Tuesday, September 22, 2009

Правопис

Во Правопис на amfiteatar.blogspot.com може да најдете граматички правила од македонскиот јазик кои можат да им послужат на сите кои пишуваат каков било текст.

Овој дел на amfiteatar е концепиран за да помогне во пишувањето на поквалитетни и поточни електронски текстови на македонски јазик.
За сите забелешки или предлози пишете ни на

amfiteatar.blogspot@gmail.com ,

однапред ви благодариме.

15 comments:

  1. ЕДНАЧЕЊЕ ПО ЗВУЧНОСТ

    Според звучноста согласките се делат на безвучни, звучни и сонати. Безвучните и звучните согласки образуваат корелативни парови. Секоја безвучна согласка, освен х, има свој звучен парник. Тие парови се:

    звучна: б д г в з ж (-) ѕ џ ѓ

    безвучна: п т к ф с ш (х) ц ч ќ

    Исто така, во поделбата според звучноста, разликуваме и сонанти, тие се: р, л, љ, м, н, њ, ј.

    1. Случаи во кои има едначење по звучност:

    а) Звучните и безвучните согласки се едначат по звучност кога ќе се најдат во непосреден допир. Едначењето се врши според втората согласка. Звучните согласки пред безвучните се менуваат во безвучни. На пример:
    - б - п: баба - бапски; врабец - врапче, врапци; даб, дабот - дапче; забец - запци, запчест; јамб, јамбот - јампски; Љубе - Љупчо, Љупка; роб, робот - ропски, ропство; риба - рипче, рипка; соба - сопче.
    - г - к: брег, брегот - брекче; глог, глогот - глокче; рог, рогот - рокче.
    - д - т: војвода - војвотка, град, градот - гратче; рид, ридот - ритче; ред, редот - ретче; редок - ретка, ретко, ретки; сладок - слатка, слатко, слатки; Нада - Натка; Рада - Ратка.
    - ж - ш: бележи - белешка; држи - дршка; двоножец - двоношци; е, ежот -ешко; жежок - жешка, жешко, жешки; маж, мажот - машки.
    - з - с: блуза - блуска; близок - блиска, блиско, блиски; низок - ниска, ниско, ниски.
    б) Безвучните согласки пред звучните преоѓаат во звучни:
    - т - д: сват - свадба; срете - средба; шета -шедба.
    - к - г: Велик Ден - Велигден.
    - с - з: гостин - гозба и др.
    в) Едначењето по звучност редовно се обележува и во префиксираните зборови:
    - (зад-) затскрие, заткулисен;
    - (над-) наткаже, натпис, натпревар, натстрешник;
    ¬- (од-) отказ, отпис, отплата, отпор, отпуст, отсега, отсек, отспреди, отстапка, отсуство, оттука, отштета;
    - (под-) потпис, потствест, потсетник, поттекст, потфат, поход;
    - (пред-) претпладне, претпоставка, претседател, пресметка, претсобје, претстава, претходно, претчувство;
    - (без-) бескаматен, бескуќник;
    - (воз-) воспита, востание, восхит;
    - (из-) исказ, исклучок, искаже, истера, исход;
    - (раз-) распис, расположение, распуст, расход, расцвет, расчекор.
    Согласката з се обезвучува и пред африкативните ц, ч во префиксираните зборови:
    - бесцелно, исцеди, исцепи, исцица, расцути, расцепи, исчади(не: ишчади), исчезне (не: ишчезне), исчека, исчеша, исчисти, обесчести, расчепка, расчисти, расчуе и сл.
    г) Кога префиксите што завршуваат на согласка (зад-, над-, од-, под-, пред-, без-, из-, раз-) ќе влезат во состав на збор што почнува со истородна согласка, настануваат два случаја.

    ReplyDelete
  2. Во некои зборови границата меѓу префиксот и основниот збор јасно се чувствува и согласките се пишуваат удвоено: оддели, поддава, раззелени, оттука, поттикне, бессовесен.
    Во други случаи, кога е сраснатоста на составните делови изразена во поголем степен, по извршеното едначење се добива една согласка:: одамна (од: оддамна), бесмислен, бесмртен, бесрамен, бестрашен, исее, исекне, исели, исече, раседла (од: разседла), расее, расели, расече, раслои, расобуе, расони и др.
    д) Иста појава имаме и на составите меѓу префиксите без-, из-, раз-, и зборови што почнуваат со ш. Во едни случаи се чува с: бесшумно (од:безшумно), исшета, исшие, исшилчи, а во други, по асимилацијата на с во ш, се добило едно ш: ишари (од: изшари), ишмрка, иштипе, рашета (од: разшета), рашие, рашири, раштима, раштрка.

    2. Едначењето по звучност не се одбележува во следните случаи:

    а) Не се одбележува едначењето на в пред безвучна согласка:
    - вкамени, вкупно, всели, втаса, втор, вцрви, вчас, вчера, мравка, тревка, цефка, чавка, архивски, трговски, тетовски, здравство, морепловство, глувче, ливче, мевце, увце, крвца, мавца, овца, овчари сл.
    б) Не се одбележува едначењето на д:
    - пред суфиксите -ски, -ствен, -ство:градски, господски, ридски, методски, охридски, судски, госпоствен, родствен, следствено, производствен, благородство, водство, господарство, родство, раководство, производство, соседство, судство.
    - пред завршокот -ци (во множинската форма за машки род): блудец - блудци, очевидец - очевидци, домородци, душојадци, месојадци, крадци, ороводци, предци.
    - пред членската наставка -та: заповед - заповедта, жедта, исповедта, проповедта, преградата, челадта.
    в) Пред членската наставка ¬-та не се одбележува и едначењето на другите звучни согласки: скроб - скробта, зоб - зобта, надеж - надежта, „рж - жржта.
    г) Согласката г не се едначи во: бегство, другпат.
    д) Не се едначи т во и зборови од типот : петгодишен, десетгодишен, дванаесетгодишен, петдневен, десетдневен, десетдневно.
    ѓ) Едначењето на согласките по звучност не се одбележува и во некои сопствени имиња со туѓо потекло, на пример: Вашингтон, Велингтон, Мусоргски, Рентген(но: рендген како апарат), Хабсбурговци, Хамбург и придавките хабсбуршки, хамбуршки и др.
    е) Во допир со сонантите не се врши едначење по звучност: милосслив, милосница, мирислив.

    ReplyDelete
  3. УПОТРЕБА НА ГОЛЕМА БУКВА

    1) Текстот се започнува со голема буква, како и реченицата што доаѓа по друга завршена реченица зад која стои точка:
    Автобусите тргнаа. Повеќето патници дојдени со последниот воз требаше да останат за утре.
    2) По три точки, ако со тоа завршува реченицата, односно ако е прекината, но понатаму не продолжува, се пишува голема буква:
    А убаво е, велат да умреш сакајќи... А кога се загледав убаво во неа, ја препознав нејзината мајка.
    Но ако со три точки се означува прекин во говорот што потоа пак продолжува, се пишува мала буква во почетокот на продолжението:
    Кулата е јака, вратите ковани со железо, а кој знае...може и заптии да чуваат - Уште десет чекори... уште пет... уште три... уште два...
    3) Голема буква се пишува во почетокот на првиот збор на реченицата што доаѓа по друга реченица зад која стои извичник или прашалник:
    Колку отворена и смела радост имаше во неа! Незаборавна младост. - Каде е сега Богдановото девојче? Ја зема гајдата, нежно ја прегрнува и засвирува.
    Ако во реченицата доаѓа извичник или прашалник што се однесува на некој збор или нејзин дел, а потоа реченицата пак продолжува првиот збор на продолжението се пишува со мала почетна буква:
    Најдобро би било и јас да й се насмевнам, да й покажам дека ја разбирам, но место тоа јас ги спуштам очите, и - о ужас! - гледам дека место мене й се смешка некој друг, и тоа е мојот десен чевел. - И пред сé нему - зошто баш нему? - требало да му се објасни тоа.

    4) Со голема почетна буква се пишува првиот збор на реченицата што доаѓа по две точки, ако почнува директен говор, ако почнува цитат што претставува самостојна реченица и ако почнува одделен пасус на нов ред што преставува завршена реченица или што содржи повеќе реченици на директен говор или цитат:
    И пак оној шепот: - Ти не треба да си тука! - Мони го прекина: „Овде не ги расчленуваме досегашните односи помеѓу нас...”.
    За историјата тој заклучува: „Вистинската природа на историјата е да учествуваш во историјата”.
    Се олабави, легна и рече пред да заспие:
    „Бегајте. Јас ќе долазам некако до некое засолниште”.
    Чехов во заклучокот пишува:
    „Мошне е важно и навистина изгледа дека нашите луѓе повторно ќе го доживеат занесот со природните науки, и материјалистичкото движење повторно ќе биде во мода. Природните науки сега создаваат чуда и тие може да тргнат како Мамај на публиката и да ја покорат со својата маса, со својата грандиозност...”.
    Цитат вкучен во реченицата како дел од друга реченица - се пишува со мала почетна буква:
    Централнотот македонско наречје „за мене - пишува Мисирков во предговорот на својата книга - от сега на тамо има да бидит литературен македонцки јазик”.

    ReplyDelete
  4. 5) По директен говор што завршува со три точки, извичник или со прашалник, авторовата реч се пишува со мала почетна буква:
    - Те уплашив... - рече смуртено Никола, синот на чорбаџи Гого... - Јас, Дафке, така... - и тој се закикоти како дете што направило неубава лудорија.
    - Ние сме паризани! - строго рече Трпе.
    - Ами децата твои кај се? - го праша Рангел.
    Кога директниот говор е прекинат со авторовата реч, првиот збор на продолжението се пишува со мала почетна буква:
    - Слушај синко, - рече Соколе - да ти кажам малку од мојата историја.
    6) Во писма ис л., по обраќањето зад кое стои запирка, се пишува голема почетна буква ако текстот оди во нов ред:
    Почитуван господине уредник,
    Би сакале да го изнесеме нашето мислење... .
    Драги пријателе,
    Ме известувате дека... .
    Но ако, текстот на писмото продолжува во истиот ред по обраќањето, следниот збор се пишува со мала почетна буква:
    Почитуван господине уредник, би сакале да го изнесеме нашето мислење... .
    Драги пријателе, ме известувате дека... .
    7) Ако зад обраќањето стои извичник, текстот продолжува со голема почетна буква во обата случаја:
    Младинци и младинки!
    Кога го избравте патот на борбата против фашизмот, вие докажавте... .
    Ладинци и младинки! Кога го избравте патот на борбата против фашизмот, вие докажавте... .
    8) Во поезијата секој стих може да почнува со голема буква:
    Ми заплакала гората,
    Гората и планината,
    И од гората дрвјето,
    И од дрвјето лисјата,
    И од гнездатаљ пилците... .
    9) Пообично е во современата поезија големата буква да се употребува како ив о прозата:
    Ако носиш нешто неизречно,
    нешто што те притиска и пече,
    закопај го во длабока тишина,
    тишината сама ќе го рече.
    10) Со голема почетна буква се пишуваат личните имиња, презимињата, псевдонимите, прекарите:
    Милан, Илија, Лилјана, Марија, Крчовски, Пулевски, Мирце Ацев, Страшо Пинџур, Гоце Делчев, Григор Прличев, Кузман Јосифофски-Питу, Христијан Тодоровски-Карпош и сл.
    Вака се пишуваат и фамилијарните имиња:
    Марковци, Петревци, Митревци, Шишковци, Плетварци.

    ReplyDelete
  5. 11) Ако личното име добие значење на општа именка, се пишува со голема почетна буква:
    ом (мера) но Ом (име), кулон (мера) но Кулон (име), форд (автомобил) но Форд (име).
    12) Исто и: јуда (предавник; според Јуда, еден од Христовите ученици кој го предал својот учител), квислинг (предавник на татковината; според презимето на норвешкиот мајор Видкун Квислинг), донжуан (заводник; според Дон Жуан, тип од литературата), ментор (воспитувач, наставник, водител; според легендарниот Ментор, воспитувач на Одисеевиот син Телемах) и сл.
    13) Ако кон личното име или презимето стои атрибут што не претставува дел од личното име, но служи само како општа определба, тој се пишува со мала почетна буква:
    чорбаџи Петре, мајстор Милан, кнез Данило, цар Самоил, доцтор Атанасовски, профессор Николовски, господин Смит, поп Цветан.
    14) Членот или честицата во туѓите имиња се пишува со мала буква:
    Лудвинг ван Бетовен, Леонардо да Винчи, Фердинант де Сосир, Бодуен де Куртене, Хајнрих фон Клајст.
    Кога членот или честицата доаѓаат во почетокот, т.е. кога стојат само со презимето, се пишуваат со голема почетна буква:
    Да Винчи, Де Сосир, Фон Клајст.
    15) Слеаните или со цртичка поврзаните членови или делови на имињата или презимињата се пишуваат со голема буква:
    Лафонтен, Лавоазје, Ванкувер, Ван-Дајк, Мекдоналд.
    16) Со голема почетна буква се пишуваат имињата:
    Бог, Алах, Буда, Зевс, Јупитер, Перун, Венера, Афродита, идр.
    17) Со голема почетна буква се пишуваат имињата на животните:
    Арап (коњ), Шарко (куче), Сивчо (вол).
    18) Во драмите и другите уметнички творби општите именки со кои се означуваат персонифицирани поими или суштества се пишуваат со голема почетна буква:
    Правдата, Злото, Мечката, Соколот, Лисицата, Слугата, Докторот, Затвореникот.
    19) Ако именката не се сваќа како сопствено име, се пишува со мала почетна буква:
    арап (општо за црн коњ), сивчо (сив вол), правдата, злото, мечката, соколот, лисицата, слугата, докторот, затвореникот.

    ReplyDelete
  6. 20) Со голема почетна буква се пишуваат постојните придавки изведени од лични имиња и презимиња со наставките -ов, -ев и -ин:
    Миланов, Марков, Марксов, Рацинов, Његошев, Милкин.
    21)Со Голема буква се пишуваат и посвојните придавки образувани на -ов и -ин од историски и митолошк личности:
    Адамово јаболко, Базедова болест, Прокрустова постела, Ахил(ес)ова пета (петица), Херкулови подвизи, Сизифов труд, Танталови маки, Морзеова азбука, Вартоломеева ноќ идр.
    22) Придавките изведени од имиња на лица со додавање, на наставката -(ов)ски се пишуваат со мала почетна буква:
    езоповски (јазик), пушкински (стил), рациновски (стил).
    23) Имињата на жителите на континентите, на земји, држави покраини, области, како ин а припадниците на народи, племиња, етнички групи се пишуваат со голема почетна буква:
    Европеец - Европејци, Европејка, Македонец, Бугарин, Французин, Американец, Херцеговец, Брсјак, Мариовец, Далматинец, положанец, Загорец, Евреин, Црнец, Ром, Влав, Миак, Семити, Хуни, Вандали.
    24) Именките што означуваат жител на едно населено место - град, село, населба - се пишуваат со мала почетна буква:
    скопјанец - скопјани, скопјанка, токиец - токијка - токијци, крушевчанец, тетовчанец, битолчанец, богданчанец, коњарец, новоселец, горномаалец, кумановец - кумановка (не: кумановчанец), кратовец (не: кратовчанец).
    25) Именките со кои се означува припадник на раса се пишуваат со мала почетна буква:
    белец - белци, белка, црнец - црнци, црвенокожец - црвенокожци.
    26) Етничките и географските имиња што добиваат значење на општа именка се пишуваат со мала почетна буква:
    прилеп, вирџинија (тип тутун), талјанка (пченица), шампањ (вино).
    27) Придавките изведени од географски и етнички називи се пишуваат со мала почетна буква:
    европски, лондонски, мариовски, карпатски, полски, скопски, пелагониски, брсјачки.
    28) Географските и топографските имиња се пишуваат со голема почетна буква:
    Европа, Франција, Македонија, Србија, Пелагонија, Полог, Вардар, брегалница, Скопје, Тетово.
    Со голема буква се пишуваат и одделни краишта:
    Скопско, Битолско, Прилепско.
    29) кога имињата на континентите, земјите, државите, градовите, и селата составени од два или повеќе зборови, сите тие, освен службените (предлозите и сврзниците), се пишуваат со голема почетна буква:
    Северна Америка, Нова Гвинеја, нов Зеланд, Крива Паланка, нови Сад, Славонски Брод, Франкфурт на Мајна, Брегот на Слоновата Коска и др.

    ReplyDelete
  7. 30) Вака се пишуваат ис ложените географски имиња чијшто втор дел е географски поим (термин):
    Егејско Море, Балтижко Море, Средоземно Море, Тихи Океан, Охридско Езеро, Балкански Полуостров, Северен Пол, Панамски канал, Шар Планина, Селечка Планина, Овче Поле, катлановска Бања, Крива Река, Црна Река, Ново Село.
    31) Во официјалните називи на државите и покраините со голема почетна буква се пишуваат сите составни делови на називот освен службените зборови (предлозите и сврзниците):
    Република Македонија, Народна Република Кина, Исламска Репулика Иран, Кралство Данска, Обединето Кралство Велика Британија и Северна Ирска, Обединети Арапски Емирати, Сојузна Република Германија, Соединети Американски Држави, Соединети Држави на Мексико.
    32) Неофицијалните скратени називи и условните скратеници на имињата на државите и другите географски имиња се пишуваат со голема почетна буква:
    Обединетото Кралство, Емиратите, Атлантикот, Јадранот.
    33) Во туѓите географски имиња членот или четицата што е дел од името се пишува со голема почетна буква ако се наоѓа во почетокот:
    Лос Анџелес, Ла Манш, Ле Крезо, Де Кастре.
    34) Службените зборови што влегуваат во состав на туѓите географски имиња и се наоѓаат во средината се пишуваат со мала буква:
    Рио де Жанеиро, Сантјаго де Куба, Булоњ-сир-Мер.
    35) Придавките источен, западен, северен, јужен, се пишуваат со голема почетна буква кога влегуваат во состав на определено географско име:
    Северна Америка, Јужна Америка, Северна кореја, Јужна Кореја, Северно Ледено Море, Јужна Африка.
    36) Вака се пишуваат овие придавки и кога влегуваат во составот на имиња на определени подрачја што некогаш биле или што сега претставуваат целости во културен, историски, географски и друг поглед:
    Западна Европа, Источна Македонија, Западна Србија, Источна Хрватска, Западно Римско Царство и сл.
    Но кога овие придавки се сфаќаат како општа определба на географските имиња, тогаш се пишуваат со мала почетна буква:
    северна Македонија, северна Европа, јужна Македонија, јужна Европа, западна Полска, источна Бугарија.
    37) Со мала почетна буква се пишуваат и имињата на страните на светот:
    исток, запад, север, југ, југоисток, југозапад, североисток, северозапад.
    Кога се употребуваат како називи за соодветните народи, земји, држави, тие се пишуваат со голема почетна буква:
    односите меѓу Исток и Запад, борбата меѓу Северот и Југот (во Америка) и сл.
    38) Со голема почетна буква се пишуваат ис ложените географски називи:
    Далечен Исток, Среден Исток, Блиски Исток.
    39) Имињата на небеските тела и на вештачките космички објекти се пишуват со голема почетна буква:
    Марс, Венера, Деница, Земја, Сонце, Месечина, Млечен Пат, Спутник, Луна, Космос.
    40) Со голема почетна буква се пишуваат и придавките од овие имиња:
    Земјина тежа, Сончев сѕстем и сл.

    ReplyDelete
  8. 41) Кога зборовите земја, сонце, месечина се употребуваат како општи именки, се пишуваат со мала почетна буква: (заоѓа) сонцето, (обработка на) земјата и сл.
    42) Во имињата на улици, булевари, кејови, алеи, плоштади, паркови, мостови, и сл. составени од повеќе зборови, со голема почетна буква се пишува првиот збор, а освен него само оној збор што и самиот преставува сопствено име:
    улица Илинденска, улица Браќа Миладиновци, булевар Партизански одреди, кеј 13 Ноември, кеј Димитар Влахов, плоштас Слобода, улица и плоштад Македонија, Савски мост идр.
    43) Зборовите улица, булевар, кеј, плоштад, алеја и сл. како општи определби се пишуваат со мала почетна буква. Но кога и самите се дел од името, се пишуваат со голема почетна буква:
    Булевар на Револуцијата, плоштад на Крушевската република, алеја на народните херои, Мост Гоце Делчев.
    Во сложените имиња чијшто прв дел е редден број по зборот се пишува на следниов начин: улица ЏИИ бригаде, булевар 11 Октомври и сл.
    44) Во имињата на административните единици (во значење и на територија и на установа), коишто обично се сложени називи, првиот збор се пишува со голема почетна буква:
    Скопска околија, Прилепска општина, Затска жупанија, Охридска архиепископија, Пеќска патријаршија.
    45) Имињата на разни објекти се пишуваат со голема почетна буква:
    Судска палата, Арапска куќа, Младинска пруга, Лебед (чун), Галеб (брод) ид р.
    46) Во називите на установи, организации, партии, друштва, конгреси, пленуми, традиционални, културни и спортски манифестации и сл. со голема почетна буква се пишува првиот збор, а од другите зборови само тие што и самите претставуваат сопствено име:
    Народна банка на Македонија, Стопанска банка, Филолошки факултет „Блаже Коневски” во Скопје, Деканот на Филозофскиот факултет во Скопје, Македонски народен театар, Јавно обвинителство на Македонија, Врховен суд на Македонија, Министерство за надворешни работи, Републичка геодетска управа, Управа за јавни приходи.
    Јавно претпријатие „Водовод и канализација”, Претпријатие за ПТТ сообраќај, Фабрика за стакло и стаклена волна, Железничко транспортно претпријатие, Електро-механички сервис.
    Внатрешна македонска револуционерна организација, Социјалдемократски сојуз на Македонија, Сојуз на синдикатите на Македонија, Сојуз на друштвата за македонски јазик и литературе, Академско културно-уметничко друштво „Мирче Ацев”, Фудбалски клуб „Вардар”.
    Деветти меѓународен славистички конгрес, Средба на солидарноста, Струшки вечери на поезијата, Олимписки игри.
    47) Вака се пишуваат и називите на воените единици:
    Трета македонска бригаде, Втори баталјон на Третата македонска бригада.
    48) Истите правописни правила важат и при пишувањето на туѓите називи кога се употребуваат преведени или во наша транскрипција:
    Лабуристичка партија, Конзервативна партија, Организација на Обединетите нации, Советот за безбедност на ООН.

    ReplyDelete
  9. 49) Кога од целиот назив ќе се употреби само основниот збор, тој се пишува со голема почетна буква:
    Извештај на Советот (наместо Советот за безбедност на ОН), издание на Институтот (наместо Институтот за македонски јазик), Факултетот (наместо Филолошкиот факултет „Блаже Коневски” во Скопје) исл.
    50) Кога во почетокот на називот стои редден број , следниот збор се пишува со мала буква:
    ИИИ македонска бригада, ИИ баталјон на ИИ македонска бригада.
    51) Имињата на празниците се пишуваат со голема почетна буква:
    Божиќ и Божик, Велигден, Петровден, Илинден, Ѓурѓовден, Велја-сабота, Величетврток, Бајрам.
    52) Зборот свети се пишува со голема почетна буква во имињата на празниците:
    Свети Илија, Свети Никола исл.
    вака се пишува ив о имиња на цркви, манастири и кога влегува во состав на географско име:
    Свети Спас, Свети наум, Света Богородица, Света Гораљ, Света Елена (остров).
    Но кога стои како определба на името на светецот, се пишува со мала почетна буква:
    свети Илија, свети Никола, авети Јован Крстител, блажени Августин.
    53) Во имињата на празниците составени ос два или повеќе зборови со голема почетна буква се пишува првиот збор, а освен него, само оној збор што и самиот има значење на сопствена именка:
    Нова година, Први мај, Единаесетти октомври.
    54) Ако првиот дел од името на празникот е напишан со број, следниот збор започнува со голема буква:
    1 Мај, 11 Октомври.
    55) Имињата на дните, месеците, и на годишните времиња се пишуваат со мала буква:
    понеделник, вторник, среда, четврток, февруари, март, април, пролет, лето есен, зима.
    56) Имињата на разните верски, социјални, политички, и културни движења се пишуваат со мала почетна буква:
    богомилство, хуманизам, илиризам, преродба, ренесанса, социјализам, комунизам, реализам, футуризам, модерна, марксизам.
    Кога се мисли на одредено движење кај еден народ, може ваквиот назив да се пишува со голема почетна буква:
    тоа се луѓе на Преродбата.
    57) И именките што значат припадник на ваквите движења се пишуваат со мала почетна буква:
    преродбеник, марксист, комунист, реалист, футурист, христијанин.
    58) Називите на временските периоди, епохи во развојот на Земјата и општеството се пишуваат со мала почетна буква:
    палеолит, камена епоха, бронзена ера, стариот век, средниот век, новиот век, деветнаесеттиот век, дваесеттиот век.
    59) Во називите на револуции, војни, востанија, битки, мирови, првиот збор се пишува со голема почетна буква:
    Француска револуција, Париска комуна, Октомвриската револуција, Прва светска војна, Втора светска војна, Илинденско востание, Народноослободителна војна, Фебруарски поход, Сремски фронт, Версајски мир.
    60) Називите на списанија, весници, насловите на книги, уметнички творби, статии, написи, закони, прописи, документи и сл. се пишуваат со голема почетна буква, а ако се составени од повеќе зборови, со голема почетна буква се пишува и оној збор во називот што и самиот претставува сопствена именка:
    Разгледи, Современост, Литературен збор, Нова Македонија, Лозје, Луњици, И бол и бес, За македонцките работи, Мртва природа (слика), Закон за кривичната постапка, Повелба за правата на човекот.

    ReplyDelete
  10. 61) Ако од целиот назив се употреби само основниот збор, тој се пишува со голема почетна буква:
    казнет според член 23 од Законот (во значење од Законот за кривична постапка), но: тоа не е во согласност со законот (воопшто, со законските прописи, норми).
    62) Називите на ордени, медали, традиционални награди и сл. се пишуваат со голема почетна буква:
    Партизанска споменица, Орден на слободата, Медал за храброст, Октомвриска награда, Награда Климент Охридски, Нобелова награда за мир.
    63) При лично обраќање од почит, заменките вие, ваш и нивните форми се пишуваат со голема почетна буква:
    Го примив Вашето писмо и особено Ви благодарам... - Дозволете да Ве замолам...
    Но кога со овие заменки се обраќаме до повеќе лица, до установи и сл., тие се пишуваат со мала буква:
    На ваше барање ви доставуваме... и ве молиме исплатата да се изврши...
    64) Од почит може и заменките ти, твој да се пишуваат со голема почетна буква.
    65) Титулите на шефовите на државите може од почит да се пишуваат со голема почетна буква ако се употребат без името:
    Претседателот, Кралот, Султанот, Шахот, Величество, Ваше Величество, Ваше височество исл.
    66) Другите титули се пишуваат со мала почетна буква во обичен текст, но при лично обраќање може да се пишуваат и со голема буква:
    Изјавата на министерот за надворешни работи беше примена... - Почитуван господине директоре, дозволете да Ви се обратам со молба..., или Почитуван господинеДиректоре, дозволете...
    67) Со посебна стилска функција или кога се персонифицира некој апстрактен поим, со голема почетна буква може да се пишуваат и одделни општи именки:
    Татковина, Човек, Мир, Слобода, Злото, Доброто.

    ReplyDelete
  11. ИСТОРИСКИ РАЗВОЈ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
    МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО СЕМЕЈСТВОТО НА
    СЛОВЕНСКИТЕ И ЈУЖНОСЛОВЕНСКИТЕ ЈАЗИЦИ

    Македонскиот јазик е сроден со другите словенски јазици и заедно со нив спаѓа во семјството на словенските јазици.
    Нивната сродност се должи на заедничкото потекло. Сите словенски јазици водат потекло од еден прајазик - прасловенскиот, кој води потекло од индоевропскиот прајазик.
    Поимот прајазик треба да се сфати во лингвистичка смисла. Со него се означува претписмениот и предисторискиот период од развојот на јазиците кога тие не можат да се проучуваат врз конкретен материјал, туку со помош на претпоставки и реконструкции. Во таа смисла, на прасловенскиот генетски се надоврзуваат сите словенски јазици.
    Денес, словенските јазици заземаат широка територија на европскиот континент и образуваат три групи јазици:
    - јужнословенска група:македонски, бугарски, српски, хрватски и словенечки јазик;
    - источнословенска група: руски, украински и белоруски јазик;
    - западнословенска група: полски, чешки, словачки и лужичко-српски јазик.
    Историски, во групата на јужнословенските јазици спаѓа и старословенскиот, кој претставувал прв литературен (стандарден) јазик за сите словенски народи, а во групата на западнословенските - полапскиот, кој во текот на историјата бил асимилиран од соседните јазици (пред се од германскиот). Иако во минатото (XI - XVI век) е создадена литература на кашупски јазик, денес тој е асимилиран од полскиот и има статус на дијалектен јазик.
    Источнословенската и западнословенската група јазици меѓусебно граничат, додека јужнословенската група јазици територијално е одделена од нив преку други јазици (германскиот, унгарскиот, романскиот).
    Јужнословенската група на јазици се дели на две подгрупи:
    - источнојужнословенска (македонскиот и бугарскиот);
    - западнојужнословенска (српскиот, хрватскиот и словенечкиот).
    Со словенските јазици, македонскиот јазик покажува повеќе заеднички особености: најмногу во фонетиката, лексиката и во зборообразувањето. Овие особености се должат на заедничкото потекло.
    Со јужнословенските јазици, македонскиот јазик покажува поголем број заеднички особености кои, освен на заедничкото потекло, се должат и на непосредните врски.

    РАЗЛИКИ ПОМЕЃУ МАКЕДОНСКИОТИ
    ДРУГИТЕ БАЛКАНСКИ ЈАЗИЦИ
    МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК МЕЃУ БАЛКАНСКИТЕ ЈАЗИЦИ

    Со оглед на централното место меѓу јазиците на Балканскиот Полуостров, во македонскиот јазик дошле до израз резултатите од заемните процеси во овие јазици. Тие се огледуваат во:
    1. Замена на синтетичката деклинација со аналитичка: човек, од човекот, на човекот, пред човекот, со човекот, итн.
    (Овој процес во македонскиот јазик е извршен речиси целосно кај именките, а остатоци од синтетичката деклинација се чуваат кај заменките: му рече, го виде, итн., додека во романскиот, грчкиот и албанскиот се употребуваат од две до пет падежни форми.)
    2. Употреба на постпозитивен член: човекот, човеков, човекон.
    (Само во македонскиот јазик се јавува троен член во постпозиција; за албанскиот и за романскиот се карактеристични и препозитивен и постпозитивен член. Поспозитивен член не се среќава во грчкот јазик.)

    ReplyDelete
  12. 3. Удвојување на предметот: Го видов човекот.
    (Оваа црта е заедничка за сите балкански јазици, но најмногу е застапена во македонскиот јазик.)
    4. Губење на инфинитивот и негова замена со да- конструкции: Да се знае - да се има.
    (Инфинитивот се претпочита во романскиот и албанскиот јазик.)
    5. Образување на идно време со форми од глаголот сака. Во македонскиот јазик оваа функција ја врши партикулата ќе: Ќе дојдам.
    (Оваа особеност се среќава и во српскиот; како и во хрватскиот јазик.)
    6. Глаголски конструкции со сум и имам и галголска придавка: Сум дојден, имам дојдено.
    (Овие конструкции, а посебно конструкциите со имам не се развиени во бугарскиот јазик.)
    7. Образување на компаратив и суперлатив кај придавките со морфемите по- и нај-: подобар, најдобар.

    КРАТКА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

    Словенската писменост во македонија се јавува при крајот на XI век. работата на Охритската книжеван школа, основана од Св. Климент, остави трајно обележје врз јазикот на таа писменост за која е карактеристично, особено во лексиката, доследно продолжување на јазикот, на првите словенски преводи. и првобитната азбука, глаголицата, била во полна употреба во македонија до XI век.
    Од XII век се забележуваат во македонските текстови поголеми отстапувања од стариот словенски јазик. Во XIV век се шири употребата на српската рецензија, која во македонската писменост имала доминантно место до XVIII век.
    Елементи на македонскиот народен јазик од современиот тип постепено влегуваат во јазикот на црковната литература од крајот на XVI век. Овој процес се забележува особено во т.н. „дамаскини”, преводи на проповедите на грчкиот писател Дамаскин Студит (XVI век); тој претставува извесна подготовка за воведување на македонски народен јазик во книжевна употреба, кое нешто се изврши во почетокот на XVI век во книгите на Јоаким Крчоски и кирил Пејчиновиќ.
    Меѓутоа, иако во првата половина на XIX век веќе се пишуваше на народен јазик, не беше нашла израз, во тоа време, свеста за потребата од создавање на еден општ литературен јазик. Употребата на народниот јазик се сфаќаше всушност како снижување на стилот во однос на црковнословенскиот, или, во јужните краишата на Македонија, на грчкиот, што го претставуваа т.н. висок стил.
    Првпат прашањето на литературниот јазик се поставува на разгледување во 60-тите години на минатиот век, кога македонското граѓанство, во заедница со бугарското граѓанство стапува во борба против Цариградската патријаршија и против употребата на грчкиот јазик во црквите и училиштата.
    Тоа е почетокот на македонската преродба што се изразувакако во смисла на интеграција на Словените под турска власт, така и во смисла на наполно самостоен национален развој. Отаде и прашањето на литературниот јазик се поставува во тоа време во два аспекта: од една страна постои гледиште дека треба да се создаде заеднички литературен јазик за Бугарите и Македонците, на тој начин што во него ќе бидат застапени подеднакво бугарски и македонски јазични црти; од друга страна се јавува гледиштето на т.н. македонисти, кои истакнуваат дека Македонците, како посебен народ, треба да изградат и свој посебен литературен јазик.
    Заедничко им е на овие гледишта опозиционото становиште спрема воведувањето во Македонија на бугарскиот литературен јазик, заснован врз источното наречје.

    ReplyDelete
  13. Од тој став произлезе и движењето за издавање посебни учебници за македонските школи, во кои јазикот во својата основа ја продолжуваше дотогашната македонска писмена традиција. Сето тоа беше израз на фактот што меѓу Словените во Турција се оформувале две национално-културни средишта, како што тоа го потврди натамошниот историски развој.
    Неповолните историски услови не дозволија да се стори во тоа време нешто повеќе во однос на изградувањето на македонскиот литературен јазик.
    Значаен прилог кон разработката на ова прашање донесува малку подоцна книгата на Крсте Петков Мисирков - „За македонцките работи” (Софија 1903), која претставува еден вид синтеза на дотогашниот опит во македонската писменост, и наедно укажува на натамошните насоки во национално-културниот развој на македонскиот народ, во рамките на кој Мисирков го смета создавањето на македонскиот литературен јазик примарна задача. Тој прв го разгледа прашањето за неговата народна основа, истакнувајќи дека во неа треба да влезат централните македонски говори.
    Тао што Мисирков го формулираше во однос на изградбата на македонскиот литературен јазик се приближуваше кон своето остварување во периодот по Првата светска војна, и покрај тоа што македонскиот народ, по балканските војни, беше поделен и живееше во границите на три балкански држави.
    Од пресудна важност беше тоа што во овој период ослободителните стремежи на македонскиот народ најдоа сестрана поткрепа од напредното движење во Југославија. Во 30-тите години на нашиот век оживува литерарната дејност на македонски јазик. Тоа е време на сè потесно поврзување на македонската интелигенција на заедничка културна работа, со што во голема мера се остваруваше наддијалектна јазична врска. Процесот беше успоруван со тоа што употребата на македонскиот јазик во јавниот живот (во наставата, печатот итн.) беше забранета, но не можеше да биде запрен.
    Тој се забрза во годините на Втората светска војна, со активностите на народноослободителното движење. Во текот на вој ната се создаде и по обем значаен фонд на писмен материјал на мекадонски јазик, а при крајот на војната излегуваа веќе редовно неколку бригадни и други весници и списанија (Илинденски пат, Млад борец, Нова Македонија и др.). Иако во тој материјал уште немаше јазична изедначеност, во него сосем одредено се изразува стремежот да се пишува на заедничка основа, што ја даваа централните говори. Тоа и го овозможи толку брзото решавање на тоа прашање веќе во првите месеци по ослободувањето, кога требаше само да се изврши извесно изедначување на литературниот јазик и на неговата ортографија врз основата што беше веќе поставена од предходниот развиток.
    Македонскиот јазик беше прогласен за официјален јазик на СР Македонија уште во текот на војната, на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, одржано на 2 август 1944г. во манастирот Прохор Пчински. Неговата унификација се изврши со усвојувањето на азбуката (03.05.1945) и правописот (07.06.1945) по предлог на Комисијата за јазик и правопис. Во годините на слободен живот тој, македонскиот јазик, брзо се разви во еден оформен современ литературен јазик.

    ReplyDelete
  14. СОГЛАСНИ ГРУПИ

    Во дијалектите не е уедначен изговорот на ред согласни групи.

    а) мн
    гламна, одамна, одамнешен, огламник, осамне, рамна -мно-мни.

    б) вн
    внатре, внатрешен, внатрешност, внук, внука, внуче, нивни -а -о, плевна.

    в) з во с
    без-
    бесцен, бесцуте, бесчесен, бесчеден.
    из-
    исцапа, исцеди, исцели, исцица, исцрпе, исчади, исчека, исчеша.
    раз-
    расцепи, расцути, расчепи, расчепка, расчеречи, расчини, расчисти.

    г) с или з во в
    -че
    клас - клавче, лист - ливче, гуска - гувче, мост - мовче, маска - мавче, појац - појавче, фес - февче, невеста, невевче, воз - вовче, грозд - гровче, образ - обравче.
    но: глас - гласче (не: главче, поради совпаѓањето со деминутивната форма од глава - главче).
    - ца
    маст - мавца.
    -це
    месо - мевце.

    д) с пред -ци е неизменета
    резец - ресци, лисец - лисци, женомразец - женомрасци, прасец - прасци.

    ѓ) ш пред -че преминува во в
    круша - крувче, опашка - опавче, пушка - пувче, трошка - тровче.

    е) с зад п во некои зборови преминува во в
    пцали, пцала, пцалење, пцалт, пци (од пес), пцовисан, пцовиса, пцост, пцуе, пцошки.
    но: псалм, псалтир, психа.

    ж) во средината на зборот секогаш се пишува пс, а не пц
    апсана, вапса, папса, прокопса, тепсија.
    не: апцана, вапца исл.

    з) т, д во групите с-р, з-р, и во ж-р
    се пишува т, д, во
    страна, страчка, сестра, спростре;
    здрав, здравје, здравец;
    ждребе, ждребец, ждрепка, ождреби.
    не се пишува т, д, во
    срам, се срами, срамота, среда, среде, сребро, сребрен, среќа, среќен ;
    несреќа;
    зрак, зрачи, зрее, зрел;
    узрее.

    ReplyDelete
  15. УДВОЕНИ СОГЛАСКИ

    Во нашиот јазик на составот на два дела од зборот (најчесто префикс и основен збор, или основа и членските наставки) доаѓаат во непосреден допир две исти согласки.

    1. Во многубројни примери во слеаниот изговор една од согласките се губи, и тогаш се пишува само една согласка.
    а) во префиксираните зборови:
    бестрастен(не: бесстрастен), исцеди, исекне, исече, исели, иситни, исуче, расади, расее, раседла, расече.
    б) во суфиксни образувања:
    пруски (не: прусски), руски, воен и военен - воена, воено, камени каменен - камена, камено, камени, пламен и пламенен - пламена, пламено, пламени, опозиционен - опозициона, опозиционо, опозициони, ротационен - ротациона, ротационо, ротациони.
    в) кај именките на -ст¬ во членувана форма:
    болест - болеста (не: болестта), жалост - жалоста, радост - радоста.
    г) во членуваната форма на бројот 6
    шест - шесте (не: шестте).

    2. Во ред случаи поради потцртаната граница меѓу деловите на зборот, или поради потребата да се разликуваат значењата на зборовите, не дошло до слевање на согласките, и тогаш се пишуваат двојни согласки.
    а) Удвоено се пишуваат согласките з, с, во префиксираните зборови со без-, из-, раз-:
    без-
    беззабен, беззаветен, беззаконие, беззаконик, беззаконица, беззаштитен, безземјен.
    но: безвучен, безначаен, безлобен.
    бессемен, бессеменост, бессилен, бессилност, бессовесен, бессовесник, бессовесност, бессодржаен, бессолен, бессолзен, бессонен, бессоница, бессочен, бессочност, обессилен, обессили.
    но: бесмртен, бесмислен.
    из-
    иззаборави, иззавиткса, иззаврзе, иззабради, иззакачи, иззаклучи, иззакрпи, иззалепи.
    раз-
    раззелени, разземе, раззема, раззине, раззори.
    рассали.
    б) Согласките д, т, удвоено се пишуваат во сложените зборови со префиксите од-, над-, под-, пред- .
    од-
    оддава, оддаде, оддалеку, оддалечи, оддел, одделение, одделеност, оддели, одделно, одделност, оддене, одденува, оддесно, оддив, оддивне, оддипли, оддиши, оддолжи, оддоми.
    оттаму, оттиши, оттогаш, оттука, оттури, оттурне, оттуши.
    над-
    наддава, наддавач, наддаде, наддели.
    наттрча.
    под-
    поддава, поддаде, поддоаѓа, поддржи, поддршка, поддувне, поддуши.
    поттекст, поттик, поттикне, потточка, поттура, поттури
    в) Удвоено т се пишува и во членуваната форма на именките од женски род што завршуваат на -т.
    живот - животта., пот - потта, пролет - пролетта, смрт - смртта.
    исто и во членуваната форма на простите и редните броеви што завршуваат на -т:
    пет - петте, девет - деветте, десет - десетте, единаесетте, дванаесетте, дваесеттите, триесетите, исл.; петти, петтиот, деветти, деветтиот, десетти, дваесетти, триесетти.
    г) Со удвоено т се пишуваат и бројните образувања (делови) од типот :
    петтина, дваесеттина, триесеттина - кога означуваат дропка (една петтина, две петтини),
    за разлика од бројните именки (приближните броеви) : петина, дваесетина, триесетина.
    д) Двојно ј се пишува во суперлативната форма кај придавките што почнуваат со ј:
    јак - најјак, најјако, најјако; јадар - најјадар; јасен - најјасен, најјасно; јужен - најјужен, најјужно.
    исто и кај именките: најјунак.
    ѓ) Сонантот м удвоено се пишува во бројните форми:
    седуммина, осуммина (во членуваните форми: седумтемина, осумтемина; не: седуммината, осуммината).
    е) Во неколку зборови се пишува удвоено л:
    јамболлија, каллив, бакаллак.

    ReplyDelete

Note: Only a member of this blog may post a comment.