот да ја достигне саканата цел.
    Од ова, исто така, зависи и промената на среќата: ако владетелот управува претпазливо и трпеливо, а времето и настаните му одговараат така што и владетелството му е добро, тој ќе биде среќен.

    ReplyDelete
  57. Но, ако времето и настаните се изменат, тој ќе пропадне, бидејќи не го изменил и начинот на управувањето.
    Не постои толку мудар човек кој би знаел да се приспособи на сето ова, или поради тоа што не може да отстапи од својата природа, или поради тоа што човекот кој долго чекорел по една иста патека никој не може да го убеди да зачекори по друга.
    Затоа, кога на претпазливиот човек времето му наложува да постапи смело, тој не умее тоа да го стори и затоа пропаѓа.
    Дури и кога би ја изменил својата природа во согласност со времето и со настаните, не би можел да си ја измени судбината.

    Папата Јулиј II во сите свои потфати постапуваше смело, а и времето и настаните му одговараа на овој негов начин, така што на крајот секогаш среќно завршуваше.
    Погледнете го само неговиот прв напад на Болоња, уште додека беше жив господинот Џовани Бентиволјо.
    Венецијанците воопшто не беа задоволни од него, шпанскиот крал исто така, бидејќи за нападот тој преговараше со Французите.
    Па сепак, со својата суровост и безобѕирност, папата лично замина во овој поход.
    Со овој свој потег тој ги збуни и ги задржа Венецијанците и Шпанците; едните од страв, а другите поради желбата повторно да загосподарат со целото Неаполско кралство.
    Од друга страна, Францускиот крал му се приклони на папата, увидувајќи дека папата веќе тргнал во поход, а сакајќи со него да биде пријател, за да може потоа да ги порази Венецијанците.
    Исто така, сметаше дека ако на папата не му ја позајми својата војска, отворено ќе го навреди со тоа.
    Така, со својот безобзирен потфат Јулиј II успеа да го оствари она што ниеден друг папа, со својата мудрост не би можел да го постигне.
    Да чекаше да замине од Рим откако ќе ги донесе сите заклучоци и ќе ги изврши сите подготовки, како што би постапил секој друг папа, никогаш немаше да успее, бидејќи Францускиот крал ќе најдеше сто изговори, а и другите ќе најдеа сто други начини да го заплашат.
    Не би сакал повеќе да говорам за останатите негови дела, бидејќи се слични на ова и сите завршија со успех.
    Неговиот кус живот не му дозволи да ја почувствува и обратната страна, онаа на неуспехот.
    Да настапеа времиња во кои ќе требаше претпазливо да се постапува, ќе настапеше и неговата пропаст, оти тој никогаш немаше да престане да постапува на начинот што му го наметнуваше неговата природа.

    Би заклучил дека судбината е променлива, а луѓето и се верни на својата природа; па кога овие две работи заемно се сложуваат луѓето се среќни, а штом престанат да се сложуваат, тие стануваат несреќни.
    Јас сметам дека е подобро да се биде безобѕирен, отколку претпазлив, бидејќи судбината е како жената; ако сакаш да ја потчиниш, мораш да ја тепаш и да ја скротуваш.
    Гледаме дека таа побрзо им се покорува на безобѕирните отколку на претпазливите, кои студено постапуваат со неа.
    Затоа, исто како и жената, и судбината им е пријателка на младите, бидејќи не се премногу претпазливи, страсни се и со поголема смелост и заповедаат.

    ReplyDelete
  58. Глава ХХVI
    ПОВИК ДА СЕ РАЗБУДИ ИТАЛИЈА И ДА СЕ ОСЛОБОДИ ОД СТЕГИТЕ НА ТУЃИНЦИТЕ

    Ако ги земеме предвид сите прашања за кои до сега расправав, и ако размислам дали денес во Италија времето е поволно за да се појави еден нов владетел, и дали има услови кои би му овозможиле на еден способен и мудар човек да заснова држава која него ќе го прослави, а ќе го задоволи сиот народ, толку нешта одат во прилог на новиот владетел, што сметам дека за него нема поповолно време од сегашното.
    Па исто како што беше нужно, за што веќе говорев, израелскиот народ да падне под ропството на Египет за да се видат способностите на Мојсеј, Персијците да бидат потчинети од страна на Медијците за да се запознае големината на Кировиот дух, а Атињаните да бидат растурени за да дојде до израз исклучителната храброст на Тезеј, така и денес, за да се познаат способностите на еден храбар Италијанец требаше Италија да биде доведена до сегашнава состојба, да биде поголема робинка од Евреите, попотчинета од Персијците и порастурена од Атињаните; обезглавена, обеззаконета, победена, ограбена, расцепкана, прегазена, осудена да трпи секаков вид несреќи. Па иако досега се покажа трошка надеж кај еден од нашите владетели, (Се мисли на Чезаре Борџија, познат како војводата Валентино.) да сметаме дека е од бога предодреден за спасот на Италија, сепак, во најголемиот замав на неговите дела, и тој беше изневерен од својата судбина.

    Така, Италија остана безживотна, исчекувајќи кој ќе биде тој што ќе ги залечи нејзините повреди, што ќе им стави крај на грабежите во Ломбардија, на давачките во Неаполското кралство и во Тоскана, и што ќе ги исцели нејзините рани, веќе одамна загноени.
    Ја гледаме како му се моли на Бога да испрати некој кој ќе ја ослободи од овие злодела и варварски насилства.
    Ја гледаме како е подготвена и решена да застане под било кое знаме, само да има кој да го развее.
    Не гледам денес во кого би можела Италија да има поголема надеж, отколку во Вашиот славен род, кој со помош на среќата и своите способности, како и на Бога и Црквата, со која сега владее, ќе може да застане на чело на нејзиното спасение. (Макијавели му се обраќа повторно на Лоренцо де Медичи, кому му е посветен Владетелот, а чиј што стрико, Џовани де Медичи во тоа време е папа под името Лав X.)
    Тоа не би требало да Ви биде тешко, ако се угледате на животот и делата на оние луѓе што јас ги споменувам.
    Па, иако тие биле ретки и исклучителни, сепак биле луѓе, и секој од нив имал помалку поволни околности од сегашниве.

    Нивните подвизи не биле полесни, ниту поправедни од овие, ниту пак Бог им бил понаклонет ним отколку Вам.
    Голема вистина е следното: „iustium enim est bellum quibus necessarium, el pia arma ubi nulla nisi in armis spes est"(„Праведна е војната за оние за кои е нужна, а свето е она оружје кога не постои друга надеж освен во оружјето.").
    Овде сега постојат сите услови, а таму каде што има услови не може да има тешкотии, само ако ги прифатите постапките на оние луѓе, на кои јас веќе Ви укажав.
    Освен тоа, се појавија знаците, испратени од Бога: морето се отвори, облакот го покажа патот, од каменот потече вода, заврна небеска мана; се и оди во прилог на Вашата големина.

    ReplyDelete
  59. Другото останува Вие да го направите.
    Господ не сака се да заврши, за да не ни го одземе правото на нашата слободна волја, како и делот од славата што нам треба да ни припадне.
    Не е чудно што никој од споменатите Италијанци не успеал да го постигне она што се надеваме дека ќе може да го стори Вашиот славен род, ниту е чудно што во бројните преврати и војни што се водени на тлото на Италија се чини дека сосема згаснал нејзиниот војнички дух.
    Причината лежи во она што нејзините стари закони не беа добри, а немаше човек што умееше да создаде нови.

    Ништо нема во таа мера да го прослави новиот владетел како новите закони и новите прописи што тој ќе ги донесе.
    Тие, кога се добро обмислени и возвишени по својот карактер, придонесуваат нивниот автор да го почитуваат и да му се восхитуваат, а во Италија денес постојат можности за воведување на секаков вид управување.
    Силата на екстремитетите е голема, но само кога би била силна и главата.
    Погледнете ги дуелите и поединечните борби во кои Италијанците се надмоќни со својата сила, вештина и остроумност.
    Но, штом дојде да се војува, сето тоа го снемува.
    Тоа произлегува само од неспособноста на водачите; оние кои се способни никој не ги слуша, а секој мисли дека е способен, затоа што се досега не се истакнал никој со своето јунаштво и среќа, за да се тргнат другите и да му го отстапат патот.
    Оттаму во долгиот временски период и во бројните војни водени во изминатите 20 години, во случаите кога војската била составена исклучиво од Италијанци секогаш лошо се покажувала.
    За тоа сведочат битките кај Таро, Александрија, Капуа, Џенова, Ваила, Болоња и Местре.
    Доколку Вашиот славен род посака да го следи патот на споменатите извонредни луѓе кои успеаја да ги ослободат своите држави, неопходно е, пред сé, да си обезбеди сопствена војска, која е вистински темел на секое големо дело, бидејќи нема да најде поверни, посигурни и подобри војници од сопствените.

    Иако секој војник е добар самиот по себе, сите заедно ќе станат уште подобри, кога ќе видат дека им заповеда нивниот владетел кој ги почитува и добро се однесува кон нив. Затоа, неопходно е да се подготви ваквата војска, која ќе биде способна, со италската вештина, да ја одбрани земјата од туѓинците.
    Иако швајцарската и шпанската пешадија сe сметаат за непобедиви, обете имаат и недостатоци, така што некоја друга војска може не само да им се Спротивстави, туку и да се надева дека ќе ги победи. Бидејќи, Шпанците не можат да се одбранат од коњицата, а Швајцарците се плашат од судирот со онаа пешадија која во борбата се покажува упорна, исто како нив.
    Затоа, од искуството е познато дека Шпанците не се способни да и се спротивстават на француската коњица, додека Швајцарците можат да бидат победени од шпанската пешадија.
    Па, иако за ова второто се уште не сме имале прилика сосема да се увериме, сепак како доказ може да ни послужи битката кај Равена, кога шпанската пешадија се судри со германските војски, кои се организирани на истиот начин како швајцарските.

    ReplyDelete
  60. Тогаш Шпанците, со подвижноста на своите трупи и со помош на своите мали шлемови, успеаја да се втурнат под германските копја од каде што непречено го напаѓаа непријателот, кој не беше во состојба да се одбрани.
    Да не беше коњицата, која потоа навали на нив, тие сигурно ќе ги уништеа Германците.

    Значи, знаејќи ги недостатоците на едната и на другата пешадија, може да се состави една нова, која што ќе умее да и се спротивставува на коњицата, а нема да има страв од друга пешадија.
    Тоа ќе се постигне со подобрувањето на квалитетот на оружјето и со измената на устројството на војската.
    Штом ќе се извршат овие две работи, тоа ќе помогне да се зголеми угледот и големината на новиот владетел.
    Со оглед на тоа, не треба да се пропушти оваа прилика, за да може Италија, по толку долго време, да го добие својот спасител.
    Не би можел да искажам со колкава љубов тој би бил примен од страната на луѓето во сите оние области кои страдале под стегите на туѓинците: со каква желба за одмазда, со каква искрена доверба, со каква побожност и со какви солзи.
    Кои врати може нему да му бидат затворени и кои народи ќе му ја откажат својата послушност?
    Чија завист би можела да му се спротивстави и кој е тој Италијанец што не би му ја укажал должната почит?
    На сите веќе ни здодеа ова варварско владеење.

    Нека ја преземе Вашиот светол род оваа должност, со храброста и со надежта која е придружничка на сите праведни борби, така што под Вашето знаме и нашата татковина ќе биде облагородена, а под Вашата закрила ќе бидат остварени стиховите на Петрарка:

    Јунаштвото наспроти бесот оружјето ќе го земе;
    и борбата ќе биде кратка:
    оти во италските срца
    старата храброст се уште не е мртва.

    ReplyDelete

Note: Only a member of this blog may post a comment.